Евросонг 2019: Почнува жешката фаза | Панорама | DW | 13.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Евросонг 2019: Почнува жешката фаза

Додека Тел Авив се подготвува за илјадници меѓународни гости, на саемскиот простор веќе се одржуваат пробите за настап. Актуелни фаворити се Холанѓанецот Данкан Лоренс, Швајцарецот Лука Хени и Италијанецот Махмуд.

„Ние се погриживме луѓето да си поминат прекрасно“, вели Ејтан Шварц, шеф за односи со јавност на градот Тел Авив. Тој потенцира дека било логистички предизвик градот да се подготви за илјадниците посетители, бидејќи, меѓу другото, има еден проблем – автобусите не возат за време на сабат. Шварц затоа организирал бесплатен шатл-превоз. Тоа е само една работа од низата нешта кои на организаторите во Тел Авив им приредија бессони ноќи, а да не ги споменуваме воопшто ракетите од Појасот Газа. Но, проблеми без разлика од каква природа, во следните денови не смее да има. Евровизија не е само натпревар за најдобра песна, туку во Израел е настан од национално значење, шанса да се покаже друга слика од земјата во светот: дека е отворена, весела, пријателски настроена кон хомосексуалци, шарена и толерантна. Паралелен свет спрема светот на ултраортодоксните Евреи со нивните строги правила. Свет во кој нема спорна политика за населување, конфликт со Палестинците и бомби од Газа. Сега Тел Авив, кој одамна ужива углед на град за забава во знакот на виножитото, сака да докаже дека навистина може да го организира големиот и шарен евровизики настан.

Повеќе помпа отколку во 2018 во Лисабон

Без оглед колку е добра песната, или талентиран изведувачот, сепак на крај пресуден е сценскиот настап. Љубителот на Евровизија веќе со недели ги знае песните на 41 учесник, но перформансот во живо до почетокот на пробите беше добро чувана тајна. Тоа што во Тел Авив од почеток беше јасно: скромноста од Лисабон попусто ќе ја барате. Во 2018 бината и светлосните ефекти беа многу едноставни. За 2019 германскиот сценски дизајнер Флоријан Видер доби други насоки: бината да биде „уникатна, иновативна и хајтек“. Видер, кој со години е задолжен за дизајнот на бината за Евровизија, желбата им ја остварил на многу впечатлив начин.

Eurovision Song Contest 2019 Bühne (eurovision.tv/KAN)

Евровизиската бина треба да биде „уникатна, иновативна и хајтек“

Гости со култен статус

Во вторник (14.05) се одржува првото полуфинале, кога ќе настапат 17 земји. Десет од нив ќе продолжат во финалето. Истото важи и за втората полуфинална вечер во четврток, кога 18 земји ќе се натпреваруваат за влез во финалето. На тие 20 финалисти се приклучуваат и постојаните шест, најголемите финансиери на настанот: Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Шпанија, како и земјата домаќин Израел, која ќе биде претставена од многу популарниот Коби Марими. Тие шест земји ќе имаат можност накратко да се претстават во полуфиналните вечери за да може публиката да има приближна претстава за песните.

Секое шоу има дел од програмата кога се поканети звучни имиња како гости. Па така, фановите на Евровизија може да се радуваат на повторна средба со Дана Интернешнл и Вера Сердушка. Други ѕвезди како Кончита од Австрија, Манс Зелмерлев од Шведска и Елени Фуреира од Кипар ќе си ги разменат песните и тоа ќе биде хајлајт за музичките гурмани. Минатогодишната победничка Нета ќе го отвори шоуто, а во петок ќе биде кулминацијата со настапот на Мадона во Тел Авив.

Israel Tel Aviv ESC 2019 (DW/Rick Fulker)

Нета ќе го отвори шоуто

Фаворити и можни лузери

Од музички аспект повторно ќе има квалитетна понуда, но секако и по некоја „заскитана“ нумера. Како и секогаш во пресрет на настанот, први индикатори за финалниот резултат се квотите во обложувалниците.

Сепак, некогаш се случува и да има отстапувања во бројките, па и во рангирањето. Актуелни фаворити се Холанѓанецот Данкан Лоренс, Швајцарецот Лука Хени и Италијанецот Махмуд. За германските претставнички Карлота и Лаурита кои настапуваат под името Систерс, шансите не се големи – за нив се типува дека ќе заземат некои од последните места. Но, ако во живо покажат добра изведба може да се сврти листот за младите пејачки. Така беше и со Михаел Шулте во 2018 во Лисабон, кој на почеток беше третиран како аутсајдер, но во деновите пред финалето стана еден од омилените изведувачи и стигна дури до четврто место.

Реклама