Едит Штајн – филозофина и светителка | Свет | DW | 03.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Едит Штајн – филозофина и светителка

Во животот, но пред сѐ во својата маченичка смрт, Едит Штајн ги измирува двата дела на јудео-христијанската европска култура. Кога Ес-Ес-трупите влегле во манастирот, таа знаела што ќе се случи. Колумна на Кица Колбе.

Porträt Edith Stein (picture-alliance/dpa)

Величината на нејзината филозофска мисла стана видлива дури откако беа објавени нејзините собрани дела: Едит Штајн

Кога кармелиќанката Тереза Бенедикта од Крстот на 2-ри август 1942 беше транспортирана од манастирот во Ехт, во Холандија, во логорот Аушвиц, таа во својата ќелија го остави недовршен својот најважен филозофски и богословски ракопис. Scientia Kruzis – Kreuzeswissenschaft  - „Науката на Крстот“. Во таа рација, како одмазда за јавниот апел на католичките  холандски епископи против гонењата на Евреите, од Холандија биле транспортирани 244 католички Евреи.

Тереза Бенедикта од Крстот, всушност, е Едит Штајн, во тоа време најталентираната германска филозофина со еврејско потекло. Со неа во манастирот е и нејзината постара сестра, Роза Штајн. На 7-ми август стигнале во логорот Аушвиц, а на 9-ти август двете биле убиени во провизорната гасна комора. 1987-та католичката монахиња Тереза Бенедикта од Крстот  е прогласена за Блажена, а 1998-та за Светителка. Таа е заштитничка на Европа. Во својот живот, но, пред сѐ, во својата маченичка смрт, Едит Штајн ги обединува и измирува двата дела на јудео-христијанската европска култура. Кога Ес-Ес-трупите влегле во манастирот, таа знаела што ќе се случи. Ја повикала сестра си Роза храбро да одат во смртта: „Дојди, ќе одиме за нашиот народ...“ („Komm, wir gehen für unser Volk...“). 

За кој народ тие заминаа во смртта? За кој народ нивната смрт, според верата на Едит Штајн, требало да биде „невина и чиста“ жртва? За германскиот? За еврејскиот? За двата народа! Затоа што тие беа Германки со еврејско потекло. И токму тој факт ја покажува чудовишноста на Аушвиц. Таму беа убивани како Евреи луѓето, кои со сета душа, со сиот дух и култура беа и Германци. Аушвиц го демистифицира митот на „крвта и почвата“, на крвното и родовото потекло, на национализмот, кој затоа секогаш е и антисемитизам.  

Дете на Модерната

Едит Штајн е родена 1891-та во еврејско трговско семејство во Шлезија (денес во Полска), во Вроцлав (Breslau). Таа е најмладото од единаесетте деца, од кои четири рано умираат. Едит Штајн нема ниту две години кога умира татко ѝ. Нејзините родители се побожни Евреи, но и Германци патриоти. По смртта на татко ѝ, мајката на Едит Штајн го презема раководството во трговското претпријатие, го прави уште поуспешно, со што го финансира најдоброто образование за своите деца. Едит Штајн има силен критички дух, храброст, ум и неверојатна желба за наука. Таа е критична кон побожноста на мајка си, иако ги сака сите еврејски празници. Едит Штајн е дете на Модерната, на рационалниот и скептичен дваесетти век. На четиринаесет години се прогласува себеси за атеист кој трага по вистината. Подоцна ќе напише дека секој кој трага по „вистината”, всушност, трага  по Бога. Едит Штајн е една од најхаризматичните жени кои во првата половина на дваесеттиот век во Германија се занимавале со филозофија. Таа е студентката на прочуениот филозоф Едмунд Хусерл во Гетинген. Подоцна, во Фрајбург, таа неколку години е неговата асистентка и најблиска соработничка. Во својот кус живот, Едит Штајн остави зад себе неверојатен опус. Нејзините собрани филозофски и богословски дела се објавени во „Хердер Ферлаг” од 2000-2014 во 27 тома! Во кармелитскиот манастир во Келн, каде што се замонашила 1933-та и останала сѐ до декември 1938.,  денес се наоѓа „Архивот на Едит Штајн” и  „Фондацијата Едит Штајн”, основана со поддршка на  владата на покраината Северна Рајна Вестфалија. Во германскиот град Вирцбург се наоѓа „Меѓународниот архив на Едит Штајн“. 

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin (Privat)

Кица Колбе

Студиите по психологија, филозофија, историја и германистика ги започнала 1911-та во Вроцлав. Во тоа време ја интересирала психологијата. Еден од професорите во Вроцлав, кој самиот еден семестар студирал во Гетинген, ја забележува нејзината голема дарба за филозофија. Тој ѝ советува да замине во Гетинген, оти таму ќе го најде тоа по што трага. Во Гетинген во тоа време студираат многу Германци со еврејско потекло. Едмунд Хусерл (1859-1938) и самиот е Евреин, кој подоцна конвертирал во протестантската вера. Со неговиот асистент во Гетинген, Адолф Рајнах (1883-1917), потомок на позната еврејска фамилија од Мајнц, Едит Штајн ја поврзува длабоко пријателство. Како многу колеги на студиите, како и еден од синовите на Хусерл, и Рајнах заминува на фронтот во Првата светска војна. Адолф Рајнах и неговата сопруга Ане, долгогодишна пријателка на Едит Штајн, конвертираат во католичката вера за време на еден негов престој дома. Кусо откако се враќа на фронтот, Рајнах загинува, како и еден од синовите на Хусерл.

