„Евергренд“: Се заканува ли нова Леман-катастрофа? | Економија | DW | 23.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

„Евергренд“: Се заканува ли нова Леман-катастрофа?

Вториот по големина концерн во браншата на недвижности во Кина е во големи проблеми, има акумулирано огромни долгови. Дали брановите од кризата со кинески епицентар би допреле и во странство?

„Евергренд“, односно „Евергранде“  (Evergrande) деновиве е симбол за можен неуспех. Расте напнатоста во драмата околу кинескиот концерн кој се занимава со станови и недвижности. Во понеделникот (20.09) акциите на кинескиот џин на берзата во Хонгконг беа во слободен пад, за помалку од една година загубија 90 проценти од вредноста. Тоа значи дека „испари" вредност од 25 милијарди долари, а дури ни тоа не е најголемиот проблем.

Долговите се насобрани на баснословна вредност од 100 до 300 милијарди евра, зависно од изворот. Ако овој колос банкротира, ќе предизвика огромна дупка во билансите на доверителите. Хорст Лехел, кој предава на Франнкфуртската висока школа за финансии и менаџмент, вели дека во вакви случаи секогаш проблем е системскиот ризик.

„Со тоа банките би паднале во неприлики, а во најлош случај настанува ефект на грутка која прераснува во лавина. Ако тоа се случи, пореметувањата би биле значителни“. Некои аналитичари веќе го споредуваат овој случај со пропаста на американската банка „Леман брадерс“ во 2008 година, која беше почетна каписла за светска финансиска криза. Сепак, најголем број експерти смета деа проблемот ќе остане ограничен на  Кина.

Предвидлив пад

Како можеше да дојде до ваква ситуација? „Евергренд“ својот успех од претходните години го должи на „златната треска“ која го зафати кинескиот пазар на недвижности. Силниот подем на економијата во Кина предизвика засилена потреба од станбен простор, како за приватни лица, така и за компании.

Благодарение на тоа цените на станбениот простор експлодираа. Владата во Пекинг се обиде да го ублажи порастот на цените, ограничувајќи ги станарините, за обичните луѓе да можат да плаќаат кирија. Концернот сакаше раст по секоја цена, пресметуваше многу ниска маржа. Во последните недели таа кула од карти стана нестабилна.

Освен што лошо го воделе концернот, очигледно водечката група луѓе ги полнеле и своите џебови со пари. „Евергренд“ “ објави дека шест раководни луѓе во компанијата продавале акции настрана од сите правила. Луѓето кои работат за фирмата, смеат да ги продаваат своите акции дури по истекот на законски рок. Менаџерите своите акции ги вновчиле многу порано.

Малите акционери можат да бидат оштетени

Концернот најави дека одделни инвеститори ќе бидат исплатени со недвижности, тоа веќе почна минатиот викенд. Според часописот „Каисин“, станува збор главно за мали вложувачи кои во локалните филијали своите акции можат да ги заменат за она што е на понуда. Вкупниот обем на ваквата замена ќе изнесува 5,3 милијарди евра. Останува да се види дали кинеската влада ќе допушти концернот да отиде во стечај. Хорст Лехел не верува дека Пекинг тоа ќе го дозволи, зашто системскиот ризик би бил преголем.

China I Evergrande Group

Станбен комплекс на „Евергренд“ во провинцијата Џиангцу

Освен тоа, треба да се има на ум дека стан за Кинезите е најдобра инвестиција за старост. Штефан Рисе, новинар, финансиски советник во финансиски концерни, вели: „Оваа компанија дејствува во државен капитализам. Пред Пекинг да дозволи ударните бранови да се прошират низ кинеските финансиски пазари и економијата, ќе најде начини некако да ги задоволи доверителите.“

Агенциите за кредитен рејтинг предупредуваат на заканувачка платежна неспособност на компанијата, но „Евергренд“  се чини е преголем за да падне. Сепак, тоа не е сигурно. Маркус Шен, оперативен шеф во германска фирма која се занимава со финансиски услуги, вели: „Државата ќе им помогне на приватните купувачи на недвижности, за да се избегнат социјални немири. Побогатите вложувачи и инвеститори, односно банките веројатно ќе бидат директно погодени со сѐ поизвесниот колапс на компанијата.“

Прелевање на кризата?

Решавачко во таква ситуација е дали бранот на финансиски пореметувања ќе стигне до странство или ќе заврши во  Кина.  Шен вели дека против меѓународни последици зборува фактот што кинескиот сектор со недвижности е релативно затворен и нема поголема поврзаност со странство.

„Не гледам опасност за нашиот финансиски систем“, вели Хорст Лехел и додава: „Станува збор за атмосфера – дали да постои ангажирање во Кина? Дали да се инвестира таму? Дали треба уште да се купуваат кинески акции и обврзници? Одовде гледано, тоа се прашања кои предизвикуваат несигурност на пазарот.“

Во Кина грижите очигледно се поголеми. Имено, падот на акциите на кинескиот џин од браншата на недвижности предизвика вкупен пад на берзата во Хонгконг на најниско ниво во последната година. А тоа предизвикува пад на вредноста на акциите на  берзите во цел свет. На германскиот пазар на акции тоа предизвика дневна загуба од два проценти. Според некои експерти, случајот „Евергренд“ ќе предизвика корекција на курсот на берзите во цел свет.