1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едноставното е најтешко

8 мај 2019

Дали беше потребно папата да дојде за да ни објасни дека два и два се четири. Неговите пораки беа „есенција” на едноставност: различностите ви се силата, обединете се за да напредувате. Колумна на Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/3I88Y
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Додека беше тука папата, луѓето не се буткаа во ред. Бевме тивки, смирени и ги почитувавме правилата за однесување. Заев и Иванов, мирно, еден до друг, во некаква нормална конверзација, упорно чекаа да летне авионот. Истиот феномен „да се претставиме во најдобро светло” сум го гледал многупати. На пример, истите Македонци кои, на пример, во Холандија, држат искористено шамивче во џеб додека не најдат канта за ѓубре, овде истото го фрлаат од прозорец во автомобил во движење, онака, ан-пасан. Се мислам дали беше потребно папата да дојде за да ни објасни дека навистина два и два се четири.  Неговите пораки беа, што би рекле нашиве политичари, „есенција” на едноставност: различностите ви се силата, обединете се за да напредувате. Не ли го знаевме ова цело време? Дали беше потребно некој однадвор да ни го каже?

Политички аутизам

Второто, уште посуштинско прашање, е дали имаме капацитет овие едноставни, би се рекло, животни лекции, воопшто да ги научиме. Мислам дека нашите политички елити се однесуваат, најблаго речено, аутистично кон овие, навидум очигледни, аксиоми. Иванов, на пример, одлучи својот мандат да го заврши на линија на остра национална поделба со актуелната власт, но и со евроатлантските процеси воопшто, цитирајќи небулози за тоа како нашиот народ бил ранет, нападнат.  Нашиот народ не е ранет, туку самоповреден, и тоа од политичари кои не му дозволуваат да созрее. Така, мислам дека ниту една од поголемите партии (СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса, БЕСА) не успева на вистински начин да ги осознае пораките од електоратот, кои беа доста јасни на претходните претседателски избори. 

СДСМ, на пример, упорно одбива да направи една суштинска разлика во разбирањето на незадоволството кое го почувствуваа на свои плеќи на изборите. Точно е дека критичката јавност не го избра Заев првенствено заради тротоарчиња, микро проектчиња и мини реформи, туку заради вербата дека тој има визија и капацитет да направи суштински пресврт во насоката во која се движеше општеството, и од оддалечување кон НАТО и ЕУ, да не заврти кон приближување кон НАТО и ЕУ.  И факт е дека тоа тој го испорача.  Но, исто така е факт, дека приоритетите сега се сменети, и дека таа испорака не е доволна за комфорен нов мандат (или барем така велат гласачите). Не е до правецот, до брзината е.  Доколку СДСМ не направи суштински реформи, не само кадровски, туку и во нивниот пристап кон менаџирањето на државата, сосема е возможно револтот од спората динамика на реформи да ја надмине свесноста за правилниот курс, па со тоа СДСМ да биде казнет дури и по цена на загрозување на правецот во кој се движи државата.

Nord-Mazedonien Religion l Papstbesuch
Папата Франциско во СкопјеФотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

ВМРО ДПМНЕ, исто така, одбива да разбере една едноставна вистина: без реформи нема победа. Сѐ додека гласачите се уплашени дека изборот на опозицијата може да ги загрози придобивките од Преспанскиот договор, па со тоа и евроатлантските интеграции, нивниот наратив за пропаста на државата нема да „лепи”.  Колку и да е големо незадоволството кон власта, додека гласачите не го почувствуваат ВМРО ДПМНЕ како безбедна, цивилизирана опција, која нема да ја загрози етничката стабилност, меѓународната позиција и општиот правец, се плашам дека секогаш ќе се најде механизам тие да не бидат власт – или нема да најдат коалиционен партнер, или гласачите во последен момент ќе дадат поддршка на власта, или незадоволството на кое „играат” нема да се преточи во мнозинство гласови.

Неопходна трансформација

За ДУИ, пораката е уште посурова – цената за долгогодишната позиција на власт е неизбежна.  Уште повеќе, двете суштински оски на кои ДУИ секогаш добивала гласови се сега загрозени. Првата е хомогенизација на Албанците во одбрана на нивните национални права, која сега не функционира, бидејќи од другата страна нема „загрозувач”, односно нема кој да ги исплаши и „бутне” албанските гласови кон ДУИ.  Втората оска е таа на евроатлантските интеграции – и таа сега е релативно исполнета. Така, ДУИ ја губи основната raison d'être, па ако сака да остане витална опција, мора да се трансформира и себеси, но и својата политика понуда, кон она што на граѓаните сега навистина им треба: реформи, забрзан локален економски развој, подобри услуги и слично. Точно е дека тие „испорачаа” гласови за Пендаровски во вториот круг, но тоа не значи дека истите гласови тие ќе ги задржат во џеб на наредните парламентарни избори, особено што веќе му претставуваат сериозен товар, наместо предност, на нивниот поголем коалиционен партнер.

Други колумни од авторот: 

Метла за втор круг

Антипод

Победуваме, или не?

Фоторобот за претседател

Албанската опозиција, исто така, има што да научи од овие избори.  Точно е дека гласачите се незадоволни од ДУИ, но истовремено е точно дека опозицијата, според резултатите, е сеуште послаба.  Тоа најверојатно се должи на фактот што гласачите сеуште кај нив препознаваат стар, романтичен наратив, уште премногу врзан за етничките, наместо економските параметри.

На крајот, мислам дека во овој развој на настаните, има и една суштинска порака за меѓународната заедница, која не сум сигурен дека сите ја разбираат. Таа порака е дека, иако нашето општество покажало момент на луцидност со Преспанскиот договор и промената на курсот на државата, тој ќе биде загрозен ако не се зацврсти во трајна ориентација преку отпочнување преговори со ЕУ. Само така, правецот на развој, по кој сега се движиме бавно, може да се забрза.  Сѐ друго може да значи ревизија на насоката во која во моментов покажува иглата на компасот.