Екс-генералот Радев и нервозата во Бугарија | Свет | DW | 14.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Екс-генералот Радев и нервозата во Бугарија

Румен Радев победи на претседателските избори во Бугарија. Денеска премиерот Борисов ги оствари најавите за оставка на владата. Бугарија чекори кон нестабилност и масовни протести, оценува Александер Андреев.

Изборот на екс-генералот Румен Радев за нов претседател на Бугарија води кон нова нестабилност на фрагилната граница меѓу Турција и Европа, која е во криза. И тоа не поради тоа што тој е пријателски настроен кон Русија, туку затоа што земјата во наредните месеци практично останува без влада. Проблемот е во тоа што на кормилото на земјата доаѓа неискусен, националистички ориентиран претседател, кој досега остави блед впечаток и слика на политичка беспомошност.

Малцинската влада на премиерот Бојко Борисов, чија партија ГЕРБ е дел од Европската народна партија, денеска даде оставка, затоа што нејзиниот кандидат Цецка Цачева беше убедливо поразена од кандидатот на Социјалистичката партија, Румен Радев. Борисов со своите закани дека ќе поднесе оставка всушност сакаше да ги мобилизира избирачите на ГЕРБ, но не можеше да ја компензира непопуларноста и безидејноста на Цачева. Сега падна во сопствената стапица и мора да ја спроведе заканата.

Западните набљудувачи повеќепати предупредија дека доколку Радев биде избран, ќе води проруска политика. Ваквиот впечаток е создаден со фактот што Радев е кандидат на традиционално проруската Социјалистичка партија и врз основа на тоа што тој практично ја призна анексијата на Крим. Меѓутоа, впечатокот е погрешен. Политички наивните изјави на екс-генералот за припадноста на Крим и за неопходноста од укинување на санкциите против Русија може да се објаснат само со неговото политичко неискуство. Луѓето кои добро го познаваат тврдат дека делумно во САД образованиот и, сепак, екс-НАТО-генерал Радев, кој добро зборува англиски, германски и руски, нема намера да ја промени ориентацијата на ЕУ и НАТО членката Бугарија.

Од Радев произлегува друга опасност. И тој, како и повеќето бугарски офицери, е силен националист, кој очигледно ги негува традиционалните бугарски предрасуди кон НАТО-партнерот и големиот сосед - Турција. Кон тоа треба да се додаде и фактот дека бугарското население во моментов е на работ на масовна хистерија по прашањето на опасноста од бегалците од Турција. Деветмина од десет Бугари стравуваат дека Ердоган наскоро „ќе ги отвори рампите“ и со тоа ќе ја преплави земјата со десетици илјади Арапи и муслимани (кои во Бугарија воопшто не се омилени). Ултранационалистите, кои водеа ужасно агресивна ксенофобична кампања против бегалците и мигрантите не добија туку така над 17% гласови на првиот круг гласање пред една недела. За мнозинството избирачи Радев на вториот круг избори беше вистинскиот избор: екс-генерал со цврста рака, кој би ги затворил границите и би ѝ се спротивставил на Турција ако е тоа потребно. Претседателот во Бугарија има мало влијание врз политиката, но веројатно е дека би тргнал по стапките на Орбан и Качински и би ја водел Бугарија во насока на Вишеградската група. Ова особено во период без влада.

Додека се одржат предвремени парламентарни избори ќе минат месеци, со оглед на тоа што претседателот на заминување Росен Плевнелиев - според Уставот - не може да распише нови избори непосредно пред да си замине од функцијата. Дотогаш земјата, која стана многу нервозна, нема да има стабилно раководство. Освен тоа, доаѓа зима, времето на високи сметки за струја и греење, кои често се причина за протести во Бугарија. Можеби токму во тоа се крие некаков циничен план на Борисов: луѓето неколку месеци да се држат во несигурност и страв, за тој да се врати на коњ и да победи на изборите.

Доколку навистина има таков план, тој е исклучително опасен. Зашто мешавината од страв, несигурност, непријателство кон странци, сиромаштија и увереност дека земјата е заборавена од Европа, поврзана со очекуваните масовни протести со националистички белег, е исклучително експлозивна. И сето тоа директно на фрагилната граница меѓу Турција и Европа, која е во криза.

 

DW.COM

Реклама