Ковид-пакет: Дали владините мерки за стопанството се по мерка? | Економија | DW | 16.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Ковид-пакет: Дали владините мерки за стопанството се по мерка?

Долгоочекуваниот петти анти ковид пакет е добредојден но колку и доволен за стопанството и граѓаните. Бизнисмените и синдикатите се генерално задоволни. Владата очекува стабилизирање и раст на економијата.

Поддршка за плата или бескаматен кредит за фирмите, отпис на камати, одложување на плаќање долгови, поддршка на извозот и технолошкиот развој. Петтиот пакет-мерки кој го обелодени Владата е продолжение на стратегијата за зачувување на стабилноста на економијата, но и враќање на стапките на раст.

Поделен во четири сегменти, тој е насочен кон сите сектори во економијата, но главно кон оние кои се најпогодени од кризата: „Овој пакет директно се надоврзува на претходните четири, а има за цел да ја придвижи економијата кон нам познатите стапки на раст од 4 до 5% односно на динамиката на раст која што ја имавме пред пандемијата. Кај повеќето мерки поддршката ќе се користи до крајот на 2021 година со цел да имаат влијание и ефект врз економијата во текот на целата година. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП од вториот квартал на 2021 година“, изјави премиерот Зоран Заев.

Целиот пакет содржи 29 мерки и е „тежок“ 160 милиони евра од кои 91,7 милиони се директни буџетски трошења. Клучната, поддршката за плати останува, но со промени кои даваат дополнителни поволности на компаниите. 

-повеќе на темата: Ќе се бришат камати, долгови ќе се отплаќаат на 12 рати

За февруари и март се предвидени околу 30 милиони евра поддршка за плати на околу 60 илјади работници. Финансиската поддршка ќе биде скалеста во износ од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен во зависност од тоа која компанија колкав пад на приходи имала во текот на ноември и декември 2020 и јануари 2021 година споредено со 2019 ноември и декември и јануари 2020.

Оваа мерка е за дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организирање настани, приватни здравствени установи. Втората опција за нив е наместо плати, да користат бескаматни кредити во вкупен износ од 10 милиони евра кои ќе се доделуваат преку Развојната банка. За разлика од претходно, парите за платите ќе можат да не се враќаат во буџетот:

„Досега компаниите кои што покажуваа добивка, а беа помогнати имаа обврска да вратат 50% од парите. Со овој пакет мерки ги стимулираме компаниите да растат и да покажуваат добивка и ако одлучат да ги инвестираат тие пари тогаш нема да мора да ги вратат во буџетот. Тоа е новината заради тоа што одиме кон излез од кризата и рестарт на економијата. Секако, бројот на вработените како услов треба да биде останат како оној во декември 2020 година. Да немаат намалување на бројот на работници“, објасни Заев.

Надеж за излез од кризата

Бизнисмените се задоволни што Владата ги слушнала нивните предлози и проблеми. Мерките според нив се дизајнирани на потребите на стопанството и даваат позитивна надеж:

„Мислам дека Владата ги послуша барањата на бизнис заедницата која во најголем дел инсистираше поддршката за исплата на плати да остане и понатаму. Сега имаме и можност дали ќе конкурираме за плати или за бескаматни кредити. Мислам дека и критериумите за приходите се добро направени затоа што 2020 беше ненормална година. Тоа е прифатливо и е добро затоа што кризата во некои сектори очигледно дека ќе трае, можеби и после март, но да видиме, што ќе се случува кај големите трговски партнери Германија и Италија ако се намалат рестрикциите можеби ќе почнеме и полека да излегуваме од кризата“, коментира за Дојче веле Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи.

Делумно задоволни се и синдикалците. Поддршката за плати останува, иако не како што тие бараа да се исплаќа директно на сметките на работниците што беше злоупотребувано од некои од фирми:

„Добро е што останува поддршката, која сепак нема да оди директно на сметките на работниците, но ајде еве гледаме периодов како Управата за јавни приходи барем ги има притиснато сите оние кои што злоупотребуваа минатиот период, така што не веруваме дека некој ќе се осмели и овој пат да не им ги додели парите на работниците. Инаку генерално не можеме да кажеме дека сме незадоволни“, коментира за Дојче веле Марјан Ристески, претседател на Конфедерација на синдикални организации.

Отпис на камати и долгови

Освен за платите, добрата вест за граѓаните е што ќе се прави отпис на каматите за долговите кон јавните, државните претпријатија и општините. Истовремено се нуди и можност за долговите од над три месеци да се репрограмира враќањето до 12 рати. За таа цел, како што најави премиерот ќе има и јавен повик во времетраење од пет месеци на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани граѓани. За да биде целосно успешна оваа мерка, Заев ги повика и приватните компании да се вклучат во оваа операција согласно нивните можности.

Mazedonien Land und Leute - Rentenversicherung Fond in Skopje

Се нуди и можност за долговите од над три месеци да се репрограмира враќањето до 12 рати

„Апелирам и приватните компании да се вклучат, секако доколку можат, за да може да се направи репрограмирање на долговите. Граѓаните кои што редовно плаќаат треба да знаат дека ова не е обесхрабрување за нив. Сепак посиромашните граѓани имаат солидарен аспект, главниот долг ќе го платат, апелирам сите да си ги плаќаме јавните давачки, а еве државата ќе наоѓа вака начини на најсиромашните да им ги брише каматите“, изјави Заев. 

-повеќе на темата: Северна Македонија има најевтина храна и пијалоци во Европа

За вклучување и на приватните компании во овој процес инсистираат и синдикатите кои веќе имаат и конкретни активности околу ова:

„Ова со каматите е добро, иако ние се уште разговараме ваква мерка да има и за приватните компании, не само за државните. Бараме и законот за облигациони односи да се промени со што ќе се оневозможи и каматите да растат вртоглаво. Во таков случај и извршителите нема да ги чуваат по фиоки долговите и каматите нема да растат. И тоа треба да се направи оти вака каматите одат до бескрај“, коментира Ристески. Новина во овој пакет е што во него помош ќе има и за тутунарите и лозарите. Само за тутунопроизводителите, предвидени се пет милиони евра за поддршка во годината која е исклучително предизвикувачка и проблематична:

„Потегот на Владата е во ред и за поздравување, ако ни ги доплатат како што ни ветија парите за разликата на откупната просечна цена до 180 денари, тогаш можеби малку и ќе се ублажи работата. Ќе бидеме секако задоволни и ќе се ублажат проблемите“, изјави за Дојче веле Менде Стомнароски од Сојузот на земјоделци.

Поддршка за извозот

Во петтиот пакет мерки, предвидена е директна поддршка за извозните компании, фирмите кои се занимаваат со транспорт на стоки и патници, а ќе има и гарантен фонд, односно кредитна гарантна шема за гаранција на кредити до 30 милиони евра. Сите радиодифузери годинава се ослободуваат од плаќање на концесии и обврски за дигитализацијата. Се продолжува грејс периодот за отплата на Ковид 2 кредитната линија до крајот на годинава, а по барање на бизнис заедницата се укинуваат царините за над 70 суровини до крајот на 2021. Дополнително, извозните компании добиваат и поволности за укинување и намалување на царините за уште 31 суровини. Помош добиваат и општините, кои нема да мора да ги враќаат неискористените дотации за капитални инвестиции. Овие пари ќе имаат можност да ги искористат за слични проекти. За реализација на петтиот пакет мерки, во буџетот за годинава се предвидени 50 милиони евра. Во зависност од динамиката на реализација на мерките, ќе се прави и ребаланс на буџетот за пренамена, односно обезбедување на дополнителните финансиски средства.

DW.COM