Европски „танц по јајца“ околу Либија | Европа | DW | 22.02.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Европски „танц по јајца“ околу Либија

Министрите за надворешни работи на ЕУ го осудија насилството против демонстрантите во Либија. Но, Европејците на средбата во Брисел не најдоа заеднички јазик за санкции. Проблем се разните интереси.

„Водачот на револуцијата“ Моамер ел Гадафи

„Водачот на револуцијата“ Моамер ел Гадафи

Повеќе од 30 години Моамер ел Гадафи на европскиот дипломатски паркет се сметаше за политичар со кој не треба да се контактира. Дури откако на почетокот од 21 век јавно се откажа од поддршката за тероризмот, а малку подоцна и од оружјето за масовно уништување, постепено почнаа да му се отвораат вратите во Европа. Секако, зад таквото затоплување на односите се криеше и големиот интерес на европските претпријатија за големите резерви со нафта и земен гас што лежат на либиска територија.

„Чисти раце“

Непријатното минато Гадафи го реши со помош на долари од продажба на нафтата. Тој, имено, им исплати 2,8 милијарди долари на жртвите од двата терористички напади, во кои беа вмешани неговите тајни служби: едниот врз дискотека во Берлин, а вториот врз еден патнички авион над британскиот град Локерби.

Gerhard Schröder bei Wintershall in Libyen

Нафта од добар квалитет: поранешниот канцелар Герхард Шредер на нафтениот извор на концернот Винтерсхал во Либија

На тој начин и ОН го заборавија терористичкото минато на либискиот претседател. САД со големо задоволство го примија на знаење и подоцнежното јавно откажување на Гадафи од оружје за масовно уништување. Така, во 2003 година беа укинати санкциите против Либија, а веќе наредната година во Триполи се најдоа тогашниот британски премиер Тони Блер, германскиот Герхард Шредер и францускиот претседател Жак Ширак.

„Оваа земја политички се измени и тоа е за поздравување. Тоа уште не е за споредување со она што го познаваме од домашната политика, но насоката е исправна. Сметам дека меѓународната заедница е заинтересирана да ја интегрира Либија“, заклучи Шредер.

Испреплетени економски интереси

Истата година Гадафи го посети Брисел, при што беше договорено Либија да се вклучи во партнерството со земјите од Средоземното море. Притисок во таа насока вршеше посебно Италија, која е поранешна колонијална сила на Либија и чии фирми заработуваат големи пари од зделки во оваа земја. И обратно, Либија има удел во многу италијански концерни, а либиската државна нафтена компанија Тамоил располага со мрежа бензински пумпи во цела јужна Европа.

Flüchtlinge aus Libyen in Italien

Група од 300 нелегални емигранти на италијанскиот остров Лампедуза, пристигнати од Либија

Италија ја поврзува со Либија дури директен нафтовод по морето, а и Германија се вбројува во добрите муштерии - дури 10% од вкупната потрошувачка на нафта во Германија потекнува од либиските извори.

„Чувар на прагот“

Конечно, Либија е по уште една основа важен партнер за ЕУ. Таа имено од 2006 склучи договор со Либија за задржување на бегалците од Африка, кои сакаат да минат од другата страна на Средоземното море, во „ветената земја“ Европа. За таа услуга ЕУ годишно им плаќа на либиските власти по 50 милиони евра. ЕУ од 2008 година преговара со Либија околу рамковен договор што ќе ги опфаќа двата најважни аспекта на соработката - снабдувањето со енергија и спречувањето на нелегалната миграција кон Европа.

Автор: Бернд Ригерт / Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски

Поврзана содржина