Европејците сѐ повеќе „готват“ на интернет! | Економија | DW | 04.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Европејците сѐ повеќе „готват“ на интернет!

Неколку кликови на глувчето или потези со прстите на паметниот телефон и вечерата е тука. Во Европа се забележува драматичен пораст на бројот на нарачките на храна преку интернет.

Се повеќе граѓани на Германија при првите знаци на глад посегнуваат по компјутерското глувче  или паметниот телефон и пишуваат некое од познатите имиња: Фудора е името на сервисот за достава, чии вработени во розеви униформи и со велосипеди станаа неизбежен мотив на градовите во Германија. Идејата, секако, се роди од „другата страна на барата“. На двајца пријатели во белиот свет, во Токио и Њујорк, по враќањето во Германија, им се родила идејата за сервис за достава на храна од ресторани. Тоа било во 2014. година.

Денес Фудора соработува со 2.500 ресторани само во Германија. Во меѓувреме фирмата ја купиле интернет ветераните од Рокет интернет, а доставувачите во розево јуришаат по улиците на 50 градови од 10 земји. Вториот по големина сервис за достава на готова храна во Германија е британскиот Деливеру кој соработува со повеќе од 2.000 ресторани. Рестораните плаќаат провизија од 30 отсто – што не е малку – но со оглед на тоа дека се работи за „подарени муштерии“ кои инаку не би го посетиле ресторанот – и рестораните имаат ќар. Феликс Хробог, директор на Деливеру за Германија, тврди дека рестораните преку соработката со неговата фирма го зголемуваат профитот за 20-30%. Тоа е очигледно формулата за успех. „Минатата година бројот на нарачки на секои два месеци се зголемуваше двојно“, велат од Фудора. Според агенцијата Ројтерс, Фудора е фирма која минатата година ја зголемила својата вредност на милијарда долари.

Restaurant Weltküche (DW)

Дали поминува времето на рестораните?

Жестока конкуренција

Профит „намирисаа“ и големите играчи како Убер или Амазон – оние кои веќе се глобално активни. Ветеран во овој бизнис е холандската компанија Такавеј.ком која постои од 2000 година. Но, фирмата досега даваше само услуги за интернет нарачување. За испорака на оброците мораа да се погрижат самите ресторани. Такавеј преку својата фирма Лиферандо настојува да фати чекор со конкуренцијата. Етаблираните фирми опуштено гледаат на конкуренцијата. „Ние сме, поради искуството, во предност – па и во однос на играчите како Убер или Амазон. На пазарот има место само за две или три големи фирми“, смета Никлас Ештеберг од Фудора. Тие и понатаму инсистираат на компанискиот слоган „профит преку квантитет“ и одбиваат да ги покачат цените на услугите.

Да се осмисли нова апликација и да се привлечат нови ресторани е една работа – но на крајот сепак се се сведува на тоа некој во најбрз можен рок да ја достави храната до гладните муштерии. Само Фудора вработува повеќе од 7.000 курири. Единствен услов кој вработените мораат да го исполнуваат е да имаат паметен телефон без ограничување на мобилниот интернет и сопствен велосипед. Но, условите за вработување се различни. Деливеру своите возачи ги вработува како самостојни претприемачи, а предностите од тоа се: нема штрајк и опасност од жалби за условите на работа.

Фудора ги вработува своите возачи и им ги плаќа социјалните придонеси, но новинарите од порталот Краутерпортер.де открија дека на возачите им се исплаќа пониска саатница од ветената, бидејќи во неа се пресметуваат и напојниците. Возачите се постојано под притисок на времето – можеби затоа некои посегаат и по футуристички решенија. Платформата за нарачување Џаст ит од Лондон од неодамна експериментира со роботи кои доставуваат храна.

Radfahrer mit Rucksack von Uber (uber.com)

Убер не е само такси служба

Времето на рестораните истекува?

Сопствениците на ресторани ги мачат други проблеми. Многумина стравуваат од зависност од интернет- соработниците кои би можеле да почнат да се мешаат и во деловната политика. Такво искуство на своја кожа почувствуваа хотелиерите по бумот на порталите за резервирање. Не помина долго време, а порталите на хотелите почнаа да им ја диктираат политиката на цени. Многу од сопствениците на ресторани стравуваат од исчезнување на „вистинските“ гости кои се важни за прометот. Затоа што, оние кои нарачуваат јадење преку порталите, по правило не нарачуваат пијалок – што е важен дел од прометот. 

DW.COM

Реклама