Европа мора да зборува во еден глас | Свет | DW | 16.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Европа мора да зборува во еден глас

Европа може да и’ се спротивстави на Кина само ако зборува во еден глас и ако истовремено успее како голема сила себеси јасно геостратешки да се позиционира, смета Франк Зирен.

Зборувал во име на Европа, соопшти претседателот на Франција, Емануел Макрон, при неговата тридневна посета на Кина минатата недела. На таквите зборови во Канцлерамтот во Берлин рефлексно се „штрекнуваат“: Дали е координирано и со другите тоа што Макрон сега го раскажува? 

Всушност тоа би требало да е рутина, но не е. Дури и на водечките земји во Европа им успева да се здружат само со бавни чекори. Пролетоска францускиот претседател ја покани Ангела Меркел на средба со Ши Џинпинг во Париз за да го демонстрира единството на ЕУ во однос на Кина. Но, и таквиот потег не беше сосема несебичен, бидејќи Макрон не сакаше само да покаже дека „Ние сме Европејци“, туку и дека тој е тој кој ја кани Меркел, а таа уште и доаѓа. Сепак, иако ЕУ е далеку од заедничка стратегија за Кина, симболиката на „еден за сите" е важен чекор.

Заеднички европски настап во Шангај

Тука спаѓаше и заедничкиот настап на саемот во Шангај. Покрај Макрон седеа германската министерка за образование и наука Ања Карличек и Фил Хоган, новиот еврокомесар за трговија. „Европа и Кина се во состојба да придонесат за разумен светски поредок“, изјави Макрон. Двете се залагаат за „меѓународен трговски систем базиран на правила“, изјави Карличек. Но, и тука се презентираше констелација во која Макрон е големиот мајстор: во негова придружба дојдоа пет француски министри. Зошто ли Германците не го испратија, ако ништо друго, барем уште министерот за економија? 

Макрон употреби подипломатски тон отколку во најновиот документ на ЕУ за стратегијата за Кина, каде земјата се опишува како „системски ривал".

Брисел и Пекинг би морале да се приближат. По посетата на Кина, Макрон во интервју јасно и гласно кажа зошто е тоа така: „За првпат имаме американски претседател кој не ја дели нашата идеја за европски проект." На САД веќе немало потпирање, додека пак парализираната Европа се соочувала со опасноста дека за скоро време веќе нема да може самата да одлучува за својата судбина.

Макрон гласно го изговара она што многумина во Европа го мислат: дека трансатлантската алијанса се распаѓа, додека Кина постојано се засилува. Истовремено, Европа покажува „невообичаена слабост". На Европа и’ е потребна заедничка стратегија повеќе од кога било досега, смета Макрон. „Колку сме попрецизни и појасни, толку поголеми се шансите да постигнеме резултат во Кина.“ Макрон тука зборува за Европа, но секако и за Франција. Тоа е дилемата на европските структури. 

Frank Sieren *PROVISORISCH* (picture-alliance/dpa/M. Tirl)

Франк Зирен

Пекинг се повлијателен во Европа

Што се однесува до Пекинг, тие не чекаат на Брисел. Со мали, но постојани чекори Кина станува се’ повлијателна во рамки на Европа, на некој начин зад грбот на ЕУ. Со Самитот 17+1 народната република создава коалиции во Источна Европа и на маргините на ЕУ, каде Брисел долго време ја пропушта можноста да инвестира во инфраструктурата. Заради големо инаетење од Европа за време на финансиската криза и грчката влада смета дека е паметно да има се’ поблиска соработка со Кинезите кога се работи за инвестиции.

Тоа и им се исплатеше. Пристаништето во Пиреја не е само најразработено во Средоземно Море, туку и важна точка на кинескиот „Нов пат на свилата“, преку кој треба да има подобар пристап до европските пазари. Неделава Пекинг и Атина потпишаа 16 нови договори во областа на енергетиката, туризмот, правдата и културата. Успешна приказна, за која се зборува и во други земји и тоа не само оние кои се чувствуваат како губитници во ЕУ. Пекинг во напредокот кон Европа постојано играше на картата на билатерални договори, така што ЕУ практично остана надвор од играта. Идејата е тоа сега да се промени.

Инвестициски договор помеѓу ЕУ и Кина?

На крајот на 2020 година сите шефови на држави или влади од 27-те земји на ЕУ, како и политички претставници од Кина, треба да се сретнат на самит ЕУ-Кина во Лајпциг. Брисел досега никогаш не и’ посветил на Кина толку фокусирано внимание! Главната цел е инвестициски договор помеѓу ЕУ и Кина, со кој обострано ќе се олесни пристапот до пазарите и кој пред се’ ќе ја ублажи правната несигурност во Кина. 

Германски компании се’ уште се многу погодени од пазарните ограничувања во Кина, изјави неделава претседателот на Германската стопанска комора во Пекинг, Јенс Хилдебранд. Во една анкета спроведена меѓу германските претприемачи во Кина, над 50% одговориле дека би ги зголемиле своите инвестиции во Кина доколку им се гарантира послободен пристап до пазарот. Договорот би бил голем чекор за Кина и ЕУ. Истовремено може да биде и само почеток, бидејќи, како прво, Европа мора да успее да зборува во еден глас и, второ, Европа мора повторно да научи да размислува во големи политички димензии. На ЕУ и’ е потребна индустриска политика достојна за името која истовремено ќе биде стратешка и долгорочна како кинеската.

„Ако Европа не може да се види себеси како светска сила, ќе исчезне“, рече Емануел Макрон. Без болни компромиси меѓу државите членки тоа нема да биде возможно. Но, оној кој сфатил колку моќна се очекува да стане Кина, треба да е подготвен на тоа.

Нашиот колумнист Франк Зирен повеќе од дваесет години живее во Пекинг.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама