До сопствен покрив над глава тешко, со него уште потешко! | Економија | DW | 21.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

До сопствен покрив над глава тешко, со него уште потешко!

Македонските граѓани немаат многу опции кога станува збор за сопствен дом. Или треба да „робуваат“ на кирија, или безмалку цел живот на некоја банка. Мизерно ниските плати се најголемиот проблем.

„Работев за кирија, сега работам за месечна рата за кредит и сметки. Тешко е, но барем знам дека плаќам за мое!“

Ренато Димовски е еден од младите семејни луѓе во Македонија кој пред две години ја решил дилемата, како до сопствен дом. Одлуката да купи стан, кој веднаш го заложил во банка од каде зел кредит за негова отплата, вели дека не била лесна, но се решил да ризикува:

„Се отепав од давање пари за кирии и се решив да земам кредит. Морав да платам учество за да не морам да обезбедувам дополнителна хипотека. Некако ги собравме овие пари, но за да го купам станот, морав да земам кредит од 40.000 евра кој ќе го враќам во наредните 30 години. Како успевам, не прашувајте, месечната рата ми е 220 евра. Она што ми останува од платата оди на сметки за комуналии и толку. Да не е сопругата и нејзината плата, која е помала од просечната, не знам како ќе преживееме“, вели Ренато.

Renato Dimovski Informatiker (DW/K.Delimitov)

Ренато Димовски

Не е лесно да се дојде до кредит

Неговата приказна помалку или повеќе е идентична со секој просечен Македонец кој се задолжил за да си обезбеди кров над глава. А такви ги има доста. Од банките велат дека најбарана сума за кредитирање во просек е околу 30.000 евра, кои за да ги добиете треба добро да се испотите, но и да заработувате месечно не помалку од 800 или 900 евра. Поединечно или како семејство. Уште подобро ако можете да заложите, хипотека, па да се надевате дека без проблем ќе поминете низ филтерот за одобрување. Инволвираните во бизнисот со недвижнини велат дека во Скопје станови главно купуваат оние кои имаат пари за да го покријат учеството. Додека пак оние кои немаат ниту пари, ниту пак се кредитоспособни, алтернативата ја бараат во кирија или живот во заедница. Просечната месечна плата од 355 евра, која ја сонуваат дури две третини од вработените, доволно укажува пред каков предизвик се граѓаните кога станува збор за обезбедување на едно од клучните егзистенцијални прашања:

„Веќе неколку години размислуваме и никако да се решиме. А веќе не се издржува. Во двособен стан сме јас, сопругата, двете деца и моите родители, ужас“, коментира Никола од скопски Карпош. Ова семејство размислува да го продаде станот и да купи два помали, но стравува дека лесно може и да заглави:

„Проблемот е што сопругата не работи, а моите се пензионери. Во такви услови треба и двата стана што би ги купиле да ги ставиме под хипотека, или само овој во кој живееме, за да земеме кредит за уште еден помал. Но навистина не знам како ќе се издржи ратата која ми ја пресметаа во банка, околу 200 евра во првите 3 години, а потоа во наредните 17 уште 250 евра, а и тие не се сигурни. Тоа е речиси цела моја плата. Не знам, многу е тешко“, вели Никола.

Државни проекти

Кредитните услови во последните две години станаа нешто поповолни, во зависност од банката и покриеноста, се движат од 4,5% до 6%. Падот на каматите и придвижувањето на пазарот во добар дел е резултат и на владината политика за субвенционирање на оние кои ќе се решат преку кредит да дојдат до сопствен дом. „Купи куќа купи стан" и „Купи куќа за млади" се двата проекта кои во стартот предизвикаа голем интерес кај граѓаните, пред сѐ поради  поволностите што ги нуди државата, половина од сумата за учество за купување стан или куќа, односно 50% од месечната рата во првите пет години. По првичната еуфорија, пресметките на оние што го искористија овој проект покажаа дека заштедите и не се така големи:

„Во старт добив поддршка, но на крај кредитот ќе ми излезе веројатно и поскап отколку директно да аплицирав во банка. Клучниот проблем е што условите се многу ограничувачки. На пример, станот што си го купил во првите 5 години не можеш да го издаваш или продаваш. Не можеш ниту делумно да го исплатиш за да се намали месечната рата, освен да го исплатиш во целост и тоа заедно со парите што ти ги дала државата. И тоа важи за првите 20 години. Ако не успееш во првите 5 години да го отплатиш, тогаш не ти се исплати воопшто. Но тоа е, мене тогаш ова ми беше единствена опција, ама од сегашен аспект  воопшто не би ја прифатил“, коментира Горан, кој веќе две години исплаќа кредит за стан од 40 метри квадратни. 

Без пари и без кредит

Уште полошо е искуството на Александра која потрошила еден куп пари за да ги исполни критериумите за „Купи куќа за млади“. Останала без пари и без кредит:

„Целата подготовка до градежна дозвола ме чинеше 4.000 евра, кои ги дадов за комуналии, проекти, документации, договори, за на крај да ме одбијат, бидејќи сум била сопственик на дел од куќата врз која требаше да правам надградба. А многу убаво е напишано во законот дека тој што аплицира треба да нема имот на свое име, или не повеќе од една половина. Законот е крајно конфузен, реагиравме, но попусто. Сега единствена опција ни е станбен кредит. Но тоа е прескапо решение“, се жали Александра.

Упатените предупредуваат дека државните проекти за субвенционирање би имале поголем ефект доколку клучно инволвираните би се откажале од високите профити. И тоа не само банките, туку и градежниците, кои безмалку ги држат забетонирани цените на станбениот квадрат и покрај очигледната градежна експанзија, која посебно во Скопје добива мегаломански и загрижувачки димензии.Според пресметките што ги добивме од банките и Агенциите за недвижности, на пазарот најголема е побарувачката за станови до 50 квадратни метри, чии цени се движат во просек од околу 1000 евра за квадратен метар. Наспроти ваквата состојба, статистиката пресмета дека на ниво на Скопје квадратот во просек чини 810 евра, или 3,8% помалку од лани. Цена, која реално е достапна единствено на периферијата.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама