„Паничните набавки“ од супермаркетите се префрлија во глобалната економија | Економија | DW | 21.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

„Паничните набавки“ од супермаркетите се префрлија во глобалната економија

Економскиот бум по рецесијата предизвикана од пандемијата води кон панични набавки на репроматеријали од страна на компаниите ширум светот. Ова има забележително влијание, особено врз германската индустрија .

Во трката за итно потребните суровини и технички компоненти, европските и германските компании сѐ повеќе заостануваат во споредба со оние од САД, кои се значително подобри во трката по многу неопходните набавки. Тоа е резултат на светската трговска студија на кредитниот осигурител Ојлер Хермес. Диспропорцијата се објаснува со временски различното закрепнување на економиите од последиците од локдауните во светот. Американската економија повторно забележа раст многу порано и помоќно отколку стопанството во Европа. Резултат: испораките на стоки од Кина во САД во моментов се зголемуваат за околу 30 проценти, додека оние за Европа се зголемуваат само за околу десет проценти.

Трка за надополнување на репроматеријалите и суровините

„Паничните набавки во моментов се во глобална трговија“, рече шефот на Ојлер Хермес во Германија, Австрија и Швајцарија, Рон ван хет Хофџ, алудирајќи притоа на паничните приватни набавки во супермаркетите на почетокот на пандемијата. „Во трката за стоки, сепак, САД е очигледно еден чекор понапред“. Ова главно се должи на фактот дека американската економија повторно зема замав значително порано.

Компаниите ширум светот очајнички се обидуваа да ги надополнат своите залихи. „Ова во моментов, меѓутоа не е воопшто лесно: Со оглед на тековните тесни грла во синџирот на снабдување, особено во самите бродски контејнери и најдолгите доцнења по една деценија, цените, а со тоа и трошоците за светска трговија ,се зголемуваат во галоп до нови рекорди “.

Германските компании ги удвојуваат своите залихи

Во оваа ситуација, повеќето европски земји, а особено Германија, би имале потешкотии да ги надополнат своите и онака веќе мали залихи на репроматеријали. „Компаниите го удвојуваат својот инвентар“, изјави Ларс-Петер Хафеле, управен директор на консултантската куќа Инверто, специјализирана за купопродажба и снабдувачки синџири, за весникот „Ханделсблат.“ Од страв од тесни грла во снабдувањето, многу компании моментално нарачуваат повеќе отколку што всушност им треба, вели Хафеле. Ако пред корона-кризата тие во просек во складиштата чуваа репроматеријали што беа доволни за производство од три до шест месеци, во моментов тие складираат стоки за шест до дванаесет месеци производство.

Повеќе:

-Коронавирусот уништи сто милиони работни места

-Германската економија со пад од пет проценти во 2020

-ЕУ во 2021: Со огромни задолжувања против коронавирусот

„Тоа масивно ја влошува ситуацијата“, вели Хафеле, посочувајќи на цените на суровините и на транспортните трошоци. Никој не може да избега од притисокот: „Компаниите во сите индустрии во моментов се соочуваат со зголемување на цените“, вели Хафеле.

Светска трговија - закрепнување брзо и силно

Од почетокот на годината, светската трговија закрепна побрзо и посилно од очекуваното, особено во однос на вредноста на стоките и услугите со кои се тргува. Ова најверојатно ќе продолжи и во целата 2021 година и обемот на тргуваните стоки и услуги ќе достигне силен плус од 7,7 проценти (2020 година: минус од осум проценти), како што е наведено во студијата на Ојлер Хермес. Поради растечките цени, вредноста на стоките и на услугите, пак, најверојатно ќе се зголеми за дури 15,9 проценти (2020 година: минус од 9,9 проценти).

Причините за ваквиот раст само во околу 15 проценти се должат на нормализацијата на понудата и побарувачката, во 50 проценти, пак, на тековното трупање на репроматеријали, и во околу 35 проценти на високите транспротни цени поради кусокот на бродски капацитети.

Бродските компании за превоз на контејнери моментално наплатуваат многу зголемени цени за глобалните транспорти на стоки, од кои околу 90 проценти се вршат по морски пат. „Бродските капацитети најверојатно краткорочно и натаму ќе останат оскудни“, вели Ван хет Хоф. „Причините за ова, покрај регионално многу нерамномерниот економски раст, се и недоволните инвестиции во бродскиот транспорт во последните години. Бидејќи транспортните капацитети не можат да се зголемат за кратко време, тој - како и самите бродски компании - очекува натамошни тесни грла до 2022 година.

Особено погодена е германската индустрија

Германија страда особено од овие проблеми, бидејќи ретко која друга економија во ЕУ е толку глобално вмрежена како германската. Растот во Германија, најголемата економија во ЕУ, разочара во вториот квартал со „само“ 1,5 проценти.

„Како мотор на автомобилската индустрија, Германија страда многу повеќе од меѓународните тесни грла, бидејќи е многу повеќе зависна од увезените примарни производи од Југоисточна Азија и од Кина“, истакнува Селин Озјурт, економист во Ојлер Хермес.

Така што, веќе сега се наѕира дека многу автомобилски производители ќе се обидат растечките трошоци за репроматеријали и делови да им ги префрлат на протрошувачите. Цените на автомобилите, според проценките на експертите од Ојлер Хермес, во наредните месеци би можеле да пораснат меѓу четири и десет проценти.