Економијата во 2016- статистички во раст, реално во стагнација! | Македонија | DW | 30.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Економијата во 2016- статистички во раст, реално во стагнација!

Повеќе популизам помалку реални промени. Годинава што заминува сакаат да ја заборават сите. И граѓаните и бизнисмените!

Економијата расте, невработеноста се намалува, извозот се зголемува, животниот стандард тапка во место или се влошува. Македонската економија е веројатно меѓу ретките во Европа каде статистиката и реалноста се две спротивставени категории. Ако ги слушате политичарите, посебно оние кои до вчера беа на власт, во земјата само што не протекле мед и млеко. Но само една обична анкета меѓу обичниот народ ќе ви долови дека работите стојат многу поинаку: 

„Каде сме економски на крајот од годината? На дното, каде можеме, со овие ниски плати, со европски цени, со власт која се луксузира за циркуси, угушени во загаден воздух, ете до таму сме“, коментира 50 годишниот  Горан К. жител на Скопје.

Деновите ги брои, но не од годината, туку од месецот, кој како што вели едвај го прикрпува и тоа за најосновните потреби:

„Платата ми е 18 илјадарки и што е најтрагично, не ни можам да кукам затоа што повеќето што ги познавам се со помали примања. Но што да правам кога навистина не стигнува. На сите картички сум во минус, живот на рати, тури претури да се преживее“, се жали  Горан.

Реалните примања и статистиката

Ретко кој не ја дели неговата судбина. Без кредит и минусно салдо тешко се живее во Македонија. Во просек, секој Македонец им должи на банките по нешто повеќе од 1000 евра или три просечни плати. Или многу повеќе, ако се земе предвид статистиката која покажува дека дури 70% од вработените земаат пониска плата од онаа што ја прикажува статистиката како просек од околу 350 евра. Доминантниот дел, или две третини преживуваат со мизерни 200 евра, а добар дел и со помали плати.

Податоци, кои доволно покажуваат колкав е реалниот стандард на граѓаните наспроти минималните основни потреби. Само за илустрација, месечната кошничка која статистиката одамна престана да ја мери е далеку поскапа и според пресметките на Синдикатите таа надмина 500 евра. Во вакви услови оправдани се дилемите околу тоа колку економските параметри што се прикажуваат се и реален одраз на вистинските состојби во економијата. Експертите се загрижени:

„Веројатно статистиката има големи проблеми, веќе тоа не е само една година, очигледно дека имаме статистика која е претворена во полза на политичките циклуси и обично таа прикажува различни индикатори во економска смисла во однос на реалниот живот. Платите не можат да растат, куповната моќ исто така, потрошувачката кошничка расте со поголема динамика, ако се претвори тоа во реална куповна моќ ќе се види дека граѓаните живеат се` полошо и полошо. Од година во година се влошува нивниот животен стандард, а од друга страна статистиката продуцира позитивни макроекономски индикатори меѓутоа тоа не се совпаѓа со реалноста“, предупредува академик Абдулменаф Беџети. 

Драматично зголемен долг

Наспроти позитивните макроекономски податоци и проекции за 2016 година Беџети не е оптимист дека ќе има позначајни промени:

„Сето ова очигледно нема да може да продолжи барем како што е прогнозирано оптимистички во 2017 кога имаме проекција  за раст на БДП од 3% и ниска инфлација. Претпоставувам дека тоа ќе биде многу тешко да се остварува, ќе биде добро ако немаме и некои негативни движења. Ова го велам затоа што посктризно ефектите во економијата се забележуваат многу повеќе отколку во текот на кризата.  Така што и од аспект на остварување на проектираните приходи во буџетот ќе има потфрлувања, затоа што тие се преамбициозно проектирани за 10% повеќе и веројатно нема да можат да се остварат. А наспроти тоа по инерција ќе продолжи растот на јавните расходи и оттука буџетскиот дефицит ќе биде поголем. Ќе бидеме среќни ако успеваме да се одржи макроекономската политика преку монетарна стабилна политика, така што генерално во животниот стандард не може да се очекува ништо добро“, предупредува Беџети.

Но не само граѓаните. Во годината што изминува драматично го зголеми долгот и државата. И во услови на криза, власта не се откажа од планираните трошења, дури и оние за кои јавноста одамна предупредува дека не само што се луксуз туку и расипништво. Панорамски тркала, барокни фасади. Напротив, проектите течат, а бројчаникот на јавниот долг забрзано врти и достигна 4,7 милијарди евра или нешто над 50% од бруто домашниот производ. Наспроти смиреноста на владините претставници кои уверуваат дека земјата е се` уште во безбедната зона, експертите се` погласно алармираат дека должничката дупка станува предлабока и се копа со забрзано темпо:

„Дефинитивно, нивото на јавниот долг е загрижувачко. А често пати велиме дека уште позагрижувачка е структурата и конкретната намена на јавните расходи. Да не е така, власта нема да ги зголемува неизмирените обврски кон приватниот сектор; нема да позајмува за да не ја доведе во прашање исплатата на пензиите; нема да го крие вистинскиот износ на јавниот долг; нема да го крие вистинскиот број на вработени во јавниот сектор; нема да прикажува повисок раст на БДП од стварно остварениот итн“, предупреди во интервју за Дојче веле поранешниот гувернер и министер за финансии Петар Гошев.

Фрустрација кај домашните претприемачи

Не само кај граѓаните, од година во година се влошува и состојбата кај домашните стопанственици. Во нивната гласност со голема доза на фрустрација пред сѐ поради политиката на нееднаквост што ја форсираше досегашната власт, посебно во делот на странските инвеститори, велат, едвај преживуваат. Наместо долготрајна политичка криза без ефективен епилог, крајно време е велат да добијат партнер во власт која ќе има поголем слух за нивните проблеми:

„Во услови кога извозот ни расте поради странските инвестиции кои во суштина не оставаат ништо, туку и дополнително одлеваат бидејќи добиваат дополнителни субвенции од буџетски пари, клучна е поддршката. Наједноставно, да се поддржи домашното производство селективно. Постојано слушаме дека ЕУ тоа не го дозволува, но тоа мора да се направи и крај на приказната. Не може да се субвенционира нешто што само носи популизам. Потребни се мерки исклучиво за поддршка на домашното производство“, предупредува Маријана Перковска, стопанственик и претседател на текстилниот кластер.

И експертите сметаат дека е потребна внимателност но и промени на стратегијата, и тоа не само во делот на политиките кон странските инвеститори. Ако тие во 2016 беа главни мотори на извозот, но и на увозот, а градежништвото и услугите носечки фактори на економијата, извесно е дека состојбите во 2017 ќе бидат поинакви:

„Градежништвото и услугите беа носечки фактори во 2016 но веројатно нема да можат да бидат доминантни во 2017 освен во првото тромесечие пред локалните избори кога ќе се интензивира делот на мали и микро проекти во јавниот сектор. Веројатно средината на годината и третиот и четвртиот квартал ќе бидат многу негативни“, предупредува Беџети.

Ако е за утеха, догодина ќе биде подобра, но за власта, која и да е. Таа ќе има за трошење рекорден буџет од 3,2 милијарди евра. Но  за тој да се реализира ќе треба нови уште подлабоки дупки, кои ќе се пополнуваат со пари од надвор но и дома. Цехот како и секогаш ќе биде товар на граѓаните, овие и идните генерации. 

DW.COM

Реклама