Европските, комшиските и домашните шамари | Северна Македонија | DW | 17.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Европските, комшиските и домашните шамари

Тепаат и милите ни комшии и домашните патриоти и борци за човекови права и демократија. Најсилно на удар е малцинството од здраворазумски луѓе оти силно се застапуваа за болните компромиси. Пишува Ерол Ризаов.

Македонија и по два месеца сѐ уште е во нокдаун по силниот аперкат што ни го тресна директно во глава Европската унија во Брисел по несфатливото и крајно неаргументирано, себично, спротивставување на една моќна членка поради нејзини домашни, семејни и политички потреби. Историската грешка, како што го нарекоа француското вето во речиси сите земји на ЕУ, веќе ги испорачува секојдневно предвидените негативни последици, но и нови дози на проблеми кои никој не ги очекуваше, ниту можеше да ги претпостави.
Шокот од француското НЕ, баш кога се очекуваше конечно вечниот кандидат за припадност на европското семејство, по цели 15 години поминати во чекалницата, да ги почне преговорите, доби продолжено дејство, особено по најавата на партиите за договор во претседателскиот кабинет за предвремени парламентарни избори. Вториот удар стаса таман земјата да крене малку глава по членството во НАТО, кога историското значење на овој епохален чин падна во вода пред атрактивноста од првиот ден на судењето на обвинетите во аферата „Рекет“. Уште полошо минуваат најавите дека грешката од Брисел ќе се исправи напролет во Загреб, кога ќе се одреди датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Наместо општа мобилност во таа насока следуваат нови и нови удари од сите страни.

Од селанец бег не бива

Тепаат и милите ни комшии и домашните патриоти и борци за човекови права и демократија. Најсилно на удар е „малцинството“ од здраворазумските луѓе оти силно се застапуваа да се направат болни компромиси за Македонија да стане европска земја, членка на ЕУ и на НАТО. Им вадат душа со памук да се чуствуваат виновни, да ги гризе совеста, оти тоа се оние стари и добро познати предавници и непријатели, странски платеници и кодоши кои  постојано бараа и се уште бараат да се приближиме кон соседите со мудрост и толерантен однос и кон тие што ни се дома комши капиџик, и тие што се зад државната граница. 

Претходно колумни од авторот: 

- Чарлиевите ангели поважни од НАТО

- Македонците во војна против Македонија

Луѓето кои се вистински определени за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ и за добри односи со сите соседи, кои се западно ориентирани, деновиве еден дел од нив се повлекуваат од јавната сцена пред наездата на дивата орда која вреска „ете гледате ли што направивте“. Интересен е начинот на кој овојпат се жигосуваат тие луѓе. Нема директен атак, анатеми и навреди како порано. Демек сега сите се за НАТО и за ЕУ, сите се за добри односи со соседите, арно ама од сите страни ечи дека големите отстапки кои се направени се неприфатливи и неодржливи, а поддржувачите на тие остапки се виновници што дојдовме во една ваква ситуација. Истото им се случува и на Македонците и другите неалбанци и немакедонци кои ги поддржуваат поголемите права на етничките заедници во земјата, кои не гледаат опасност за македонскиот јазик од поголема употреба на албанскиот јазик и другите јазици. Сето тоа сега е сместено во предизборен пропаганден амбиент, во ново пакување на истите аргументи за прифаќање на срамниот договор од Преспа склучен  против националните интереси со кој го изгубивме и името и идентитетот бадијала, а ништо не добивме од ветеното. Тоа така се повторува бесконечно без да се каже дали тие што се борат за власт играјќи на оваа карта ќе променат нешто ако им се даде довербата да управуваат со државата. Напротив, уште сега најавуваат дека договорите се непроменливи. Лажат, нема ништо полесно од раскинување на договорите, но сите знаат дека тоа е погубно за Македонија, па затоа сега изигруваат големи натовци и Европејци. Од селанец бег не бива, а и да биде не му личи.

БАН, МАНУ и САНУ

По ударот во плексус од Бугарија се пумпа мошне успешно и брзо сомнежот дека дефинитивно го губиме минатото, ги губиме и апостолите на националната историја, го губиме Гоце Делчев и нашите преродбеници, го губиме и јазикот насушен, единствената наша татковина. На Албанците, домашните непријатели, главно Македонци и по некои од другите, им го дадоа правото на двојазичност загрозувајќи го македонскиот јазик до степен на исчезнување. Наместо борба против криминалците и корумпираните политичари на претходниците, новата власт за две и пол години влезе до гуша во криминал десет пати повеќе отколку за време на ерата на груевизмот и уште мал милион грешки на нелегитимната власт која на изгубени избори доби коалициски мандат. Ете ова се главните теми и шеми пред изборите како и во изминатите години, со таа разлика што сега спрегата меѓу балканските националисти, шовинисти и европските егоисти дава чудовишни резултати.

