Екстерното закажано, дали сепак и ќе се одржи!? | Панорама | DW | 08.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Екстерното закажано, дали сепак и ќе се одржи!?

Власта во заминување не се откажува од екстерното тестирање. СДСМ чека да формира Влада за експресно да го укине! Основците и средношколците збунети, родителите вознемирени. Ќе има, или не полагање во јуни?

Грчевитата битка на ВМРО ДПМНЕ да се задржи власта што е можно подолго создава хаос и во образованието. Пред крајот на учебната година илјадници основци и средношколци се пред огромна дилема. Да се подготвуваат или не за екстерно тестирање. Државниот испитен центар деновиве објави 450 илјади прашања за екстерното тестирање кое треба да се одржи од 5 до 9 јуни. Проектот упорно се турка наспроти најавите од новото парламентарно мнозинство дека веднаш ќе го укине. Идејата е ова да се спроведе веднаш откако ќе се формира влада, но дилемата е кога тоа и ќе се случи. Ваквата состојба нормално предизвикува хаос. Учениците ни криви ни должни се збунети и под притисок, родителите пак вознемирени:

„Ова што се прави со екстерново навистина ги преминува сите граници. Па и децава ни станаа жртви на политиката. Во училиште ни велат, нека се подготвуваат, а јавноста буквално врие дека ќе се укине. И кажете ми Вие сега што да правиме. Секоја година стрес, а сега уште ова, да не знаеме што да правиме. Па нека го укинат веќе и нека престане овој притисок“, реагира Александра, родител на двајца основци.

Родителите се нервозни, но учениците збунети: „Најавата дека ќе се укине тестирањево е одлична. Но навистина не знам што да правам. Професорите ни велат ние да си се подготвуваме, но зошто дополнително да се оптоваруваме ако за тоа нема потреба. Па не е играчка сепак работава. Знаете ли колку е стресно, наместо во јуни да се радуваме, ние стравуваме и глава не дигаме од книга, а за што?“, реагира Ана, ученик во втора година во една од скопските гимназии.

Итно расчистување на дилемите

Лидерот на СДСМ Зоран Заев деновиве порача дека укинувањето на екстерното тестирање како  едно од неговите ветувања во изборната кампања ќе биде веднаш реализирано:

„Многу родители, многу наставници, многу деца чекаат да го укинеме екстерното тестирање, заради тоа што тоа е на крајот на мај или на почетокот на јуни, за да бидат начисто, оти и психолошки делува, верувам, и на целиот образовен процес при финишот на учебната година“, изјави Заев.

Во вакви услови дел од експертите апелираат на итно расчистување на дилемите. Предупредуваат дека е недозволиво учениците да бидат жртви на политичките игри:

„Ова што сега се случува е разбирливо дека предизвикува вознемиреност пред се кај децата но и кај родителите. Бидејќи еве го јуни, а тестовите се закажани. Но дилемите мора да се расчистат. Лично сметам и да се формира набрзина владата нема да има доволно време за да за да се направат законски измени. За таков еден процес потребен е  подолг период бидејќи се потребни анализи и тоа детални. Затоа мислам дека во конкретниов случај  подобро ќе биде да се оди на одлука за одложување на обврската, а потоа да се работи и на нејзино укинување. Секако откако ќе се формира новата Влада“, предупредува универзитетскиот професор и поранешен министер за образование Ненад Новковски.

Од новото парламентарно мнозинство пак велат дека нема да има потреба од какви било одложувања. Се било подготвено да се спроведе веднаш што се формира новата Влада:

„Законската замена е подготвена и таа веднаш ќе оди на седница на парламент. Проектот се покажа толку лош така што заслужува да биде укинат. Она што му е потребно на образованието е квалитет,но со вакво екстерно никогаш. Она што ние го подготвуваме е Центар за обезбедување на квалитет, нова институција, кој ќе врши редовна евалуација на образовниот систем преку целата година. Државата или образовните институции имаат обврска да се обезбеди квалитет, преку учебници, мотивирани деца, наставници а не преку мизерин тестови и казни", реагира Петар Атанасов претседател на комисијата за образование во СДСМ.

Погрешни принципи

И поголем дел од експертите веќе одамна реагираат и предупредуваат дека екстерното тестирање е поставено и се спроведува врз погрешни принципи. Она што е потребно се суштински реформи, базирани на анализа, а не ад хок реформи:

„Ваквите или слични законски решенија ги има секаде и она што првично се планираше кај нас беше добро. Но проблемите настанаа подоцна кога се случија дополнувања во законот посебно во делот на дисциплинските мерки, односно казнените одредби што се однесуваат на училиштата, учениците но и на професорите. Проблемот е што во законското решение кај нас се содржани и делови кои во некои други земји се покажале како лоши и штетни, но кај нас тие постојат. Затоа мислам дека овој проект мора да се укине и да се бараат други начини за унапредување на состојбите во образовниот систем“, категоричен е Новковски. 

Колкава е потребата од промени, или какви се ефектите од политиките во образовниот систем покажуваат меѓународните истражувања. Резултатите се поразителни. Последниот ПИСА тест кој опфати половина милион ученици во 72 земји ја рангираше Македонија на дното, заедно со Косово и Доминиканската Република. На проблемите укажа и Светска банка која предупреди дека македонските ученици покажуваат најлоши резултати, иако земјата споредено со регионот вложува најмногу во образованието. Досега имаше неколку обиди во собранието за укинување на екстерното тестирање. На двапати беше покрената и иницијатива пред уставниот суд но тие беа отфрлени.

 

DW.COM

Реклама