Државата се враќа во фокусот – ЕУ, демократијата и капитализмот се суспендирани | Свет | DW | 02.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Државата се враќа во фокусот – ЕУ, демократијата и капитализмот се суспендирани

Кризата со коронавирусот ни го уништи секојдневието, а демократијата и пазарната економија се суспендирани. Луѓето се' повеќе се потпираат на државата, експертите и „менјстрим медиумите“, смета политикологот Иван Крастев

ДВ: „Седум заклучоци од кризата со коронавирусот“ – така се вика вашиот напис во неделникот „Ди Цајт“. Кои се најважните заклучоци?

Иван Крастев: Прво и најважно, кризата не само што предизвика видлива загриженост и несигурност, туку и конкретен страв. За разлика од несигурноста, стравот секогаш има јасен предмет. Луѓето точно знаат што ги плаши: опасноста да се разболат и да умрат. И тоа е една сосемa нова димензија во споредба со грижите, несигурноста и непријатностите со кои се соочувале до неодамна – во еден свет, кој веќе не можат да го разберат. Стравот е многу помоќно чуство, кое силно ги мобилизира луѓето и ги тера целосно да го променат животниот стил.

Во написот велите дека така државата повторно ја враќа довербата на луѓето.

Да, тоа е еден од седумте заклучоци: државата се враќа во фокусот. Многу левичарско настроени набљудувачи се сомневаат дека по кризата, државата повторно ќе има големо значење – исто како по големата депресија кон крајот на 1920-те. Притоа тие во глава имаа социјална и праведна држава. Но, сегашното враќање на државата е сосема поинакво: тоа се одвива по пат на политика на страв. И луѓето го толерираат ограничувањето на правата, и уште и се благодарни на државата поради тоа. Бидејќи едноставно се свесни дека најголемата закана е од оној до тебе. Тоа создава чуден ефект: социјалната дистанцираност, самоизолацијата и некомуницирањето се развиваат во една форма на солидарност. На луѓето им помагате со тоа што не се среќавате со нив и не ги допирате. Често се говори дека се соочуваме со криза на индивидуалистичките општества. Но одговорот на оваа криза е однесување кое во голема мера е индивидуалистичко.

Во Вашите „седум заклучоци“ има уште еден парадокс: пандемијата е глобална, но мерките против неа се обликуваат на национално ниво. Границите се затворени, државата се враќа со сета моќ.

Коронавирусот не знае за граници, па сепак државите, независно од нивните различни традиции и политички системи, се согласни во едно: границите мора да се затворени. Во моментов ниту владите, а уште помалку луѓето имаат јасна претстава за тоа што се случува и што нѐ очекува. Поради тоа за владите е најважно да создадат чуство дека сѐ е под контрола. Затворањето на границите е едно средство за тоа. Затоа што дури на еден мистичен начин тие создаваат чувство кај луѓето дека владата се грижи за нив и ова е начинот на решавање на проблемот. Така доаѓаме во една ситуација во која ЕУ е практично суспендирана. Границите не се затворени само за луѓе, добра и услуги, туку и за вредности, правила и норми. Суспендирана е и демократијата. Речиси никаде веќе нема опозиција, „улицата“ исто така исчезна, закажаните избори се одложени или се одвиваат под исклучителни околности. Дури и капитализмот во одредена смисла е суспендиран. Државата силно интервенира во механизмите на пазарната економија и - парадоксално - за тоа има поддршка од многу капиталисти и големи компании. Ова е веројатно најголемиот политички експеримент воопшто. Во меѓувреме живееме во еден сосем поинаков политички и социјален модус во споредба со претходниот начин на живот кој на сите ни беше „нормален“. Ова го покренува она што, според мене, е најважното прашање: дали оваа криза ќе нѐ натера да станеме имуни на одредени авторитарни практики или обратно, дали овие практики ќе ги направи прифатливи за секого?

Формулиравте уште еден важен заклучок: враќање на експертите во фокусот. Бидејќи „експертот“ до пред некое време во голема мера беше игнориран пред сѐ од популистите.

Точно. По финансиската криза 2008-2009 година многумина гласно зборуваат дека не ги разбираат експертите и дека тие не ни се потребни. Но, денес нашиот живот е под закана и луѓето не бараат какви било информации, туку бараат релевантни информации. На пример, сакаат да ја слушнат медицинската експертиза на специјалисти кои цел живот истражуваат вируси. Но, тие исто така сѐ повеќе бараат информации и од таканаречени „мејнстрим медиуми“. Кога вашиот живот е во опасност само интересното е неважно, важна е само вистината. Експертите денес се вреднуваат уште повеќе, затоа што делумно го преземаат најголемиот ризик. Тие не може да се изолираат, си ги ризикуваат животите за да им помогнат на другите. Враќањето на државата и на експертите во фокусот се тесно меѓусебно поврзани. Бидејќи државата сега има така да се каже монопол врз експертите, оти државата „кажува“ кој сега е експерт.

Уште еден заклучок кој особено боли: во актуелнава криза се чини мора да се направи избор помеѓу спас на стотици илјади луѓе или спас на економијата. Може ли воопшто овој избор да се стави на кантар?

Оваа дебата се одвива различно, во екстремно различни насоки – пред сѐ поради сосем различни демографски и економски околности. Да го земеме примерот кој неодамна го претстави економист од Јужна Африка: во една земја како Јужноафриканската Република, која според западни стандарди е сиромашна, каде само 6% од населението има над 60 години, целосно запирање на економијата ќе убие повеќе луѓе отколку пандемијата, која со оглед на таквите околности треба да се игнорира. Не знам дали е ова точно, но она што со сигурност го знам е дека оваа криза постојано го менува карактерот. Започна како здравствена криза, но сега сѐ повеќе е економска криза. И сѐ повеќе луѓе се загрижени за тоа колку долго ќе траат ограничувањата и како тоа ќе се одрази врз нивниот живот: дали во иднина сѐ уште ќе имаат работа и работни места.

Сѐ почесто слушаме дека светот потоа нема да биде истиот. Како си го замислувате тој различен свет”?

Тоа се тврдеше минимум три пати во 21 век: по нападите од 11 септември, по финансиската и по бегалската криза. Но, денес мислам дека одговара на реалноста. Нашиот досегашен свет веќе е загубен. Имаше една важна одлика: не можевме да си замислиме друг свет. И одеднаш, за само неколку недели, живееме во сосема различен свет! Свет на затворени граници, празни улици, авиони што се приземјени, одложени избори… Забетонирани во секојдневието до скоро не можевме такво нешто ни да се замислиме. Кризата е толку радикална зашто ни го уништи секојдневието. Во таа смисла ќе му помогне на човештвото конечно да погледа во иднината. Оти до неодамна, особено во Европа, имаше голем бран на носталгија: луѓето копнееја по минатото и воопшто не мислеа на иднината. Таквиот став радикално се промени. Денешната криза нас во Европа нѐ приморува да погледнеме кон иднината и да си поставуваме прашања кои досега не се осмелувавме да си ги поставиме. 

Бугарскиот политиколог Иван Крастев е директор на Центарот за либерални стратегии во Софија и работи на Институтот за хуманистички науки во Виена.

Реклама