1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драмата Брегзит добива продолжение

Барбара Везел
15 март 2019

Британскиот парламент изгласа одложување на Брегзит, а неговиот рок зависи од тоа дали договорот за излез од ЕУ ќе помине на трето изјаснување на пратениците.

https://p.dw.com/p/3F6Wm
England, London: Theresa May
Фотографија: picture-alliance/AP/M. Duffy

Тереза Меј вчера тотално ги исцрпи своите аргументи и гласните жици – на говорницата во парламентот ги испраќаше своите министри за најавување на следните чекори во големата Брегзит-драма. На крајот, британската премиерка, по долго време, победи во решавачкото гласање. Иако, победата содржи и пораз. Сепак, сега е јасно дека Брегзит се одлага, откако пратениците претходно отфрлија излез на земјата од ЕУ без никаков договор.

Парламентот ја пропушти својата шанса

Вчерашниот требаше всушност да биде голем ден за опозицијата и противниците на Брегзит. Но, се покажа дека различните интереси кај опозицијата и проевропските или умерени Ториевци, надвладеаја.

На пример, предлогот за втор референдум беше трајно отфрлен. Лабуристичката партија е со став дека сега не е вистински момент за народен плебисцит, што на нејзиното раководство му донесе голем бес кај партиските членови и гласачите. Лабуристичката партија со својот цик-цак курс во целина многу придонесе за сегашниот Брегзит-хаос.

Повеќе:

Три гласања и една уцена

Што сега, Британијо?

Британски фирми се „вооружуваат“ за тврд Брегзит

Само за два гласа не помина предлогот на лабуристичкиот пратеник Хилари Бен, кој на парламентот би му отворил простор за самостојна дебата за натамошни, поблаги опции за напуштање на ЕУ. Тоа беше момент во кој пратениците можеа да ја преземат контролата над Брегзит, но пропадна.

Меј доби продолжување

Значи, останува само владиниот предлог- од ЕУ во следните недели да биде побарано пролонгирање на рокот. Откако претходниот ден пратениците отфрлија тврд Брегзит, Тереза Меј во одлагањето гледа единствено решение против хаосот кој би го предизвикало нерегулираното напуштање на ЕУ. За предлогот на Меј гласаа 413, а против 202 пратеници. Но, победата пак носи во себе пораз за неа: тројца министри на Меј гласаа против својата шефица – министрите за трговија, за одбрана и за Брегзит, сите со амбиции да станат нејзини наследници. 

Фактички, Меј го доби гласањето со помош на опозицијата, зашто преку половината од конзервативните пратеници повторно се изјаснија против неа, уште еден показател за минималноста на поддршката која таа ја има во нејзината партија и кабинетот.

Großbritanien | Brexit | London
Постојани Брегзит-демонстрации во ЛондонФотографија: picture-alliance/dpa/AP/T. Ireland

Кратко или долго?

Ако договорот за излез на Велика Британија од ЕУ следниот вторник биде изгласан, во трет обид, претстои кратко техничко одложување од максимално три месеци. Тереза Меј повторно го става својот план на гласање во надеж дека хардлајнерите во нејзината партија конечно ќе попуштат и порадо ќе го прифатат нејзиниот Брегзит отколку целата постапка да ја стават на коцка. Единственото оружје на Меј во овој случај е – уцената.  

Нејсно е колкави се нејзините шанси. Генералниот обвинител Кокс веројатно ќе биде принудуван да го промени својот став и да го приспособи на политичката нужност. Правните експерти тука се скептични.

Шефицата на ДУП, Арлен Фостер првично смело изјави дека сега е дојден час за вистински дил со ЕУ. Веројатно некој во меѓувреме ја потсети – ЕУ категорично одбива натамошни отстапки, па Фостер го модифицираше своето барање дека рамноправниот третман на Северна Ирска и остатокот на кралството не смее да биде доведен во прашање.

Цела редица поборници на Брегизт најавија дека следната недела ќе ја голтнат жабата на омразениот договор за Брегзит на Меј и ќе гласаат за него. Други, како лидерот на хардлајнерите, Стив Бејкер, и натаму демонстрираат непопустливост: договорот на Меј е толку лош што никогаш нема да го прифатат. На последното изјаснување на Меј ѝ недостигаа 149 гласа за мнозинство, дали ќе успее да ги собере до следниот вторник, е неизвесно.

А ако договорот на Меј не биде изгласан? Во тој случај таа вети на ЕУ самитот во четврток да побара подолгорочно одлагање на Брегзит. Ден претходно парламентот треба да реши со која цел би било пролонгирањето- нови избори, нов референдум, помек Брегзит...

Во секој случај, ЕУ мора едногласно да одобри одложување на Брегзит. Со оглед на лошото расположение во Брисел и фрустрацијата кај многумина поради британскиот Брегзит-театар, можеби постапката нема да биде едноставна. Сигурно е едно – во европската престолнина ќе има долга и напната ноќ, а Тереза Меј можеби за последен пат ќе учествува на самит на ЕУ.