ДУИ гласа против
10 септември 2012Според Ермира Мехмети од ДУИ, пратениците на оваа партија ќе гласаат против предложените закони на 40-тата парламентарна седница, бидејќи не сакаат да станат политички субјект кој се позиционира и гласа поинаку во одредени моменти и потоа ги менува своите политички ставови:
„Се работи за универзални начела и во име на заштита на тие универзални начела ние ќе гласаме и против овој Предлог закон. Духот на договорот и приниципот на функционирање на политичката и етничката кохезија во рамки на тие што владеат заедно треба да не се повредува во ниту една ситуција, особено кога се работи за партнери на разни етнички групи што е всушност столбот на функционирање на ова општество“, рече Мехмети.
Симнување на предлог законот за бранители од дневен ред побараа и пратениците од ДПА и НДП. Инаку, законот го предложија пратениците на ВМРО ДПМНЕ, а тој доби поддршка и од СДСМ.
Со Предлог законот се опфатени припадниците на воените и на полициските безбедносни сили кои учествувале во спречувањето на насилно уривање на демократските државни институции во периодот од 1 јануари 2000 до 31 декември 2001 година. Во случај кога се работи за загинати припадници на безбедносните сили, надомест ќе добијат членовите на нивното семејство.