Асистентка на прочуениот Хусерл

За Едит Штајн смртта на Рајнах ги потресува темелите на нејзиниот светоглед. Во цврстината и спокојот со кој неговата вдовица Ане ја примила неговата смрт, Едит Штајн ја насетила тајната на Крстот, која уште ѝ била туѓа и недостапна. Голем број од студентите на Хусерл, речиси сите Евреи, конвертираат во католичка или протестантска вера. Преобразбата има голема врска со феноменолгијата на Хусерл. За него не се веќе клучни само условите на познанието, како кај Кант и неокантијанизмот, туку, пред сѐ, феноменот кој за филозофската анализа се открива само кога му се приоѓа без предрасуди. Иако се чини чудно, Едит Штајн, всушност, токму преку феноменологијата доаѓа до верата во Бога. Таа во 1916-та докторира кај Хусерл со докторска дисертација „За проблемот на сочувството“. Таа постојано ги открива празнините во феноменологјата кај Хусерл и од тоа ја гради својата позиција. Кога Хусерл заминува на универзитетот во Фрајбург, таа таму станува негова асистентка и најблиска соработничка. Уште во Гетинген заедно со неа кај Хусерл студира и полскиот филозоф Роман Ингарден. Тој е големата, несреќна љубов на Едит Штајн, со кого таа интензивно се допишува сѐ до смртта. Во Фрајбург, кај Хусерл студира и Мартин Хајдегер. Едит Штајн во писмата го нарекува „малечкиот Хајдегер“, затоа што бил една глава понизок од неа. Набрзо таа ја завршува и својата хабилитација, „Акт и потенција“. Со неа се обидува да се хабилитира на четири универзитети. Насекаде ја одбиваат затоа што е жена. Хусерл не сака да се заложи за неа да се хабилитира кај него, во Фрајбург, затоа што смета дека жените не се предодредени за научна и академска дејност. Во исто време кога истата жена, неговата асистентка Едит Штајн, секој ден ја „товари“ со макотрпна обработка на неговите ракописи. Тој се однесувал хаотично со своите ракописи. Ред во нив внесувала умната и вредна асистентка. Од нејзината преписка со Хусерл, но и со многу од нејзините колеги, која пред неколку години беше објавена, станува јасно колкав е нејзиниот придонес во делото  на Хусерл. Иако таа 1918-та дава отказ, затоа што е незадоволна од односот кон неа на нејзиниот „Господар и Мајстор“, како што асистентите го нарекуваат Хусерл, таа продолжува да ги преработува неговите ракописи. Таа и понатаму е восхитена од неговото филозофско дело, како и од неговата благородна личност.

Други колумни од авторката:

„Земјата на медот“ – земјата на Атиџе

Критичко соочување со југословенското наследство

Мартин Хајдегер, кој кусо по нејзиниот отказ станува асистент на Хусерл во Фрајбург, го знае нејзиниот придонес за филозофијата на Хусерл. Меѓутоа, кога тој 1928-та го приредува за печат делото на Хусерл „Предавања за феноменологијата на внатрешната свест за времето“, и тоа токму според верзијата на ракописот која темелно ја обработила Едит Штајн, тој само патемно ја споменува. Таа ги преработила и ракописите на Хусерл за вториот и третиот том на „Идеите за една чиста феноменологија и феноменолошка филозофија“. Тие се објавени по смртта на Хусерл, а приредени од филозофот Лудвиг Ландгребе. Тој е првиот што ѝ оддава признание, кога истакнува дека тие дела немаше да постојат без  придонесот на Едит Штајн.

Застапничка за правата на жените

1922-та Едит Штајн конвертира во католичката црква. Од 1923-тата до 1932-та таа е наставничка во женска гимназија на доминиканскиот монашки ред, во Шпајер. Од 1932-та предава на Вишата педагошка школа во Минстер, која ја напушта една година подоцна, кога на власт доаѓаат националсоцијалистите. Тогаш се одлучува да пристапи во редот на кармелиќанките, во манастирот „Марија, миродарителка“ (Maria von Frieden) во Келн. Едит Штајн се застапува за правата на девојките на солидно образование и за правата на жените воопшто. Освен тоа, постојано пишува нови филозофски ракописи. 1936-та го завршува своето клучно дело, „Конечно и вечно битие. Обид за возвис кон смислата на битието“. Во него го изложува својот нацрт на онтологијата. Во неа таа ги спротивставува христијанската сколастичка филозофија и секуларната модерна филозофија на дваесеттиот век. Во посебен додаток критички се осврнува на филозофијата на егзистенцијата на Мартин Хајдегер. 

Едит Штајн е најголемата филозофина на тоа толку противречно, но и толку творечко време од првата половина на дваесеттиот век. Многумина денес ја нарекуваат „невидливата филозофина” на минатиот век. Таа е пример за многу современи филозофини во борбата за сопствените права во светот на филозофијата и во академската дејност. Богатството на нејзината личност е неверојатно инспиративно. Со тоа и интересот за нејзината филозофија е сѐ поголем. Величината на нејзината филозофска мисла стана видлива дури откако беа објавени нејзините собрани дела. Визијата на верата и на мирот,  за која таа се предаде себеси во смртта како жртва на љубовта кон Своите (Германците и Евреите), за нас останува длабока тајна, за која таа уште потаинствено говори во својот последен спис „Науката на Крстот“.

Реклама