Евија: Оставени сами на себе против огнената стихија | Информации и анализи за Балкан | DW | 13.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Евија: Оставени сами на себе против огнената стихија

По уништувачките пожари на вториот по големина остров во Грција, неговите жители се бесни на својата влада, сметајќи дека катастрофата можела да биде спречена.

Лежалките за сончање на плажата во летувалиштето Ровиес се празни, овде пламените јазици делумно стигнале до самата вода. По ритчињата каде до пред неколу дена се издигаа типичните борови на Евија, останати се само црни изгорени остатоци од стебла во морето од бела пепел.

Под нозете уште е топло, на места уште се издига чад. Средината на август е најважниот туристички период за Грција, како и за островот. Но, поради пожарите, најголем дел од гостите си заминаа.

Младо израелско семејство тукушто стигнува на островот. „Веќе имавме резервирано. Еден наш пријател овде има куќа, но таа е изгорена, сега сме сместени во хотел," велат младите. Мирисот од чадот уште силно се чувствува, но храната е добра, а морето е убаво, додаваат. 

Никос Текинаргилис поседува бар на плажата. „Не смееме сега да се разочараме“, вели тој, но признава: „Ова е економска катастрофа за сите кои овде живеат од шумата или од туризам“. Тој смета дека грчката влада го препуштила островот сам на себе, но луѓето ќе се држат заеднички: „Трогнат бев кога видов колку се ангажираа младите луѓе“.

Луѓето се на работ на егзистенција

И Школата за јазици на Елени Александриди е изгорена до темел. Додека жената разговара со нас, покрај неа седи мало маче: „Тоа постојано доаѓаше кај нас во училиштето и сега не може да сфати дека куќата ја нема“, вели Александриди, мачејќи се да ја задржи присебноста. Нејзината егзистенција е во прашање, сѐ е уништено, и тоа и покрај фактот што пожарите на Евија не се реткост. Порано огнот секогаш го гаселе сами, но сега на владата ѝ било важно единствено да изврши евакуација.

Griechenland | Waldbrände | Bewohner

Транспортер уништен од огнот во северниот дел од Евија

Александриди се чувствува оставена на цедило од страна на државата, кризната стратегија на Атина ја оценува за катастрофална. „Грешка беше што едноставно ги евакуираа селата, за да нема жртви“. Ни приближно немало доволно средства за гаснење на пожарите, целата опрема била концентриранна кај Атина. Таа лично не видела пожарникари на Евија: „Само доброволците од нашиот остров помагаа, она што се спаси, го спасија тие. Дури по неколку дена помина еден пожарникар. Го прашав: Каде бевте? Тој одговори: Поарно не прашувај.“

Разнишана доверба

Многумина островјани раскажуваат слични приказни. Човек од соседната населба Лимни вели дека луѓето сакале да изгаснат запален бор со црево за да спречат огнот да се пренесе на нивната куќа. „Пожарникарите тогаш едноставно ја прекинаа водата“, вели тој. Сопственикот на ресторан Димитрис Јанакулас на владата веќе не и верува ни еден збор. Ветувањата на премиерот Кирјакос Мицотакис за небирократско обештетување на жртвите, ги смета за празни зборови. Јанакулас се спротиставил на принудната евакуација и останал со другите мажи да се бори против пламенот. „Тоа што нашите куќи уште се тука, е благодарение на тоа што немаше силен ветар“, смета гастрономот.

-повеќе: 

Што научи Грција од пожарите? 

Германски пожарникари ќе ги гаснат пожарите во Грција

Горат „зелените дробови“ на Атина

Масовни евакуации во Грција, огновите голтаат сѐ пред себе

Патот од брегот кон планината ги покажува размерите на катастрофата: изгорена земја докаде стигнува погледот. Околу селото Истиаија во северниот дел од островот до ноќта кон вторникот (10.08.2021) уште беснеела огнената стихија.

На селскиот плоштад стои младиот механичар Тодорис со двајца пријатели. Со денови гледале како пожарникарите не презеле ништо против огнот, не стигнале ни противпожарни авиони: „На телевизија рекоа дека не можеле да летаат поради силниот ветар, а овде воопшто немаше ветар“, вели тој и ни покажува видео на кое се гледа како огнените јазици се извиваат право накај небото.

Griechenland | Waldbrände | Bewohner

Пусто до каде што стигнува погледот - пеплосани борови на Евија

Помош од Полска

Тоа што селото на Тодорис преживеа, е рамно на чудо: „Немаше никаква организација. Самите ги зедовме цревата од противпожарнната служба и гасневме“, вели тој. На плоштадот сега стојат 143 пожарникари со 46 модерни противпожарни возила од Полска. Стигнале на 10.08.2021, кога најголем дел од огнот веќе бил изгаснат.

Рафал Соловин, офицер на полската Бригада за помош, стигнал колку што можел побрзо. „Тргнавме веднаш штом Грција го активираше механизмот за заштита од катастрофи на ЕУ. До овде ни беа потребни три дена.“ За мештаните на Евија тоа е несфатливо: зошто нивната влада толку долго чекала за да побара помош, кога веќе била преоптоварена со гаснење на пожарите кај Атина? 

Руиниран систем

Експертите одамна критикуваат дека грчкиот противпожарен систем е полн недостатоци. По катастрофалниот пожар во Мати во 2018 година, кога загинаа 102 луѓе, тој конечно требаше да биде променет. Дури во јуни годинава владата најави дека ќе инвестира 1,76 милијарди евра во противпожарната заштита, неколку недели пред опасните летни месеци.

Константинос Лиарикос од грчката филијала на ВВФ, Организацијата за заштита на природата, објаснува: „Во услови на климатска криза не се прави доволно за превенција. Владата, како и сите претходни во последните децении, не сака да инвестира во опремување на службите, доброволците и граѓаните.“

По катастрофата во Мати била формирана Комисија која изработила јасен план, но тој едноставно е игнориран. „Ништо не се презеде, исто како и по пожарите во 2007 година“, вели Лиарикос.

По дебаклот со пожарите во Атина, Пелопонез и Евија, влдата сега ветува реформа на целата Служба за цивилна заштита, најавувајќи и инвестиции од 500 милиони евра за обнова и повторно пошумување. Но луѓето на Евија малку веруваат во овие ветувања. Владата ќе треба многу да стори за да ја врати довербата, за луѓето да можат оптимистички да гледаат кон иднината, во која екстремните температури и шумските пожари ќе бидат дел од секојдневието.