Европа: Истополов брак - некаде „да“, некаде „не“ | Свет | DW | 01.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Европа: Истополов брак - некаде „да“, некаде „не“

Земјите во кои се дозволени истополови бракови, би можеле да ги мотивираат источноевропските држави, во кои е распространета хомофобијата, да го променат мислењето, предлага Крсто Лазаревиќ.

Се сеќавате ли уште на инаугурацијата на Џорџ Буш за американски претседател, израчувањето на Слободан Милошевиќ во Меѓународниот трибунал во Ден Хаг и како Ебе Занд и Сергеј Барбарез ја делеа титулата на најдобар стрелец во германската Бундеслига?

Тоа беше одамна, поточно, во 2001. година. Во истата година Холандија реши да ја запре дискриминацијата на хомосексуалците и да воведе право на истополов брак. Во 2003. година следеше ист чекор во Белгија, а во 2005. година - во католичката Шпанија. Католичката црква не се согласуваше и предупредуваше против ова, но таа некогаш предупредуваше и прогласуваше и вештерки и јавно ги спалуваше. Формулирано на умерен јазик, може да се каже дека католичката црква не беше секогаш на висината на општествениот напредок. Во 2015. година и Ирците ги игнорираа папините препораки и преку референдум воведоа право на истополов брак.

Одамна потребна одлука

Вчера тоа го направи и Германија, Бундестагот донесе одлука против волјата на канцеларката Ангела Меркел, која гласаше против.

Гласањето во Бундестагот беше повеќе од изјаснување дали може да се склучи брак меѓу двајца луѓе од ист пол, основното прашање беше дали постои желба на сите да им се дадат исти права и шанси или ќе се изнаоѓаат апсурдни причини и „болки во стомакот“ заради одбрана на сопствените привилегии и дискриминирање на другите. Причините изнесени против истополовите бракови се недостојни за едно либерално општество.

Три модели

Грубо кажано, во Европа постојат три модели според кои се третираат истополовите парови. Германија сега се приклучи кон групата на прогресивни држави. Таа може да се нарече „западноевропски и скандинавски модел“, зашто е применет и во Франција, Португалија, Финска и Луксембург. Кратко: геј- луѓето и лезбејките смеат да склучат брак и да ги имаат истите права како и хетеросексуалните брачни двојки. Точка.

Постои и моделот „немаме ништо против хомосексуалците, но“, кон кон Германија се придржуваше до вчера. Во земјите во кои се практикува овој модел, хомосексуалците смеат да склучуваат „регистрирано партнерство“ или како шашаво и да е наречена ваквата заедница. Но, луѓето во вакви заедници немаат исти права со хетеросексуалните брачни двојки. Ваква дискриминирачка политика постои во Австрија, Чешка, Швајцарија, Италија, Грција и Естонија. Во Словенија прво беше воведен истополов брак, изгласан во парламентот, но потоа укинат со референдум и заменет со нов Закон за партнерство. Канонадата против истополовиот брак во Словенија, сигурно никого не чуди, првенствено ја водеше католичката црква.

Конзервативната Австриска народна партија, по усвојувањето истополови бракови во Германија, се наоѓа под притисок. Партискиот лидер Себастијан Курц, од изборно-тактички причини, не ја оддава својата позиција на оваа тема. Австриските конзервативци имаат избирачи кои хомосексуалци ги сметаат за перверзни и одвратни. Но, меѓу своите гласачи тие имаат и луѓе за кои хомофобите претставуваат  селаништа. За да не одврати ниедна од овие групи, партијата порадо ја премолчува темата.

Решително спротивставување

Но, дури и кукавичкотро држење на Австриската народна партија е подобро отколку третиот модел. Него би го нарекол: „Кај нас никогаш“, модел каде егзистенцијата на хомосексуалци желни да склучат брак, едноставно се игнорира. Во земјите како Романија, Албанија, Косово и БиХ, не е признато право на брак на припадници од ист пол. Во најголем дел од овие земји за темата воопшто не се ни дискутира, зашто хомосексуалноста во најголем дел е табуизирана. Притоа, Албанија, Косово и БиХ би можеле да постигнат придобивки, би можеле да влезат во историјата како прва земја со мнозинско муслиманско население, која би ги легализирала браковите на луѓе од ист пол. Албанската влада во 2009. година дури и најави соодветен предлог-закон, но оттогаш не се случи ништо.

Во земјите со моделот „Кај нас не“ постои и подгрупа „Никогаш“, кај кои дефиницијата на бракот како врска меѓу маж и жена е „бетонирана“ во уставот. Тука спаѓаат Литванија, Летонија, Полска, Белорусија, Украина, Молдавија, Словачка, Бугарија, Србија и Црна Гора. Владите на овие земји се толкави противници на истополови бракови, што сакаат да спречат нив да ги воведат дури и идните генерации. Во Хрватска, по референдумот во 2013. година, бракот беше внесен во уставот како заедица на маж и жена. И таму католичката црква беше во првите редови на пропагаторите за дискриминација на хомосексуалците.

„Но, Србија сега има лезбејска премиерка“, може да аргументира некој. Точно е, тоа е напредок ако се има во предвид дека уште во октомври во 2010. година во белградскиот центар хомофобите се обидоа да ги линчуваат хомосексуалците. Но, ситуацијата на геј-лицата, лезбејките, бисексуалците и трансполовите луѓе во Србија со ова нема автоматски да се подобри. Премиерката Ана Брнабиќ досега не навести заложба за правно изедначување на правата на хомосексуалците. Тие во Србија на јавни места редовно се напаѓани и тепани. Сѐ додека тоа не се промени, постоењето премиерка-лезбејка нема големо значење.

Европските земји кои се одлучија за рамноправност, добро би направиле ако по ова прашање ги мотивираат и државите од централна и источна Европа. Зашто, при наполно оправданото славје во Германија, не треба да се заборави дека уште постојат земји во кои геј-лицата и лезбејките мора да се кријат и тоа среде Европа.

Крсто  Лазаревиќ  е роден во  БиХ и како дете со родителите побегнал во  Германија.  Денес  живее  во  Берлин  и  пишува  за  неколку  медиуми  на  германски  јазик.

 

DW.COM

Реклама