Египетската полиција уби 40 осомничени терористи | Свет | DW | 29.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Египетската полиција уби 40 осомничени терористи

По бомбашкиот напад врз туристички автобус кај пирамидите од Гиза, египетските безбедносни сили убија 40 лица за кои се вели дека биле исламистички борци. Се тврди дека осомничените планирале серија терористички напади.

Министерството за внатрешни работи на Египет соопшти дека биле спроведени рации во Гиза и на северот на полуостровот Синај. Осомничените лица биле убиени во координирани акции „во три терористички засолништа“. Египетската државна телевизија, повикувајќи се на Министерството за внатрешни работи, јави дека осомничените терористи наводно планирале напади врз државни институции, туристички објекти, врз безбедносните сили и врз цркви.

Повеќе: Жртвите во нападот во Египет се виетнамски туристи

Дали полициските рации се поврзани со нападот врз туристичкиот автобус во близина на пирамидите од Гиза, засега е нејасно. Во бомбашкиот напад беа убиени четири лица - тројца виетнамски туристи и нивниот туристички водич, кој бил Еѓипќанец. Освен тоа, во нападот се повредени уште 12 лица.

Безбедносните сили го имаат блокирано пристапот до местото на нападот. Жителите во регионот на социјалните мрежи пишуваат дека се слушнала силна експлозија. Сликите од местото на несреќата покажуваат дека на едната страна од автобусот се искршени сите стакла. Портпарол на египетското Министерство за надворешни работи го осуди нападот како „кукавички терористички акт“. Одговорност за нападот засега нема преземено никој.

DW.COM

Реклама