Државниот универзитет во Тетово - спојна точка за јазиците и културите
17 декември 2014На 17 декември 1994 година група интелектуалци, јавни личности и претставници на политички партии во Тетово донесоа самоницијативно одлука да се основа универзитет на албански јазик, што наиде на остри спротивставувања од страна на раководните државни структури и личности во Македонија. Набргу потоа уследија и интервенирања на полицијата и судири со меѓуетничка позадина во тетовската приградска населба Мала Речица и селото Порој во обид да се забранат и да се спречат предавањата и функционирањето на универзитетот. Наспроти сѐ, овој универзитет продолжуваше да дејствува, а веќе во 2004 година со одлука на тогашната Влада на РМ, оваа образовна институција беше официјализирана и вклопена во системот на постојните државни универзитети.
11 факултети со 54 студиски програми
Истата година беше конституирана и катедрата за македонски јазик и литература во рамки на Филолошкиот факултет. Неговиот сегашен ректор Вулнет Амети истакнува: „Сега имаме 11 факултети со 54 студиски програми и околу 70 студиски насоки. Образуваме стручњаци од најразлични профили: лекари, правници, инженери, економисти... Пазарната економија ни наложува нашата активност да ја приспособуваме кон неа, отворајќи, или ставајќи во мирување определени студиски програми. Ставањето во мирување не значи и целосно затворање на таквите студиски програми. Ние ставивме во мирување годинава некои студиски програми во рамки на дисперзираните студии во Куманово, Струга, Дебар и во Скопје, токму со цел да одбегнеме хиперпродукција на стручно – образовни кадри.
Овие насоки и студии ќе ги реактивираме во иднина кога анализите од теренот ќе покажат повторно потреба за нив. Од друга страна, во последно време интензивно работиме на отворање нови факултети, за кои постои реална потреба: факултет за земјоделство и биотехнологија, факултет за технологија и геолошки науки, факултет за профилизирани педагошки науки, потоа насока за криминалистика во рамки на постојниот правен факултет и други насоки и студиски програми.“
Република Македонија секоја година со значителни издвојувања од државниот буџет го помага решавањето на високообразовните потреби на албанскиот етникум, на пример, 10 милиони евра беа потрошени само за изградбата на современиот универзитетскиот кампус, но како ќе се решаваат и кадровските проблеми, бидејќи само една третина од наставниот кадар се постојано вработени, а другите се надворешни соработници? - праша Дојче веле во Министерството за образование.
Ова министерство истакнува: „Државниот универзитет во Тетово не служи за ’решавање на високообразовните потреби на албанскиот етникум’, туку тоа е државен универзитет, на кој може да студираат сите граѓани на Република Македонија како и странци, како и на сите останати универзитети. Врз основа на барањата на универзитетите од Буџетот на Република Македонија секоја година се издвојуваат средства за нови вработувања и тие начелно се по 50 годишно. Плановите на Министерството за образование и наука за 2015 година за оваа образовна институција се исти како и за другите универзитети: зајакнување на научно-истражувачката дејност, компетенциите на наставниот кадар, мобилноста на студентите и кадарот и подобрување на квалификациите, со кои се стекнуваат студентите во рамките на политиките за квалитет на високообразовната дејност.“
Покрај наставно-научните активности, Државниот универзитет во Тетово игра улога и на своевидна „спојна точка“ за доближување на јазиците и културите на македонскиот и албанскиот етникум во оваа држава. Наставата на Државниот тетовски универзитет се одвива доминантно на албански јазик, но македонскиот јазик е присутен во наставата на Студиската програма за македонски јазик и литература, во официјалната комуникација со медиумите, на македонската верзија на официјалната интернет – страница, во научните конференции и јавни дебати, во евиденцијата и документацијата напоредно со албанскиот јазик. По неколку стотици студенти – Македонци годишно се запишуваат на некој од постојните факултети, следејќи ја наставата на албански јазик, водени од тоа дека студираат во местото на живеење, што им ги намалува трошоците. Од друга страна, годишно по неколку десеттици студенти – Албанци се запишуваат на Студиската програма за македонски јазик и литература.
Каков е интересот на студентите?
