Државен скандал наместо државен погреб на Кол | Свет | DW | 01.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Државен скандал наместо државен погреб на Кол

Поларизираше додека беше жив, тоа го прави и по смртта. Од списокот говорници, преку местото на погребот, па до старите семејни кавги, смртта на Кол разбуди стари рани, но остануваат неговите заслуги како политичар.

Почината политичка икона, млада вдовица, отуѓени деца, контроверзни штитеници и борба за интерпретација на величината и наследството - сето ова би можело да биде театарска претстава од перото на Шекспир: околу последните почести кон починатиот бивш канцелар Хелмут Кол изби судир кој, политички и емоционално, не може да содржи поголем набој.

Тука е и неговото „девојче“, како што Кол своевремено ја нарекол Ангела Меркел, ознака често цитирана во денешно време, зашто е оличение на нивниот меѓусебен комплициран однос. 

Меркел и Кол - комплексна врска

„Девојчето“ - денес сојузна канцеларка на Германија и претседател на неговата Христијанско-демократска унија - не требало да зборува на комеморацијата, извести магазинот „Шпигел“.

Односот меѓу Меркел и бившиот канцелар Кол, по неговото повлекување од политиката во 2002. година, беше јасно заладен. Во врска со црните донации за ЦДУ, Меркел со своите зборови: „постапките на Хелмут Кол ѝ нанесоа штета на партијата“, наводно го најавила крајот на ерата на Кол, велат денес познавачите на приликите.  Само кратко подоцна таа самата го презеде лидерството над партијата и на крајот, стана германска канцеларка. 

Без оглед што во 2010. година го посети по повод неговиот 80-ти роденден и јавно му се заблагодари за неговите заслуги, без кои, како што рече: „животот на милиони луѓе, кои како јас, живееја во ГДР до 1990. година би протекол сосем поинаку“, Кол никогаш не ѝ прости. Познат по тоа никогаш да не заборава, тој, според наводите нанеговата вдовица, повеќепати го одбивал предлогот Ангела Меркел да одржи говор на неговиот погреб.

Deutschland | CDU-Parteitag in Dresden 1991 (picture-alliance/ dpa/dpaweb)

Меркел и Кол во 1991. година во Дрезден

Маике Кол-Рихтер, наследничка

Ова не беше единствената сензационална одлука, со која за контроверзите околу јавната комеморација се погрижи Маике Кол-Рихтер во име на својот маж. 34 години помлада од нејзиниот сопруг, таа го запозна Хелмут Кол во неговите последни години поминати на канцеларската функција.

Двојката склопи брак во 2008. година, неколку години по смртта на Коловата прва сопруга Ханелоре, без присуство од неговото семејство, а со претприемачот Лео Кирх и бившиот шеф на весникот „Билд“ како сведоци. По незгодата од пред неколку години, која Кол го врза за инвалидска количка и по која едвај можеше да зборува, Маике ја презеде артикулацијата и спроведувањето на неговите интереси.

Кол-Рихтер и Меркел - чуварката на интерпретацијата на неговото политичко наследство, а втората наследничка, реставраторка и архитект на една политика, чиј фундамент, повторното обединување, е неговиот најголем успех. 

Во ова прво одмерување на силите со германската политика, се чини дека Кол-Рихтер загуби. Меркел во својата улога на германска канцеларка смее да зборува на комеморацијата на кој говорници ќе бидат и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, францискиот претседател Емануел Макрон и бившиот американски претседател Бил Клинтон. 

Bundestag - Gedenken an Helmut Kohl (picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka)

Комеморација за Кол во германскиот Бундестаг

Виктор Орбан, контроверзниот штитеник

Од другастрана, еден друг говорник кого го протежираше вдовицата, а според нејзината изјава, и Хелмут Кол, не смее да одржи говор: унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого Кол го запознал по распадот на Советскиот Сојуз како млад политичар со либерални идеи и кому му помагал и со него останал поврзан со доживотно пријателство. 

