Дупката во буџетот ќе се крпи со повисоки даноци и придонеси? | Економија | DW | 25.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Дупката во буџетот ќе се крпи со повисоки даноци и придонеси?

Повисоки придонеси, зголемување на данок на добивка, па дури и на ДДВ? Фискалната консолидација наметнува болни мерки, но неизвесно е кои од нив ќе станат и реалност. Експертите се поделени, бизнисмените загрижени!

Поволни странски позајмици во комбинација со зголемување на даноци - Владата сериозно ги разгледува опциите кои ѝ стојат на располагање за интервенција во насока на фискална консолидација. Се бара начин како и од каде да се покрие хроничниот недостиг од пари, но и да се санираат наследените дупки од претходната власт. Според информации на Дојче веле, во консултации со експертската јавност веќе се разгледуваат неколку опции. Клучната дилема околу која се кршат копјата е кое од решенијата да се примени веќе со наредната фискална година. Во игра се повисоки придонеси, поголем данок на добивка, а на маса е ставен и предлог за зголемување на данокот на додадена вредност:    

„Во игра се неколку опции, а на маса е и прашањето за данокот на додадена вредност. Евентуално да се оди на зголемување на ДДВ за 2 до 3% со што би се обезбедил сериозен прилив на финансиски средства со кои би се покриле огромните буџетски дупки. Ефектот од ова би бил голем, а последиците минимални. Некои производи ќе поскапат незначително, а дел и ќе останат со исти цени. Сѐ ова засега е на ниво на идеја и предлог, но нешто мора да се менува бидејќи пари нема“, открива за Дојче веле експерт вклучен во целиот процес.

Непопуларните мерки се неопходни!

Клучната дилема според него е дали, колку и од кога да се корегира персоналецот и данокот на добивка. Интервенциите можеби се непопуларни, но се неопходни за подобрување на состојбите:

„Апсолутно се потребни непопуларни мерки, како на пример онаа за ДДВ. Или ќе имаме сериозен и храбар министер за финансии или повторно нема да се обезбедат ефикасни политики кои ќе генерираат развој и ќе ги покријат дупките. Па само годишно во Фондот за пензиско се префрлаат по 500 милиони евра, што е трагедија. Се протежира персоналецот да се зголеми на 18%, но тврдам дека оваа мерка ќе демотивира и нема да го даде посакуваниот ефект. Ако сакаат екстра пари минимално нека не ги чепкаат персоналецот и данокот на добивка, или максимум до 12%, но не од наредната година, туку евентуално од 2019-та“, коментира тој.

Mazedonien Geld Denar (DW/E. Milosevska Fidanoska)

Како да се пополнат буџетските дупки?

Од Министерството за финансии категорично отфрлаат каков било простор за евентуална промена на данокот на додадена вредност, но и не откриваат кои и какви ќе бидат евентуалните интервенции во даночниот систем.

„До конечното решение не сакаме да коментираме ништо, но за интервенции во данокот на додадена вредност воопшто не станува збор. Идејата на Владата е воведување фер даночен систем кој за најголем дел од населението нема да значи никаква промена“, велат од Министерството за финансии. 

Експертите бараат поголема транспарентност

За дел од експертите е проблематично што Владата сѐ уште тактизира и не открива конкретни детали за плановите. Дел од нив предупредуваат да не се избрзува, односно добро да се обмисли, но и образложи:

„Треба да излезат и да кажат што размислуваат. Конкретни решенија, нови предлози никаде нема. А еве има сознанија дека разгледуваат опции за менување, дали во делот на ДДВ, дали рамниот данок... Треба да се образложат предлозите и како тие ќе ја подобрат состојбата со евентуална промена на даночниот и финансискиот систем. Настрана како беше досега. Ние критикувавме 10 години дека претходната власт не чини и дека е расипничка. Но сега таа ја нема и можеби тој истиот даночен систем со прекинот на расипничката политика ќе ги даде добрите резултати. Оти контрадикторно е да речеш, имало расипничко трошење, а ќе го менуваш системот. Режимот сега не е веќе присутен, сега треба да имаме резултати само заради тоа што режимот е симнат. Но ако го критикуваме даночниот систем, тогаш ќе ги рехабилитираме дека не биле расипници, туку дека системот им бил погрешен“, реагира поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. 

Загрижени се и бизнисмените

Неизвесноста создава нервоза кај стопанствениците кои стравуваат од несакани ефекти. Дел од бизнисмените апелираат владата активно да ги консултира и нив во носењето на мерките. Посебно во оние што се дел од даночниот систем. Премиерот Зоран Заев деновиве најави нови давачки и раст на даноците за, како што рече, финансиски да ги зајакне општините. Сепак не прецизираше кои даноци ќе бидат опфатени и колку ќе се придвижат стапките нагоре. Единствено што досега во јавноста објасни е идејата за зголемување на персоналниот данок на 18%, но само за оној дел од примањата што е над 60 илјади денари месечно. Сѐ под ова ќе остане по старо. 

Опозицијата, пак, критикува дека плановите на власта да ги зголеми даноците ќе има повеќекратни штети врз економијата. Предупредуваат дека граѓаните ќе се соочат со зголемување на данокот на добивка и на придонесите. Идејата на власта, според нив, била мерките една по една да се спроведат постепено за евентуално да се амортизираат шоковите.

Der Westbalkan in der Warteschleife (DW/S.Padori-Klenke)

Министерот Тевдовски (д.) најави можност за издавање еврообврзница

Догодина можна еврообврзница

Во игра е и засилување на задолжувањето на странските пазари. Министерот за финансии Драган Тевдовски неодамна во интервју за Блумберг најави и можност за издавање еврообврзница во текот на 2018 година. Ова, според него, е една од опциите за покривање на тековните трошоци и дефицитот кој според плановите треба да се намали на 2,9%.

Експертите сметаат дека власта треба да размислува на подинамично задолжување на странските пазари, каде условите стануваат поповолни, но предупредуваат парите доминантно да се насочуваат кон стопанството и негова поддршка, не само за креирање работни места, туку и за зголемување на платите.

Дека на македонската економија ѝ се потребни серија мерки за подобрување на состојбите сугерираше и Меѓународниот монетарен фонд. Минатиот месец тие препорачаа подобрување на ефикасноста во наплатата на даноците, зголемување на старосната граница за пензионирање, поскапување на горивата. Власта тогаш изрази подготвеност за примена на дел од мерките, но нагласи дека не размислува за промена на условите во делот на пензионирањето.

DW.COM

Реклама