Деканот на Филолошкиот факултет Фатмир Сулејмани вели: „Наставата на овој државен универзитет се одвива доминантно на албански јазик, бидејќи тој е формиран за да ги корегира неправдите, кои во минатото беа вршени кон Албанците и кон нивните потреби за школување на мајчин јазик, односно, на албанскиот, како еден од најстарите и најпосебни индоевропски јазици. Фактот што денес на Филолошкиот факултет постои и катедрата за македонски јазик е практична потврда дека овој универзитет навистина е место за среќавање на културите и јазиците на ова поднебје. Да се надеваме дека истото ќе го направат и останатите високообразовни институции во земјата, оти само така ќе се движиме напред и ќе ги урнеме ’менталните ѕидови’ на едноумието на минатите времиња. Точно е дека на катедрата за македонски јазик и литература има одреден број студенти - Албанци, кои пројавиле интерес за изучување на македонскиот јазик, литература и култура, но, немаме студенти од македонска националност, кои ќе студираат на катедрата за албански јазик и книжевност. За младите Македонци албанската култура, литература и јазик се речиси сосема непознати... Сакам да верувам дека ова нема ништо со стереотипите, кои беа белег на минатиот систем. Исто така, сакам да верувам дека во идните академски години ќе има студенти – Македонци, кои ќе се запишат на катедрата за албански јазик, со што ќе почне вистинското запознавање на луѓето преку културните вредности. Студирањето на Македонците на албански јазик на другите факултети е добрата страна на нештата. Во минатото нашите татковци и дедовци се разбирале убаво на двата јазика, докажувајќи на тој начин дека се почитуваат меѓусебно.“
Соња Новотни, професорка на македонската кадра, се надоврзува: „Студиската програма за македонски јазик и литература беше формирана во 2004 година и тоа беше следено со отпор од ’македонската страна’, па и од страна на одделни професори - Македонци: никој не веруваше дека таа ќе биде основана. Но, постапно се надминаа тие сфаќања и ставови од тоа постконфликтно време. Ние во Македонија живеевме едни покрај други, едни за други не знаевме ништо и токму овој универзитет кај мене, како основач на катедрата, а верувам и кај многу луѓе, придонесе да дојде до приближување на тие културни, јазични, религиски различности, да дојде до спојување. Во просек секоја година по околу 50 студенти се запишуваа и вкупно за овие 11 години имаме околу 550 запишани студенти, а од нив сигурно веќе се дипломирани 350 студенти. Сега се зголемува интересот кај Албанците за овие студии. Сѐ започна со идејата за албански универзитет, со нејаснотии, неразбирања и страв кај Македонците, но заврши со многу позитивен момент, во кој се доближивме едни до други. Разбравме едни за други, разбравме дека иако сме јазично и верски различни, дека сме, сепак, исти: луѓе со исти потреби. Ние веќе имаме голем број дипломирани студенти – Албанци, кои се професори по македонски јазик во основните и средните училишта во регионот и во земјата. Расте интересот за македонскиот јазик меѓу Албанците, кои студираат, има желба подобро да го совладаат. Некои велат дека сакаат да го изучат македонскиот и како јазик не конкретно за да потоа врз основа на тоа бараат работа.“
Во овој контекст Марина Спасовска, актуелна раководителка на македонската кадра, заклучува: „Сите различија и толкувања во однос на јазичниот сегмент како и подвлекувањето на национални конотации, не се воопшто забележливи и присутни во секојдневните процеси на овој универзитет. Во таа смисла, има одредена точност во тоа дека ова е место за среќавање на јазиците и културите, но не само на јазичните подрачја и култури на двата народа, туку многу пошироко, во една универзална, цивилизациска, образовна и културолошка средба на она што денеска го нуди светот. На ова место се сретнуваат, без какви било оптоварувања, сите можни амалгами на човековите научни и хумани достигнувања.
Живеејќи во една мултикултурна заедница, вообичаени се ваквите јазични и културни интеракции меѓу народите, кои придонесуваат за размена на сличните или различните искуства, мислења, убедувања. Ваквите јазично - културни интеракции во рамките на нашиот универзитет се од големо значење, бидејќи тие придонесуваат за надминување на сите бариери и за приближување на различните култури и јазици. Сепак, ова е век во кој се надминати, или ќе се надминат, романтичните размислувања за посебноста на јазиците, верата, културата, националноста, бидејќи сето тоа се надминува со општата наобразба и умеење на денешните генерации, како и со забрзано растечкиот развој на технологијата.“
Државниот универзитет во Тетово забрзано го спроведува процесот и на своето интернационализирање, поради што има потпишано спогодби за соработка со значајни универзитети во Италија, Германија, Австрија, Турција, Холандија, како и со сите државни универзитети во Македонија.