Д-р Пановски: И без омикрон, рестриктивни мерки треба да има! | Северна Македонија | DW | 30.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Д-р Пановски: И без омикрон, рестриктивни мерки треба да има!

Најдобро е училиштата да преминат на онлајн или комбинирана настава, по 22 или 23 часот да нема собирања надвор, а присуството во угостителски објекти да се редуцира на 30%, вели д-р Пановски

Епидемиолошката состојба со Ковид-19 во Северна Македонија е стабилна, засега нема да се воведуваат нови мерки и рестрикции, а внимателно ќе се следи состојбата со ширењето на новиот сој Омикрон, најавија здравствените власти. Дали може да се биде спокоен?

„Без разлика на новиот сој омикрон, рестриктивни мерки треба да има“, вели микробиологот д-р Никола Пановски.

„Омикрон ќе дојде, ама му треба време. За него ќе треба да се обрне внимание пред Нова Година. Но, да не чекаме да се повтори ситуацијата како со Делта сојот. Тогаш сметаа дека нема потреба од контрола на границите за граѓани кои доаѓаат од земји со висока трансмисија на Делта сојот, а кога воведоа мерки - се однесуваа за излегување од земјава“, потсетува д-р Пановски.

Според него, најдобро е во овој период училиштата да преминат на онлајн настава, или барем на комбиниран модел „пола - пола“.

„Исто така, по 22 или 23 часот не треба да има собирања надвор, а бројката на присутни во угостителски објекти да се редуцира на 30%“, смета д-р Пановски.

За вакви мерки веќе се размислува во повеќе земји, со оглед дека претсои период на поголема флуктуација на луѓето поради божиќните и новогодишните празници. Во земји со голема дијаспора, како што е и Северна Македонија, уште пред празниците почнува помасовно користење на одмор во татковината од страна на иселениците. Незаобиколив ризик-фактор се и претстојните православни слави, на кои се собираат повеќе луѓе, што и без присуство на Омикрон, ја компликува состојбата.

Повеќе: Филипче: Нема нови рестриктивни мерки и по заканата од омикрон

Ризик од реинфекција

Според епидемиолозите, ќе биде потребен период од најмалку две недели за да се увиди дали Омикрон, за кој СЗО предупреди дека е полесно пренослив, се шири побрзо во подрачја каде што процентот на вакцинација е низок или влијаат и други фактори. Во моментов многу земји размислуваат за сет од мерки кои треба да го успорат неговото ширење, со оглед дека веќе се регистрирани случаи на заразени од овој сој и на европско тло. А според прелиминари податоци на епидемиолозите од жариштето на Омикрон, луѓето кои прележале Ковид-19 уште на самиот почеток на пандемијата, сега може да имаат поголем ризик од зараза со новиот сој, отколку со други варијанти.

Какви се во моментов бројките на регистрирани реинфекции во земјата? Според податоците на Институтот за јавно здравје, во периодот од 22-ри до 28-ми ноември биле пријавени 44 реинфекции, што е намалување од 10,2% во однос на претходната недела, кога имало 49 реинфекции. Во истиот период биле регистрирани 2.751 нови позитивни случаи во 35 градови во земјата, што е намалување од 6,1% во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 9,5% до 17,5%, просечно 14,3%. Најголем дел од регистрираните случаи биле од Скопје (46,5%), а највисока неделна инциденција била регистрирана во Берово. Регистрирани биле заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (23,1%), а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (4,3%). Во анализираниот период е забележано намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, освен кај групата од 0-9 години (+14,4%), а најзабележително е намалувањето кај возрасната група од 10-19 години (-10,7%).

Во посочениот период биле пријавени 98 смртни случаи, во споредба со 91 смртен исход од претходната недела. Во однос на возраста, најголем број од починатите (87,8%) биле од возрасната група над 60 години, шест починати се регистрирани кај возрасната група од 50-59 години и по тројца во возрасните групи од 40-49 и од 30-39 години.

Corona in Nord Mazedonien

Во периодот од 22-ри до 28-ми ноември биле пријавени 44 реинфекции и биле регистрирани 2.751 нови позитивни случаи во 35 градови во земјата

Вакцините даваат одредена заштита

Иако сѐ уште нема потврдени податоци дали вакцините се ефикасни и против Омикрон, епидемиолози сметаат дека тие „сигурно пружаат одредена заштита и од новите соеви“, но оти во иднина и тие ќе мора да се прилагодуваат, бидејќи во наредните месеци може да се појават и нови варијанти на вирусот во други делови на светот.

Повеќе: Филипче се надева дека ковид мерките за јавниот сектор ќе ја забрзаат вакцинацијата

Од тие причини, во земјата акцентот и натаму се става на потребата од масовно вакцинирање. Заради стимулација на тој процес, Министерството за здравство предлага матичните лекари да бидат наградени со 30 денари по пациент, ако се вакцинираат 70 отсто од вкупниот број пациенти запишани кај нив. Министерот за здравство Венко Филипче потенцира дека матичните лекари имаат право да разговараат со своите пациенти за важноста на оваа мерка и дека досега кај него ниту еден матичен лекар не се пожалил за предлогот, кој ќе биде дискутиран на денешната седница на Владата.

Според податоците од Министерството за здравство, пред крајот на ноември во земјата биле ревакцинирани околу 800.000 граѓани, а трета доза примиле над 71.000 граѓани. Ризикот за невакцинираните се отсликува и низ ковид- билансите.

„Во периодот од 6-ти август до 25-ти ноември на територија на државата од тестираните на Ковид-19 позитивни биле 58.276 граѓани, а од нив 31% (17.896 лица) биле целосно вакцинирани, а 69% (40.380 лица) не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани е голем. Од 468 моментално хоспитализирани пациенти, 91 се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Во анализираниот период починале 1.986 пациенти со Ковид-19, од кои 1.571 (79%) не биле вакцинирани, а 415 (21%) примиле вакцина. Според податоците, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања“, се вели во анализата.

Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje

Акцентот и натаму се става на потребата од масовно вакцинирање

Внимание да, паника - не!

Во земји со исто или слично ниво на имунизација предупредуваат дека застојот во вакцинирањето може да создаде потенцијал за „петти бран“, особено по прогнозите дека Омикрон може да стане доминантен сој на едно подрачје само во рок од две до три недели откако ќе биде регистрирано неговото присуство.

Проекциите се направени врз податоците од Јужноафриканската Република (ЈАР), каде во саботата (27-ми ноември) биле регистрирани 6.048 нови случаи, што е 20-кратно зголемување во споредба со 306 позитивни тестови две недели претходно. Смирувачки се податоците дека бројот на починати не пораснал, но се прогнозира дека таму бројката на заразени до крајот на неделава може да стигне до 10.000 на дневно ниво.

Повеќе: Што знаеме за Омикрон, новиот корона-сој од Африка

Засега нема податоци дека заразата со Омикрон се прележува потешко. Според податоците од ЈАР, најчести симптоми на новиот сој биле силен замор, зголемен пулс и болки во грлото. Смирувачки се податоците дека најголемиот број од заразените немале потреба од хоспитализација, а станувало збор за млади луѓе, кои закрепнувале во рок од 3-4 дена.