Европските десничари ги обединува омразата | Свет | DW | 23.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Европските десничари ги обединува омразата

Десничарските политичари планираат успех во 2017 година, како во Франција, Холандија, така и во Германија, тоа го истакнаа и на собирот во Кобленц на викендот. Но, ова е само брак од интерес, смета Сабине Кинкарц.

Непријателот на мојот непријател е мој пријател, гласи една стара поговорка. Во практика, ова мото често водело до вистински сомнителни сојузи. Сега германската партија Алтернатива за Германија, АфД, бара ваков сојуз со европските десничарски екстремисти, со францускиот Национален фронт на чело со Марин Ле Пен, холандската Слободарска партија ПВВ на Герт Вилдерс и италијанската Северна лига на чело со Матео Салвини, а ним треба да им се приклучи и австриската Слободарска партија.

Но, момент. Официјално, АфД не е таа која бара европски десничарски сојуз. Партиското раководство тукушто донесе одлука за извесна дистанца кон Националниот фронт. Но, некои од АфД имаат сосем поинакво гледиште, првенствено Фрауке Петри, лидерката на АфД, која планира да биде единствен водечки кандидат од својата партија на сојузните избори за Бундестагот. Исто така и нејзиниот новопечен сопруг, европратеникот и покраински челник на АфД за Северна Рајна Вестфалија, Маркус Прецел. Политичката двојка има свои планови во партијата.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App

Сабине Кинкарц

Целна провокација

Може да се претпостави дека Прецел токму од таа причина во Кобленц ја организираше средбата на пратеничката група од Европскиот парламент „Европа на нациите и слободата“, на која припаѓа и самиот. Целна провокација кон конкурентските алфа-сопартијци. Организирана официјално како конгрес на европските десничари, средбата де факто создаваше впечаток на манифестација на АфД, како оваа партија да ги покани своите европски пријатели во Германија. Во публиката седеа стотици привраници на АфД. „Оваа сала, полна со германски патриоти, ми кажува дека Германија не е загубена“, извика Холанѓанецот Вилдерс во Кобленц.

Посебно важно беше приредувањето големо шоу, предизвикување внимание, произведување фотографии и медиумски наслови. Целна провокација во поткрепа на оваа намера беше и неакредитирањето новинари од големите германски медиуми. Петри и Прецел, но и Марин Ле Пен и Вилдерс во последните месеци многу научија од Доналд Трамп. Не без причина упатија срдечни честитки до него во Вашингтон, неговиот успех треба да им донесе ветер во грбот за старт во изборната 2017 година.

Презир, омраза и подмолност

Ковајќи сојуз, десничарските популисти сакаат и да се прикажат поголеми отколку што се всушност. Да пренесат од популарноста и успехот на одделно движење врз другите. А што ги обединува десничарите од Германија со оние од другите европски земји? Првенствено: отфрлањето на обединета Европа и презир кон политичките неистомисленици.Тоа може да се нарече и омраза, која застрашувачки се чувствуваше при секој настап во Кобленц, сеедно кој стоеше на бината. Омраза, манифестирана во различно руво, често гласна, директна, но и тивка и суптилна, како кај Петри.

Ваков сојуз не е можен на долги патеки. Не мора ни да биде. Затоа што станува збор само за средство кон постигнување на целта. Доколку десничарските популисти вистински би дошле на власт во своите земји, сосем сигурно брзо би се дистанцирале едни од други. Тие би изградиле високи ѕидови и би се движеле само во сопствената орбита. Би го правеле истото кое го планира и новиот претседател на САД, Доналд Трамп. Останува само надежта дека европските гласачи ќе ја препознаат опасноста и нема да дозволат да се отиде толку далеку. И дека нема да дозволат да бидат заслепени од десничарските апологети, кои сакаат да создадат впечаток дека распадот на Европа е веќе незадржлив. 


 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама