Европа повторно се подели на Источна и Западна | Свет | DW | 09.03.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Европа повторно се подели на Источна и Западна

Отпорот на Источноевропејците против бегалците е своевиден бунт против глобализацијата, вели бугарскиот политиколог Иван Крстев во интервју за Дојче Веле.

ДВ: Г-дине Крстев, во моментов Западна и Источна Европа говорат различен јазик кога станува збор за бегалската криза. Како го објаснувате тоа?

Крстев: Финансиската криза ја подели ЕУ на доверители и должници и предизвика јаз меѓу северот и југот. Сега бегалската криза предизвикува нови поделби на линија исток-запад. Деновиве не доживуваме само недостаток на солидарност, како што често се слуша од ЕУ, туку и еден судир меѓу различните солидарности: меѓу националната, етничка и религиозна солидарност од една и нашата обврска како луѓе да помогнеме од друга страна.
Источните Европејци не сметат дека солидарноста, која им ја должат на граѓаните во својата земја, треба да ја имаат и со луѓето кои бегаат од војна и прогон. Бегалската криза токму покажа дека истокот на Европа ги доживува како закана токму оние вредности на кои почива ЕУ. Истовремено, овие универзални вредности за многумина во Западна Европа се јадрото на новиот европски идентитет. Оттука, ваквиот став на земјите од Источна Европа од аголот на западноевропските земји е неподнослив, дури и скандалозен. Додека во Германија околу 10 отсто од населението се вклучи во приватни акции и собирање помош за бегалците и барателите на азил, јавноста во Источна Европа остана неимпресионирана од бегалската трагедија, а многу политичари ги одбиваат бегалските квоти наметнати од Брисел.

Значи, една асиметрична реакција на бегалската криза?

Во повеќето западноевропски земји бегалската криза доведе до поларизација на општеството, до конфронтација меѓу приврзениците и противниците на политиката на отворени врати, меѓу оние кои ги примаат бегалците во своите домови и оние кои ги палат бегалските домови. Во Источна Европа се случи токму обратното: нашите по правило поларизирани и поделени општества се обединија во отфрлањето на бегалците. Ова е еден од ретките случаи во последните децении во кои источноевропските власти го говорат она што го мисли мнозинството. Но таквата позиција на Источна Европа е особено неразбирлива за мнозинството на Западот. Најмногу поради следните две причини: прво, во поголемиот дел од 20-от век Источноевропејците во висок степен беа соочени со тоа или самите да емигрираат или да се грижат за мигранти. И второ, во повеќето средно и источноевропски земји воопшто нема ниту еден Сириец.

Ivan Krastev

Иван Крстев

Останува неодговорено прашањето: зошто Источноевропејците воопшто не се заинтересирани за трагедијата на бегалците?

Обновените тензии меѓу истокот и западот на Европа воопшто не се случајни. Тие ги имаат своите корени во историјата, во демографијата и во турбуленциите на посткомунистичката транзиција. Во истовреме, бунтот против бегалците е на некој начин и протест против глобализацијата. Историјата игра важна улога во средна и источна Европа, а честопати историското искуство е во спротивност со денешните ветувања на глобализацијата. Во Централна Европа ги познаваат подобро од каде било во Европа, предностите но и маните на мултикултурните општества. Во западниот дел на Европа средбата со неевропскиот свет минува под знакот на наследството од колонијализмот, додека средноевропските држави се раѓаат како резултат на распаѓањето на империите и од етничкото чистење кое ги следи. Пред Втората светска војна Полска, на пример, е мултикултурно општество, во кое една третина од населението се Германци, Украинци и Евреи. Во денешна Полска живеат 97 проценти Полјаци, а тоа ја прави една од етнички најхомогените држави во светот. Токму затоа за мнозинството Полјаци враќањето кон етничката разновидност делува како враќање кон тешките времиња меѓу двете светски војни.

Значи ли тоа дека Средна и Источна Европа во своето сфаќање за нацијата заостануваат зад Западна Европа?

Не сосема. Нивната поставеност е малку поинаква. Европската Унија е изградена врз две идеи. Француската за нацијата, која под припадност подразбира лојалност кон институциите на републиката. И германската за државноста - силни покраини и релативно слаб федерален центар. Но средно и источноевропските држави ја преземаа германската идеја за нацијата, а француската идеја за државна поставеност. Овие земји ја комбинираат стравопочитта на Французите кон централната власт со традиционалното гледиште на Германците дека припадноста кон една нација се определува врз основа на заедничката припадност и култура. За многумина Источноевропејци паролите како „Полска на Полјаците“ или „Германија на Германците“ се прифатливи, но не и идејата за Европа на Европејците. Затоа што Европа нема политичка тежина и нема етнички идентитет, нема заеднички јазик, а нашата заедничка историја повеќе нѐ разделува отколку што нѐ обединува. Звучи донекаде парадоксално, но отфрлајќи ги бегалците, Источноевропејците можат да предизвикаат радикална криза на самата идеја за солидарност во ЕУ. И како резултат на тоа и самите да бидат отфрлени од западните општества.

Иван Крстев е политиколог, претседател на Центарот за либерални стратегии од Софија и постојан член на Институтот за хуманитарни науки во Виена.

Реклама