Една година од поплавите: И натаму со страв гледаме во небото! | Македонија | DW | 06.08.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Една година од поплавите: И натаму со страв гледаме во небото!

Дел од штетите се санирани, дел не. Реконструкцијата на обиколницата доцни. Таква е сликата во скопско, една година по големата поплава која однесе 23 животи, оштети 5.000 домаќинства и 600 хектари земјоделско земјиште

„Утрото на 6-ти август 2016-та, ништо не навестуваше таква страшна и трагична ноќ“, низ шепот велат дел од семејствата кои пред една година ги изгубија своите најблиски во страотните поплави што го зафатија скопско, во реонот на приградските населби Ченто, Стајковци, Црешево и обиколницата кај Смилковци. Завиени во црно, тага и молк на локалните гробишта, се потсетуваат на страшните часови кога 93-те литри дожд на метар квадратен се претворија во страшен порој што носи се пред себе - стока, покуќнина, возила, но најстрашно од се - 23 човечки животи! Тоа е ноќта кога се избројани над 800 молњи во период од два часа. Итната медицинска помош имала 65 интервенции таму каде што можела да стигне, а во скопските болници помош побарале над 70 лица. Огромни штети претрпеа преку 5.000 домаќинства, а беа поплавени и уништени над 600 хектари обработливо земјоделско земјиште. Надлежните државни институции само констатираа дека станува збор за природна непогода и не презедоа одговорност заради тоа што со години биле толерирани голем број пропусти во тамошната инфрастуктура, но и поради отсуството на превентива, што можело да го намали трагичниот биланс. 

Mazedonien Unwetter (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Една година од поплавите, на терен е малку сторено за санирање на пропустите


ЈП за државни патишта молчи
Една година подоцна, нештата се менуваат со брзина на желка. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Александар Стојанов, и покрај ветувањето не одговори на прашањето на Дојче веле - колкав е степенот на реализација во реконструкцијата на скопската обиколница и кога таа ќе заврши. Од она што може да се види на терен, реконструкцијата на обиколницата, на која во кобната ноќ имаше најмногу жртви, се уште е далеку од завршница. Од ЈП беа многу „поажурни“ лани во март, кога решија да изберат компанија што ќе ја изврши реконструрање на 1.500 метри оштетување на патот. Со образложение „за итност“, без тендер, ЈП за таа цел склучи договор со градежната компанија „Трансмет“ во износ од 2,6 милиони евра. Во итна постапка беше избрана и фирмата „Евро консалтинг ДОО увоз-извоз Скопје“, да врши надзор врз работите за 32.000 евра. Според договорот, штетите требаше да бидат поправени до средината на февруари. Ни во изминатите месеци од ЈП не одговараа на новинарските прашања зошто доцни реконструкцијата и дали дали градежната компанија ќе добие казна за доцнењето. Градежни експерти кои имале увид во состојба на патот велат дека се работи за „срамна немарност“, која повторно може да ја доведе во прашање функционалноста на патот, но и безбедноста на околните села, ако каналите повторно не се во состојба да примаат вода по посилни дождови.

Помошта помогна, но не целосно
И состојбата во погодените села и населби покажува дека само дел од инфраструктурните работи се завршени. Обновени се дел од тротоарите, јавното осветлување, некои од главните патишта, дел од канализацијата, но не се готови голем дел од споредните улици кои и натаму се во катастрофална состојба. Жителите се жалат на недостиг на вода во текот на летото. Но, се плашат од вишок атмосферска вода. „Ако малку заврне, ние веднаш ги отвораме шахтите“, велат жителите. И не се сите задоволни од помошта што ја добиле, бидејќи ја сметаат за недоволна за санација на штетите. 
„Средствата ни беа доволни само за обнова на ѕидовите и на подот - толку!“, вели жителка на Стајковци. Нејзиниот сосед, кој има помала куќа, е релативно задоволен: „Државната помош навистина не стигна за се. Но, благодарение и на граѓанските и на странски донации, околу 60 до 70 проценти го обновивме домот.  Ни помогна тоа што добивме бела техника, донација од Турција. Инаку до денес ќе немавме ни шпорет, ни фрижидер“. 
Покрај штети во домовите, дел од жителите во овој земјоделски крај претпреа огромни загуби бидејќи им беше уништена голема површина обработливо земјиште, кое им е главен извор на егзистенција. Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, кој деновиве ги посети Сингелиќ и Стајковци, изјави дека околу 46 милиони денари надомест им се исплатени на земјоделците во тие места за оштетените пластеници и насади. 

Mazedonien Unwetter (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Дел од жителите во овој земјоделски крај претпреа огромни загуби бидејќи им беше уништена голема површина обработливо земјиште


„Со оваа исплата се опфатени поголемиот дел уништени површини, врз основа на извештајот за проценка и пресметката на загуба на приход, пресметката на земјоделски растенија, штетата на стакленици и пластеници, како и повеќегодишни насади. Во завршна фаза се и уште мал број предмети на кои им недостасувале одредени документи за проценката да се комплетира. Неправилностите се поправени, и штом ќе се заврши со проценките, во најскоро време и другите земјоделци ќе добијат обесштетување“, најави министерот.

Локалните избори ќе завршат работа? 
Годишнината од големата поплава на терен ги донесе и локалните власти. Градоначалниците на Скопје и на Општина Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски, извршија увид во градежните работи на реконструкцијата на дел од улицата „Јужноморавски бригади“, една од најоштетените во населбата Ченто, а која треба да се санира на должина од 920 метри и ширина од 6 метри.
„Градежните работи на оваа делница се во тек и согласно со динамиката, очекувам наредната недела да почне асфалтирањето. Оваа улица се реконструира како дел од акцијата за реконструкција на патната и комуналната инфраструктура во подрачјата зафатени од елементарната непогода минатиот август. Во рамките на оваа акција досега е завршена реконструкцијата на улици со вкупна должина од над 25 километри во сите населени места“, рече градоначалникот Трајковски.
Жителите велат дека очекувале санацијата да оди побрзо. 
„Што се 25 километри за цела година? Поделете ја таа бројка со 365 дена, ќе видите колку сантиметри се поправале на ден“, реагира жител на населбата. Вели дека единствена надеж им се претстојните локални избори: „Не заради нас, туку заради политички поени, сите партии сигурно повеќе ќе се растрчаат околу нас. Само битката за гласови може да ги поттурне работите да се завршат побрзо. Друго ништо. Дотогаш, ние и натаму со страв ќе го креваме погледот кон небото“. 


 

DW.COM

Реклама