ДПА: Македонија е заложник на Груевски и неговата клика | Македонија | DW | 27.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ДПА: Македонија е заложник на Груевски и неговата клика

Малата Македонија со месеци е во блокада, пишува германската агенција ДПА. Долгогодишниот моќник Груевски го спречува преземањето на власта од опозицијата. Неговата политичка клика ја претвори земјата во свој заложник.

Во македонскиот главен град Скопје се редат водечки политичари, специјални пратеници и дипломати од Западот. На 1 мај повторно доаѓа топ-дипломат од Вашингтон.Но, никому досега не му успеа да ја врати земјата во нормала. Поради тоа што кликата на долгогодишниот премиер Никола Груевски не сака да и ја предаде власта на опозицијата, целата земја е во пат-позиција.

Досега опозициските Социјалдемократи, по изборите на 11 декември заедно со албанските партии, со 67 од вкупно 120 пратенички места успеаја да освојат јасно мнозинство во парламентот. Но претседателот Ѓорге Иванов, верен следбеник на Груевски, спротивно на Уставот, одбива да го даде мандатот за формирање на влада. Тој смета дека е загрозена унитарноста на државата поради учеството на партиите на албанското малцинство во владата. Но и самиот Груевски во изминатите 10 години владееше заедно со најголемите партии на Албанците.

Страв од затвор
Вистинските причини за блокадата се поедноставни. Груевски и неговите најблиски соработници се плашат од затвор. Од страна на Специјалното јавно обвинителство, формирано пред една и пол година, осомничени се за тежок криминал, корупција, прислушување на десетици илјади невини граѓани и контрола врз медиумите и правосудството. Со недели, пратениците верни на Груевскиго блокираат парламентот со долги говори и процедурални трикови. На тој начин му служат и на неговиот претседател.

Ништо веќе не се помрднува. Парламентарното мнозинство не може да избере нов претседател на Собранието, ниту пак нова влада. Налутените земјоделци уште неделава сакаа да го стават градот под опсада со стока и трактори, затоа што не можат да ги добијат ветените субвенции во вредност од 100 милиони евра без нова влада.
Со оглед на тоа што парламентарната блокада го спречи и закажувањето на локалните избори, за нецели три недели ќе биде и уште полошо. Ќе нема пари за вработените во сите општини, ќе нема социјална помош, ниту училишта или градинки, ќе нема ни дозволи за градба...

СЈО ќе оди до крај

Специјалното јавно обвинителство ќе продолжи со својата работа, без разлика што парламентот мора да го продолжи нивниот мандат кој сега има важност од 18 месеци. Обвинителите сакаат со сите сили до крај да се пресметаат со фракцијата на Груевски. Од СЈО доаѓа најголемата опасност за нив, и покрај обидите на судството контролирано од старата влада со сомнителни методи да ја закочи неговата работа.

Поранешната владејачка партија се обидува да издејствува нови парламентарни избори. Надежта е дека на нив ќе добие повеќе од актуелните 51 пратеник. Старата влада се уште го контролира системот со помош на кој, во минатото, ги фалсификуваше изборите.

Опозицијата го отфрла тоа и инсистира на предавање на власта. Санкциите против Груевски и неговите луѓеза кои сега размислуваат Брисел и Вашингтон, на краток рок нема да донесат излез од компликуваната ситуација.

 

DW.COM

Реклама