Еколошка катастрофа им се заканува на езерата | Северна Македонија | DW | 23.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Еколошка катастрофа им се заканува на езерата

Еколозите стравуваат за растителниот и животинскиот свет, особено за опстанокот на плашицата во Охрид, откако се повлече езерото и зад себе остави мали песочни острови. Состојбата со водата е критична низ целата држава.

Сушата драматично ги празни Охридското и Преспанското езеро, а последиците се чувствуваат и во реките, чиј водостој не престана да опаѓа во текот на целиот месец. Нивото на Охридското Езеро е на кота 693,09 метри надморска височина, што е 1 сантиметар под природниот водостој и 8 сантиметри под дозволената кота утврдена во Билатералниот договор склучен со Република Албанија (693,17 м.н.в.). Долгиот сушен период, но и несоодветното управување со водните ресурси се посочуваат како дел од причините за состојбата. Екологистите стравуваат за растителниот и животинскиот свет, особено за опстанокот на плашицата.

Загрозена охридската плашица

Охридското Езеро се спушти на минимално дозволената кота, состојба каква што одамна не е забележана, особено покрај Кејот во центарот на градот. Водата е толку повлечена, што покрај Кејот буквално се создадени мини песочни плажи, на кои птиците се почесто слетуваат на крајот на есента. На одделни места можат да се забележат „мини песочни острови“, а до скоро екстремно ниско беше нивото и на водата во Црн Дрим во Струга. 

-повеќе на темата: Вода имаме, ама ќе немаме

Според познавачите на состојбите, станува збор за типична појава по долг сушен период. Ситуацијата би можела да се подобри по евентуални врнежи од дожд и снег во наредниот период. Но, според најавите на хидрометеоролозите, и натаму претстои период на стабилно време без врнежи. Тоа дополнително ја усложнува ситуацијата. Екологистите укажуваат дека влијание врз водостојот има и испуштањето на водата во Црн Дрим за потребите на производство на електрична енергија. Тие стравуваат за животинскиот и растителниот свет во езерските води и предупредуваат за можна еколошка катастрофа. Особено би можела да биде погодена плашицата поради недоволен доток на вода во Студенчишкиот канал.

Nordmazedonien Ohridsee

Водостојот на Охридското езеро опаѓа од ден на ден

Обвинувања

Партиите меѓусебно се обвинуваат и си ја префрлаат топката за тоа кој е виновник за еколошката катастрофа која му се заканува на езерото, коешто е под заштита на УНЕСКО.

„Охридското Езеро е пред еколошка катастрофа поради расипничкото однесување на власта на СДСМ“, изјави Александар Здравевски, од ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Тој прашува зошто власта дозволува зголемено испуштање на вода во реката Црн Дрим. „Зарем не мислат со ЕЛЕМ да престанат да го злоупотребуваат езерото за производство на електрична енергија? Зборот не е збор затоа што власта не презема соодветни мерки преку кои ќе се спречи понатамошното влошување на состојбата во Охридското Езеро“, рече Зафироски.

На обвинувањата одговори Жаклина Лазаревска од СДСМ. „И од ВМРО ДПМНЕ добро знаат дека годинава имаме значително помалку врнежи од дожд и снег. СДСМ како одговорна партија се залага за заштита на животната средина и езерото, но против природната нерамнотежа и лошата хидролошка состојба тешко е да се бориме“, истакна таа. Лазаревска потсетува дека ХЕС Црн Дрим управува со истекот на вода од Охридско Езеро и предизвикува регулирано осцилирање на нивото, при тоа секогаш водејќи сметка тоа осцилирање да го следи природното, што значи во месеците мај-јуни да ја достигне максималната вредност, а во октомври – ноември минималната.

Според издадената водостопанска дозвола од Министерството за животна средина, дозволено е осцилирање помеѓу котите 693.10 и 693.75. Оваа 2020 година е значително сува година и со остварено производство на електрична енергија на ХЕС Црн Дрим од само 70 отсто од просечното.

Гледај видео 03:07

Мали хидроцентрали - големи еколошки проблеми

Во меѓувреме, нискиот водостој практично го запре и производството на електрична енергија во земјата. Државата веќе направи еден увоз на струја, а се подготвува и втор. Експерти кои ја следат состојбата, за ДВ велат дека веќе не постои можност да се црпи вода, а притоа да не се загрози и биолошката стабилност на реките и езерата.

И Козјак го снема

И нивото на некогаш најголемото вештачко езеро во Македонија- Козјак, долго 32 км, со длабочина и до 130 метри, драматично е намалено. На фотографии што граѓаните ги споделуваат на социјалните мрежи се гледа само суво дно на местото на некогашното езеро. Како што информира УХМР, драстичен пад бележат и Вардар кај Јегуновце и Велес, Треска кај Македонски Брод и Сатеска кај Ботун. Преполовени се водостоите на Црна Река, Струмица, Крива Река и Лепенец.

 

DW.COM

Реклама