Но, тој истиот Орбан моментно е критикуван поради авторитарните обележја на неговата политика и со тоа слови за отворена контрадикторност на Коловото духовно наследство. Со неговото очигледно анти-ЕУ држење и некооперативната политика кон бегалците, тој е во голема спротивност со европската идеја.

Погреб на неутрален терен

Со Виктор Орбан или без него, зачуденост предизвика и местото на одржување комеморација. Кол ќе биде првиот германски канцелар кому наместо со традиционален државен акт на Сојузна Република Греманија, ќе му биде оддадена почит со европска комеморација на 1. јули во Стразбур. Оваа единствена церемонија треба да биде во функција на спомен на неговите заслуги за обединување на Европа, од повторното германско обединување, до настојувањата за европска интеграција и основање на монетарната унија. 

Наместо да биде погребан во семејната гробница, покрај својата прва сопруга, посмртните останки на Кол, по комеморацијата во Стразбур, ќе бидат пренесени во Катедралата во Шпејер, каде ќе биде одржана света миса, а потоа ќе бидат погребани во соседните гробишта. 

Иако отстапувањето од класична церемонија некои го критикуваат како навреда кон неговата улога на поранешен канцелар, изборот на Шпејер за место на погребување не е случаен: местоот се наоѓа во близина на неговиот дом во Лудвигсхафен, а тој во текот на животот негувал добри врски со тамошната катедрала. Овде исто така, откако ја напушти канцеларката функција, му беше организирана военапроштална церемонија. 

Nach dem Tod von Helmut Kohl - Oggersheim (picture-alliance/dpa/B. Roessler)

Синот Валтер не смееше да влезе во семејната куќа на Хелмут Кол и Маике Рихтер-Кол по смртта на таткото

Последното испраќање во сенка на семејните кавги

Нејасно е дали постоеле и семејни причини поради кои Кол нема да биде погребан покрај својата прва сопруга Ханелоре. Сигурно е само дека неговиот однос кон неговите синови од тој брак важи за многу напнат. И вдовицата наводно била во кавга со неговите синови. На постариот син, Валтер, пред вклучени камери му беше забранет пристап во нејзината и Колова куќа. Нејзиниот адвокат подоцна ги негираше обвинувањата.

„Можам само да ја изразам својата длабока погоденост и мојата тага што тој почина, меѓу другото и поради што сѐ се случи на ваков начин“, изјави синот подоцна пред новинарите. „Татко ми ги прекина сите контакти со бројни луѓе од неговото опкружување“, обвинуваше Кол јуниор, кој пред татковата куќа беше стигнат со својот син. „Посебно поради внуците, кои многу страдаа зашто нивниот дедо не беше достапен за нив“, рече Валтер Кол.

Последна почит од дистанца

Дали тоа била негова последна волја или не, контроверзите отсекогаш беа дел од аурата на Кол, се присети претседателот на Бундестагот, Норберт Ламерт на комеморацијата во Бундестагот: „Легендарна е неговата сила која спојува, како и неговиот однос кој поларизира, како меѓу партиите, така и во рамките на самата ЦДУ“, изјави Ламерт за Кол. Тоа не помина без штети, рече тој „Патот на Кол беше следен и од повреди кои тој самиот ги претрпе и оние кои тој самиот ги нанесе“, истакна Ламерт.

Сепак, треба да му се оддаде почит пред сѐ за неговите заслуги, рече Ламерт. „Нему му должиме благодарност за она што е денес наша реалност, мирно единство на нашата земја во слободна и мирна Европа“, рече претседателот на Бундестагот. Личноста на Кол никого не остава рамнодушен, дополни Ламерт во присуство на актуелниот германски претседател, Франк Валтер Штајнмајер и неговите претходници Јоахим Гаук и Хорст Келер. Така, се чини дека барем неговото завештание ќе остане неспорно.

 

DW.COM

Реклама