Екстра трошење, минимално штедење, максимално задолжување - Власта бара „пас“ за нов ребаланс! | Македонија | DW | 30.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Екстра трошење, минимално штедење, максимално задолжување - Власта бара „пас“ за нов ребаланс!

Рецептот за обезбедување пари за обесштетување на поплавените е сѐ, само не домаќински, предупредуваат упатените. Власта брза предизборно да го „протне“ и буџетот за 2017!

Намален раст, зголемен дефицит, нови задолжувања. Ребалансот на ребалансираниот буџет за 2016 година е пред пратениците во Собранието. Штетите од поплавите се клучниот мотив за експресното прекројување на државната каса- второ годинава - со кое власта сака да обезбеди 36,4 милиони евра за помош на настраданото население:

„Дополнителните средства наменети за санирање на штетите делумно се обезбедуваат со заштеди од одредени позиции кај буџетските корисници, а делумно со зголемување на буџетскиот дефицит. Со овие измени и дополнувања се опфатени и извршени прераспределби во рамките на буџетските корисници согласно член 33 од Законот за буџетите“, стои во документот доставен до Собранието.

Куп непродуктивни трошоци

Начинот на кој власта сака да обезбеди пари за санирање на штетите, според опозицијата, е безмалку расипнички. Наместо штедење повторно ќе се зголемува дефицитот, а ќе се трупаат и нови долгови, предупредија социјалдемократите, кои на денешната комисиска расправа најавуваат десетина амандмани:

„Власта повторно сака да обезбеди плус пари во буџетот, а не сака да се откаже од непродуктивните трошења. Само доколку се откажат од Панорамското тркало и Рајската градина ќе заштедат 33 милиони евра, плус 20 милиони евра од четвртата еврообврзница наменети за бегалската криза. Има еден куп непродуктивни трошоци од каде може да се крати наместо да се прави ребаланс со нови задолжувања и трошење на еврообврзницата“, предупредија социјалдемократите.

Нетранспарентност

Структурата на прекроената државна каса открива низа нелогичности, како на пример зголемување на средствата за плати и надоместоци, патни и дневни расходи, привремени вработувања. Повторно се крати и во делот на капитални инвестиции, а нема ниту денар плус за водоводи и канализации за општините.

Petar Gosev

Петар Гошев: Најстрашно е што сме соочени со рекордно задолжување

Експертската јавност предупредува дека власта прави нов обид за манипулација и тоа само еден месец откако се задолжи на странскиот пазар со 450 милиони преку издавање на еврообврзница. Дел од нив реагираат дека ставките во буџетот се нетранспарентни и отвораат сомнеж за што и како ќе се трошат парите наменети за резерва. Клучно во целата операција е што повторно се зголемува дефицитот на 4% од БДП, што значи и ново рекордно задолжување. Или преведено во пари, за покривање на минусот ќе бидат потребни 376 милиони евра:

„Лудилото се зголемува, повторно сме сведоци на зголемување на дефицитот, трет пат годинава. Од 3,2 па 3,6 и сега 4% од БДП. Но кој знае колку е неофицијалниот. Најстрашното е што сме соочени со рекордно задолжување. Дефицитот сега тежи 376 милиони евра, но заедно со отплатите на кредити во 2016 година со овој ребаланс новото задолжување ќе нѐ чини 44,6 милијарди денари или фантастични 725 милиони евра. Ова најново мајтапење со државата и државјаните на Македонија не било поради клучниот збор 'Панорамското тркало' во фекалиите на Вардар (СДСМ), туку поради клучниот збор 'хуманост' (ДПМНЕ)“, предупредува поранешниот министер за финансии и гувернер Петар Гошев.

Чуму толку брзање?

Дел од експертите веќе предупредија и изразија сомнеж што власта толку брза и преку зголемување на буџетот сака да обезбеди дополнителни средства за поплавените, иако штетите на терен се далеку од детално сумирани. Како што дознава Дојче веле, на власта не ѝ се брза само со овој ребаланс, туку и со буџетот за 2017 година. Во Министерството за финансии, според информациите, забрзано се подготвувал буџетот за наредната година кој власта сака да го „протне“ пред изборите во декември, или најдоцна до почетокот на октомври, до кога во таков случај би функционирал и овој состав на парламентот. Во таков случај тоа би било прв пат во историјата на независна Македонија да се донесе буџет на безмалку четири месеци пред истекот на годината. Ваквата операција, според дел од експертите, е политички сомнителна, но од формално правен аспект сепак издржана:

Mazedonien Parlament in Skopje

Ребалансот на ребалансираниот буџет за 2016 година е пред пратениците во Собранието

„Според законот, нема ограничување за тоа кога најрано може да се донесе буџетот. Оттука, формално-правно нема пречки Буџетот за 2017 да се донесе и во наредните денови, пред изборот на замениците министри од страна на СДСМ (кои би требало да бидат избрани во наредните две недели, доколку партиите се согласат на избори во декември). Иако би било крајно проблематично од политичка гледна точка буџетот да се донесе уште во септември, неколку дена по донесувањето на ребалансот на буџетот за претходната година и неколку дена пред изборот на дополнителниот заменик министер, со оглед на тоа што живееме во држава во која во политиката не важат никакви правила, не би ја исклучил оваа можност“, коментира економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ

Ваквото брзо и рано носење на буџетот, според него, би ѝ одговарало на власта барем заради две причини:

„Прво, со ова би избегнале евентуални опструкции од страна на дополнителниот заменик министер за финансии. Второ, со ова би демонстрирале сила и ароганција и би дефокусирале од други важни прашања. Затоа, би кажал дека ништо не би ме зачудило“, предупредува Јовановиќ.

Дел од упатените пак предупредуваат дека во услови на избори во декември пореално и политички покоректно би било да се оди со времено финансирање, што е и законски утврдено, а носењето на буџетот за 2017 да се остави на идната влада. Сепак, колку актуелната власт е подготвена за ваков вид работење се покажа на „црниот понеделник“, односно во периодот кога се носеше буџетот за 2012 година. Соочена со стотици амандмани од страна на опозицијата, наместо долга и продуктивна амандманска расправа власта тогаш одлучи да употреби сила!

DW.COM

Реклама