Се огласи Бугарската Академија на науките да им удри силна заушница на сите во Македонија кои поддржуваат добри односи со Бугарија. Од бугарската академија на бесмртните великани велат не постои македонскиот јазик. Тоа што ние го зборуваме и пишуваме било бугарски дијалект. Тоа е суштинскиот одговор од Софија на нашите бесмртни мудреци од МАНУ кои имаат потреба да лечат комплекси и да ставаат мелем на рани со Повелби за големината на македонскиот јазик. Зошто повелби и декларации и сукање мустаќи за нешто што е беспредметно, што е светска реалност, научна вистина одамна призната и потврдена со тапија на ОН. На кого тоа му праќаат абер нашите академици.

За среќа има луѓе и научници во Бугарија како проф. Ивајло Дичев кој предава на три Универзитети во Америка, во Франција и во Бугарија кој во интервју за Дојче Веле на македонски јазик памфлетот на  БАН го нарече смешен. Тоа е, вели Дичев, како Италијанците да им кажат на Французите дека францускиот јазик е дијалект на италијанскиот, оти потекнува од латинскиот кој им припаѓа на Италијанците. Навистина смешно професоре, но и многу тажно и опасно како што тоа го појаснувате со фактите дека на Балканот, и не само тука, го сфаќаат јазикот не само како средство за разбирање на другиот, туку како средство за менување на границите. Наместо доближување едни кон други, се отвора фатална тема на отфрлање, на поделба на територии и менување граници. Тоа што го направи БАН е тежок удар врз сите кои макотрпно работат на приближување меѓу двата народи и двете држави. Се разбира, сега веќе по членството во НАТО на двете земји, и нивните и нашите националисти немаат шанси да стасаат до меморандумите на САНУ, но никогаш не речи двапати.

Бугарите не се Македонци

Шамарот и на ДУИ кон сите што го поддржуваа законот за јазиците, по непримерниот и примитивен  однос кон препораките на Венецијанската комисија е исто така уривање на обидите за приближување. Колку и да е предизборна пропаганда, има сериозни штетни последици ваквиот однос кон достигнувањата на меѓуетнички план кои се над стандардите на ЕУ. Во ДУИ, навикнати сите меѓународни укажувања и препораки да бидат со поддршка на нивните барања, и кога нема услови за тоа, препораките на Венецијанската комисија ги доживееја како диверзија, наместо без талмабаси да прифатат едно извонредно достигнување. Довербата во судството, каде што е најголемата пречка за применливост на законот, не се враќа ако пресудата од десет години затвор за организиран криминал и корупција се изрече на албански, или на македонски јазик, туку е во тоа таа навистина да се изрече за виновниците без оглед на која нација, вера, функција, партија и припаѓаат криминалците.
Работата излезе дека краставата жаба што ни ја сервира Грција како услов за членство во НАТО и во ЕУ и како заемно прифатливо решение, сепак, колку и да беше голема, полесно ја проголтавме отколку големите крекетуши што ни ги готват браќата Бугари. Ние отсекогаш признаваме дека Бугарите не се Македонци, но тие никако да прифатат дека Македонците не се Бугари. Изгледа навистина не сакаат премногу, дури до инцест.

Од што стравуваат сите на Балканот?

И браќата Албанци, додуша не по род, никогаш не кажаа јавно еден ноторен факт од кој сите стравуваат на Балканот, да не ги префати па и нивните малцинства да го бараат тоа што никогаш не можат да го добијат. А тоа е дека Албанците во Македонија ги имаат најголемите права и слободи во споредба со сите земји на југоистична и централна Европа, кон своите малцинства, без оглед на нивната бројност. Во случајот со Албанците во Македонија помалку е важно дали тие права се стекнати по сопствени заслуги, со калашњикови, или со политичка  борба, или пак како добра волја и толеранција на мнозинскиот народ. Односот кон препораките на Венецијанската комисија на повеќе албански политички челници и интелектуалци најмногу ќе им наштети на Албанците. Тоа е тежок удар и врз оние Македонци и припадници на другите народи кои живеат во Македонија кои им ја даваат секогаш поддршката за правата кои самите ги немаат.

Ова се само дел од големите штетни последици кои се случуваат во Македонија, но и на Балканот кај соседните држави, затоа што преговорите со ЕУ не почнаа истиот ден со потпишување на Преспанскиот договор. Тоа беше голема грешка на ЕУ. Се пропушти извонредна прилика Македонија и  Грција да бидат најдобриот пример за многу замрсени работи и нерешливи проблеми во регионот. Европа ја испушти таа шанса иако преговорите со ЕУ и со стари и со нови методологии, без никаков протекционизам можеа да потраат колку и изгубеното време досега од Потпишувањето на договорот со Грција. До изборите, а многу веројатно и по нив, ќе гледаме разни драмолетки додека Македонија не ги почне преговорите со ЕУ. Потоа почнуваат вистинските реформи. Македонија ќе биде членка и на ЕУ како што стана и на НАТО, иако се чека формално согласноста на Шпанија. Друга подобра алтернатива никој досега не понудил. На политичарите е тие процеси да ги забрзаат, а на граѓаните е да ги препознаат тие што тоа ќе го направат најбрзо и најуспешно.

DW.COM

Реклама