Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција до четврток ќе поднесе обвиненија за случајот „Рекет“.
Првоосомничениот во тој случај, Бојан Јовановски (Боки 13), денеска ќе даде исказ во Обвинителството, бидејќи истекува рокот од 15 дена за увид во доказите и предлагање на негови докази. Минатата недела тој лично во Апелацискиот суд побара да му биде укинат затворскиот притвор поради сериозно нарушена здравствена состојба. Дополнително како олеснителна околност ја посочи завршената истрага за „Рекет“.
„Ниту мојот ментален склоп, ниту мојот лик и дело не укажуваат на тоа дека ќе избегам. Кога бев уапсен, не бегав, туку одев на одмор од седум дена. Живеам да ја докажам вистината и својата невиност, рече Јовановски пред судот.
Но, судот ја одби неговата жалба поради опасност од бегство.
Има ли и други?
Јовановски се товари за кривичните дела „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“, односно за изнуда од 1,5 милиони евра од скопскиот бизнисмен Јордан Камчев во замена за негово ослободување од притвор. Тој беше приведен на граничниот премин „Богородица“ на 15-ти јули годинава, и оттогаш е во притвор.
Опозицијата подолг период критикува дека осомничените не би можеле да ги извршат делата без поддршка од лица со политичка моќ и дека Обвинителството треба да ја открие „главата на октоподот". Досега во Обвинителството беа повикани да дадат исказ бизнисмени, градоначалници, пратеници, партиски функционери на СДСМ и лица од невладината организација на Јовановски.
Повеќе:
-Битката против „Рекетот“ ги симнува и последните пречки за преговори со ЕУ
-Азманов и Дика ќе даваат исказ за „Рекет“
-Мавтањето со документи за „Рекет“ го носи Мицкоски во обвинителство?
Завршено е и вештачењето на компјутерите и мобилните телефони одземени од осомничените во рамките на истрагата. Прашањето е - дали Јовановски денеска ќе посочи и други инволвирани лица, покрај досега осомничените?
Трговија со искази
Од 21-ви август во притвор е и третоосомничената - поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, која се товари за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување". До четврток таа има можност да даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска и право да предложи свои докази и сведоци. Но, нејзините адвокати до пред некој ден се уште немаа добиено инструкции од Јанева како да ја подготвуваат одбраната. Нејзиното барање за укинување на затворскиот притвор беше одбиено само поради ризик од бегство. Другите две основи - повторување на делото и влијание врз сведоците, отпаднаа откако Јанева беше разрешена од функцијата шеф на Специјалното јавно обвинителство.
Во домашен притвор засега е само второосомничениот Зоран Милески (Зоки Кичеец), кој со Јовановски се товари за истите дела. Неговиот исказ даден во Обвинителството подолг период предизвикува интерес, особено откако минатата недела еден од адвокатите на осомничен во „Рекет" телефонски добил понуда за пари да го добие исказот на Милевски. Обвинителството, кое истражува како изјави на сведоци во „Рекет" завршија во еден портал, сега истражува кој изнел исказ на осомничен и кој тргувал со него.
-
Сите истраги на македонското СЈО
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
-
Сите истраги на македонското СЈО
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
-
Сите истраги на македонското СЈО
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
-
Сите истраги на македонското СЈО
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
-
Сите истраги на македонското СЈО
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
-
Сите истраги на македонското СЈО
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
-
Сите истраги на македонското СЈО
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
-
Сите истраги на македонското СЈО
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
-
Сите истраги на македонското СЈО
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
-
Сите истраги на македонското СЈО
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
-
Сите истраги на македонското СЈО
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
-
Сите истраги на македонското СЈО
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
-
Сите истраги на македонското СЈО
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
-
Сите истраги на македонското СЈО
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.
Автор: БГ