Еден јубилеј, една амбасада и еден уништувач со име Трамп | Свет | DW | 15.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Еден јубилеј, една амбасада и еден уништувач со име Трамп

Свет во чад и пламен. Она што стигнува до нас од Појасот Газа не се само слики од вестите, туку и симбол за заканите кои произлегуваат од аздисаното владеење на Доналд Трамп, смета Инес Пол.

Што го тера овој човек да го прослави симболичното ново отворање на амбасадата на САД токму на 70-годишнината од протерувањето на Палестинците од сегашните израелски територии? Објект чија една половина се наоѓа на територијата на источен Ерусалим? Таму, каде Палестинците сакаат да го формираат седиштето на својата влада во случај на решение за две држави. Ова е дипломатска шлаканица за многу Палестинци, која меѓутоа не ги оправдува насилните немири. Таа меѓутоа провоцира до степен до кој предизвикувачот се претвора во соучесник. Затоа за бројните мртви и повредени соодговорен е и Доналд Трамп.

„Прво Доналд Трамп“

Што го тера овој човек, со еден потпис да го уништи толку макотрпно постигнатиот нуклеарен компромис со Иран без консултации со неговите досегашни европски сојузници и координирање натамошните чекори? И со тоа тој однапред прифаќа натамошна ескалација на Блискиот Исток. И онака патем, во егзистенцијална криза го доведува 70 години постоечкиот мировен поредок со и во Европа.

Повеќе на темата:

-По крвавиот понеделник во Појасот Газа, за денеска закажани нови протести

-Крваво отворање на амбасадата на САД во Ерусалим

-Отворањето на американската амбасада го подели Ерусалим

Што го тера овој човек, кој се чини дека прави сѐ што е можно да ги уништи достигнувањата на неговиот претходник, без да има план за тоа кој треба да следи по чинот на уништување?

Доналд Трамп никогаш претходно не работел како демократски избран политичар. Тој не е социјализиран во оваа работа, која се состои од давање и земање, макотрпна борба за компромис, мерење на предностите и недостатоците, во добри случаи секогаш со свест за последиците од политичкото дејствување - дури за оние кои досегаат многу подалеку од актуелниот ден.

Ines Pohl Kommentarbild App (DW/P. Böll)

Инес Пол, главна и одговорна уредничка на ДВ

Треба само да се погледнат самоизбраните симболи на неговата моќ. Тоа е неговото позлатено име кое сјае на облакодери и би требало да го покаже следново: Гледајте, јас сум над сè. И можам да го направам она што го сакам. И тоа го разоткрива неговиот вистински импулс, кој не гласи „Прво Америка“, туку „Прво Доналд Трамп".

Ова сознание и не е вистински ново. Меѓутоа, овие денови ја покажуваат катастрофалната моќ на овој човек. Доналд Трамп нема план Б. Тој при своите постапки не размислува за последиците, кои може да се почувствуваат дури за четири или осум години. Тој не се грижи како неговите постапки и вербални напади влијаат врз земјите надвор од САД.

Тој ја користи моќта бидејќи може. Секогаш сака да привлече што е можно поголемо внимание. И најлесниот начин да се направи тоа е да се уништат работите со голема лежерност.

Тоа е причината зошто тој токму на овој ден ја премести американската амбасада во Израел. И тоа е причината зашто го урниса договорот со Иран, без да знае што ќе се случи потоа.

Разбудете се Германијо и Европо!

За Европа и Германија, тоа значи ништо помалку од - конечно да се разбудат: Седум децении по завршувањето на Втората светска војна, Европа мора да порасне. А тоа вклучува преземање на одговорностите за надворешната и безбедносната политика. Германија, конечно, мора да биде искрена и да инвестира повторно во сопствената армија Бундесверот. Британците, настрана од Брегзит, мора да си разјаснат како можат и сакаат да соработуваат со Франција и Германија во однос на безбедносната и одбранбената политика. И пред сѐ , Европа мора да најде начин да го спречи внатрешното распаѓање и со нови големи напори да дефинира во каква заедница треба да се одвива соживотот во иднина.

Ова се големи предизвици и многу неизвесности. Но, едно е сигурно: не само што Европа не може да се потпре на земја со која владее човек како Доналд Трамп, туку и не смее. Овие вести што ни доаѓаат од Појасот Газа овие денови се тажен доказ за егзистенцијалната итност.

DW.COM

Реклама