Еколошка тревога во рајот | Теми | DW | 14.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Еколошка тревога во рајот

Златни песочни плажи обрабени со палми, тиркизно сина вода. Пред африканскиот брег во Индискиот Oкеан лежи малиот остров Маурициус. Речиси целосно е опкружена со корален гребен и затоа е сон за нуркачите, туристите, но и еколозите. Сега меѓутоа на еколошкиот рај му се заканува катастрофа поради истечената нафта од еден заринкан танкер.

Гледај видео 01:03

Најновите сателитски снимки покажуваат како  1.000 тони излеана нафта од заринканиот јапонски брод Вакашио се шири по должината на брегот во тиркизните води на морскиот парк Блу Беј кај Маурициус. 

Научниците тврдат дека штетата предизвикана од излевањето може катастрофално да влијае на Маурициус и неговата економија зависна од туризмот со децении.

Преку 1000 морски видови животни и растенија се загрозени, а посебно погодени од катастрофата се коралите кои се векови живеат пред брегот на островот. 

„Ова излевање на нафта се случи во една од најчувствителните области на Маурициус, ако не и најчувствителната“, вели океанографот и инженер за заштита на животна средина на островот Васен Каупајмуто , кој загрижено ја набљудува катастрофата.

Според него, ќе бидат потребни децении за опоравување од оваа штета, а некои корални гребени можеби и никогаш нема да се опорават.

Јапонскиот брод Вакашио заринка на гребен пред Маурициус на 25 јули. Сè уште не е јасно зошто бродот пловел толку близу до брегот.

Неполна недела подоцна, нафтата почна да истекува од бродот и во наредните денови во морето се излеаја 1000 тони нафта.

Спасувачките екипи спречија поголема катастрофа откако успеаја да ги испумпаат преостанатите 4000 тони нафта од бродот.

Сопственикот на бродот, Нагашики Шипинг соопшти дека ќе се соочи со својата одговорност и ќе го процени обештетувањето за катастрофата.