Европа ги заборави жителите на Лезбос | Свет | DW | 07.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Европа ги заборави жителите на Лезбос

Мизеријата во преполниот бегалски камп Морија на грчкиот остров Лезбос продолжува. Огромен проблем за бегалците, но и за жителите на селото Морија кое е во близина на кампот.

Димитриос Карсиотис е надвор од себе од бес: „Овците ми исчезнаа, како и целиот род од калинките. Сето тоа го испокрадоа тие луѓе“, возбудено раскажува овој пензионер и земјоделец од хоби. Кога вели „тие луѓе“ мисли на бегалците и мигрантите кои во блискиот камп Морија вегетираат во бедни услови. Тие постојано се појавуваат во селото - кампот и онака е пренатрупан. Таа шаторска населба своевремено беше направена за сместување на 2.800 бегалци. Денес таму во нечовечки услови живеат повеќе од 13.000 луѓе.

Во соседното село Морија, до кое лесно се стигнува пеш, живеат околу илјада луѓе. Тие долго се колебаат пред да кажат нешто за кампот, не сакаат да добијат печат на луѓе кои се нетрпеливи кон странци. Но, како што се вели, веќе не може и да се молчи.

Griechenland Dorf Moria

Стратос Маринатос

„Речиси сите овде се многу толерантни. Некои имаа и контакти со дојденците. Но, проблеми има сѐ повеќе“, вели Стратос Маринатос, вработен во продавницата на својот татко во селото. Очигледно се работи за помали кривични дела, вели момчето, но не сака да каже ништо поконкретно.

Како да се решат „проблемите“ со кампот Морија? Јасно е дека земање на правдата во свои раце не е решение, нагласува Маринатос. Но, проблемите станале преголеми за мештаните да можат самите да ги совладаат. На крајот на краиштата, додава Маринатос, грчката влада и ЕУ би морале да се погрижат и за луѓето кои живеат на Лезбос.

Повеќе: Бегалците страдаат поради лошиот договор

Се шири немир

Случајните минувачи се согласуваат со тоа и климаат со главите. Но, за детални информации упатуваат на новоизбраниот претседател на месната заедница Јоанис Мастроганис. Тој е пензиониран ветеран на крајбрежната служба. Не, вели Мастроганис, како чувар на редот речиси и немал работа со бегалци во Егејот, за време на својата служба бил преместуван на различни места во Грција. Околу актуелната ситуација во кампот изразува скепса, веќе и само поради тоа што бегалците од над 70 земји живеат натискани едни до други. „Кога се има најмал можен простор, етничките и верските разлики доаѓаат особено до израз. Може да дојде и до тензии“, смета 70-годишниот Мастроганис.

Griechenland Dorf Moria

Јоанис Мастроганис

Во селото досега немало насилство, уверува тој. Кога првите мигранти дошле на Лезбос, мештаните сториле сѐ за им помогнат на страдалниците. Но, во меѓувреме се шири немир. „Постојано се краде овошје, зеленчук или животни во селото, жителите стравуваат за својот скромен имот“, опоменува Мастроганис.

Дојденците доминираат во пејсажот на селото. Се шетаат низ сокаците, купуваат храна, се сончаат на ливадите. Повеќето потекнуваат од Авганистан. Понекогаш шетаат и жени во мали групи. Оној кој еднаш видел како изгледа бегалскиот камп одвнатре, не може да им се лути на овие луѓе поради тоа што понекогаш собираат овошје од дрвјата покрај патот. Но и можностите на мештаните се мали.

Пензионерот Димитриос Карсиотис вели дека мора да излезе на крај со пензија од 338 евра, а освен тоа и да се грижи на невработени роднини. Токму поради тоа му бил неопходен дополнителниот приход од одгледувањето овци. Тоа што загубил 30 овци е нешто од што не може да се опорави, и покрај еднократното обесштетување во висина од 1700 евра. „Одгледувањето овци ми носеше годишен приход од 3000 евра, но овие пари сега ги нема. Готов сум“, се жали Карсиотис.

Griechenland Dorf Moria

Димитриос Карсиотис (д.) со пријателите

Остров со иселеничка традиција

Лезбос, трет по големина остров во Грција, и самиот има долга иселеничка традиција. Во 1960-те илјадници луѓе заминале на работа во Германија, Австралија или во САД. Меѓу другото и тоа е една причините поради која многу луѓе на островот во последните години покажаа сочувство со бегалците од цел свет. Една 85-годишна баба, која на плажата во Сикамиа делеше леб на дојденците, во 2016 година дури беше номинирана за Нобелова награда за мир - како претставничка на целото население на Лезбос.

Повеќе: Морија во пламен - загинати во бегалскиот камп

Сега оваа солидарност се чини веќе не е нешто што се подразбира само по себе. Јоанис Мастроганис вели дека има особено разбирање за она што значи напуштање на татковината за да се изгради подобар живот некаде на друго место. И неговиот син пред долги години се иселил во САД и денес живее во Њујорк. Па, сепак: „Тој тогаш замина сосема легално и и денес ги почитува целосно законите и прописите на земјата во која престојува“, нагласува претседателот на месната заедница во Морија.

Реклама