Ентузијазам и нова динамика во македонско-бугарските односи по седницата во Софија | Северна Македонија | DW | 25.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ентузијазам и нова динамика во македонско-бугарските односи по седницата во Софија

Потпишани се три меморандуми, работните групи ги утврдија роковите за исполнување на приоритетите, а Мешовитата комисија за историски и образовни прашања засилено ќе работи во наредниот период.

Северна Македонија и Бугаријаја интензивираат и зајакнуваат соработката, со цел што поскоро остварувањето на зацртаните задачи и решавање на спорните прашања меѓу двете земји. Двајцата премиери, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, на прес-конференција по средбата во вилата „Бојана“ во Софија, каде денеска се одржува заедничка седница меѓу владите на двете земји, изразија задоволство дека е постигнат напредок и успех уште на првата средба. Потпишани се три меморандуми, работните групи ги утврдија роковите за исполнување на приоритетите, а она што беше особено потенцирано е дека по неколкумесечниот застој, се најавува зајакната активност на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања. Таа во наредните четири месеци е договорено да одржи три официјални средби, а во меѓувреме ќе се одржуваат и други разговори и консултации. 

Ентузијазам 

„Во историската комисија денеска забележавме друго ниво на ентузијазам и нов режим на работа. Планирано е да има три средби во следните четири месеци. Тоа ќе даде друг ритам на работата што треба да се заврши“, изјави Петков, оценувајќи ја средбата во Софија како многу важна и успешна. 

Sofia Gemeinsame Sitzung Premierminister Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov

Двајцата премиери на прес-конференција по средбата во вилата „Бојана“ во Софија,изразија задоволство дека е постигнат напредок.

„Имаме три реални потпишани меморандуми за важни прашања - земјоделство, мали и средни претријатија и за развој на железничката врска Софија - Скопје. Тоа е новиот пристап со нова енергија и реални резултати. Овие меморандуми имаат за цел економски развој на целиот регион, а граѓаните треба да ги почувствуваат ефектите врз подобрувањето на стандардот во двете земји“, вели бугарскиот премиер. 

Двајцата премиери се децидни дека нема да дозволат актуелните политички кризи во регионот и пошироко да влијаат на процесот. „Ние сме тука оти не се плашиме од кризи и сме уверени дека можеме да ги решиме“, вели Петков. 

Критериуми за успешност 

Заедно со напредувањето на економската и образовната соработка меѓу двете земји, ќе се решаваат и политичките прашања кои се услов на евроинтеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски е оптимист. 

„Ако сме кажале дека ќе има авионска линија меѓу Скопје и Софија, критериум за успешност е ако следната недела имаме оператори кои од Софија ќе дојдат во Скопје или обрано, каде ќе разговараат за економски најодржливата авионска линија која би се воспоставила и би почнала со комерцијални летови од 1 март“, изјави Ковачевски. 

Sofia Gemeinsame Sitzung Premierminister Dimitar Kovacevski und Kiril Petkov

Заедно со напредувањето на економската и образовната соработка меѓу двете земји, ќе се решаваат и политичките прашања.

За успех меѓу двете држави ќе се смета и ако во 2023 година, бидат реализирани 13 километри пат до граничниот премин „Клепало“ и да се отвори овој граничен премин.

„Во однос на политичките прашања, критериум за успешност е доколку низ разговор на сите овие комисии и низ еден политички дијалог меѓу владите, постигнеме договор и во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ“, рече Ковачевски. Во однос на прашањето за влез на Бугарите во македонскиот устав, тој го повтори ставот дека, доколку има такво барање, ова прашање може да се отвори пред влезот во ЕУ, бидејќи тогаш се отвара Уставот за да се направат и други адаптирања. 

Претходно работните групи меѓу Северна Македонија и Бугарија во рамки на заедничката меѓувладина седница во Софија одржаа одделни состаноци.Работните групи беа утврдени за време на официјалната посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје на 18 јануари. Во воведното обраќање, Димитар Ковачевски рече дека Скопје и Софија ќе покажат дека и на Балканот може да се соработува. Неговиот бугарски колега, пак, порача дека верува дека овој дијалог ќе го замени национализмот. 

 

Поврзана содржина