Државата не ја интересира кој спие на улица | Свет | DW | 21.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Државата не ја интересира кој спие на улица

Никој не смее да остане без покрив над главата, но во Србија тоа на луѓето им се случува секојдневно, зашто не можат да платат сметки или кредит. Државата пак од принудните иселувања прави приватен бизнис.

Математиката на бившата воспитувачка Славица Трипковиќ е тмурна приказна за државата која своите граѓани ги остава на цедило: 35 години работен стаж, 33.000 динари пензија (околу 270 евра), стан од 23 квадратни метри, чија месечна отплата изнесува 55 евра и уште рата од стар кредит во швајцарски франци. Оваа пензионерка од Нови Сад сето ова некако го крпела, но пред три години, откако тешко се разболела, парите за лекови ѝ ја расипале математиката. Почнала да доцни со плаќањето на сметките, па долгот бил наплаќан од пензијата. Така веќе не можела да ја плаќа ратата за отплата на солидарниот стан. За три години, долгот достигнал до 2.000 евра. Тогаш на нејзината адреса стигнала пресуда да се исели до 15. март, со закана од присилно иселување. „Бев запрепастена. Не можев да верувам во она што ми се случува, да ми се одземе станот кој е повеќе од половина отплатен, да се донесе пресуда без мое присуство, а здравствено бев спречена да присуствувам“, вели Славица Трипковиќ за Дојче веле. „Им реков, немам каде да одам. Можам само да скокнам во Дунав.“

Случајот на Славица не е осамен, но државата нема податоци за бројот на луѓе кои ја делат нејзината мака. Без покрив над глава остануваат оние кои немаат пари да плаќаат рати за кредит, услуги на јавните претпријатија, оние кои се иселувани од нелегализирани објекти или жители на неформалните ромски населби. За ниедна група нема официјални бројки.

Slavica Tripokovic (DW/S. Kljajić)

Пензионерката Славица Трипковиќ

Без алтернативно сместување

Никој не би смеел да остане без покрив над главата, зашто Србија е потписник на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, кој пропишува право на адекватен животен стандард и домување. Сепак, истражувањето на невладината организација Праксис покажува дека 74 проценти од градовите и општините не располагаат со алтернативно сместување, па оние кои се иселувани, остануваат на улица. „Државата не мора да располага со станови, но може на пример да постојат социјални примања кои се доволни за закупнина на просечен стан во таа општина. Постојат различни механизми, законот предвидува опции, но ништо не е разработено“, вели Данило Ќурчиќ од невладината организација Комитет на правници за човекови права.  

Slavica Tripokovic (DW/S. Kljajić)

Секој месец треба внимателно да се пресметаат сите трошоци

Приватен бизнис

Владејачкото мнозинство го премолча овој социјален проблем и со донесувањето Закон за домување минатата година. Амандманите со кои требаше да се забрани принудно иселување, беа одбиени. Законот за домување и Законот за извршување и обезбедување само ја влошија работата. Иван Златиќ од организацијата „Учител незнајко и неговите комитети“, која остро ги критикуваше законите, истакнува дека најголем проблем со новиот Закон за домување е што тој не се занимава со домување, туку со одржување згради. „Целиот дух на Законот е таков, што дали ќе останам на улица е само мое приватно прашање“, вели тој за Дојче веле. 

За одржување на зградите во иднина ќе бидат задолжени т.н. професионални управници, кои ќе бидат плаќани од станарите, но тие, истакнува Златиќ, ќе извршуваат работи за државата. „Управителите на зградите немаат друга улога освен разните наплатувачи на долгови и истерувачи на луѓето да имаат подобар преглед, за да ги остварат своите интереси. Ништо добро не произлегува од фактот што управник на зграда е приватен претприемач кој има државна контрола. Државата му дава лиценца да малтретира и да ги кодоши граѓаните и од тоа заработува, а ако не е доволно добар, ќе ја загуби лиценцата. Прашањето дали некој ноќе ќе спие на улица, ставено е во надлежностите на некој кој работи на проценти“, објаснува Златиќ.

Данило Ќурчиќ дополнува: „Слабо се контролира на каков начин постапуваат извршителите и како го применуваат законот. Слушавме за ситуации во кои извршителите се појавуваат со крупни момци. Сосем неприфатливо, зашто не е целта некој да биде насилно исфрлен на улица“. На заглавените во долгови, како механизми на располагање им остануваат јавноста и закани. „Имавме ситуација луѓето да се полеат со бензин и да речат, ајде, дојдете да ме иселите. Во такви ситуации иселувачите се откажуваат“, раскажува Ќурчиќ.

Iran Obdachlose in Teheran (shabestan.ir)

Ноќна мора за многу граѓани - да се остане на улица

Лична срамота

Благодарение на притисокот од медиумите, пензионираната воспитувачка Славица Трипковиќ ќе остане во својот солидарен стан. За само неколку дена граѓаните собраа пари за исплата на нејзиниот долг и речиси комплетен износ за преостанатата отплата на станот. Но, дури и оние, кои благодарејќи на соседите, активисти или медиумите останале во своите домови, за тоа не сакаат веќе јавно да зборуваат. Својот долг го чувствуваат за своја срамота, зашто се неспособни да заработат, зашто зеле неповолен кредит, зашто инвеститорите ги прелажале.

Тоа не е индивидуална вина, туку системско прашање, велат нашите соговорници. „Постојат луѓе кои плаќаат кредити во швајцарски франци. Тие влегувале во некои ризици, зашто државата ги охрабрувала да влезат во нив. А кога ќе загубат работа, државата не се грижи за нив, велејќи - тоа се две страни на пазарот, граѓанинот и банката, а на граѓанинот однапред му било сѐ познато, јасно е дека мора да се исели. Тоа е неприфатливо, државата не може да стои настрана и да гледа. Таа мора да води станбена политика која ќе ги решава поединечните проблеми“, заклучува Данило Ќурчиќ.

За тоа постои потврда и во меѓународната пракса. Прв случај во кој Меѓународниот комитет на ОН за економски и социјални права одлучуваше во врска со поединечни иселувања, беше за една жена од Шпанија, која не можела веќе да го плаќа кредитот. Комитетот утврди дека најголем проблем е што државата била пасивна и не воспоставила процедура за заштита на нејзините права, па суштинска последица од тоа некој да живее на улица и да нема покрив над главата, е сериозна повреда на човековите права. Во српското правосудство такви случаи немало, прашањето каде некој ќе спие вечерва и натаму останува надвор од јавната сфера. 

 

Реклама