До последниот повик | Северна Македонија | DW | 13.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

До последниот повик

Замаецот за изборите е свртен и тој сосем веројатно не може да биде запрен. Од каде ќе дојде последниот повик до опозицијата – од „Бихаќска“, од амбасадата на Кале или, пак, од Будимпешта? Пишува Љупчо Поповски.

Претседателот Стево Пендаровски вчера изјави: „Не би сакал да помислам на варијанта дека на крајот на изборниот ден оној што ќе ги изгуби изборите, или оној што нема да учествува на нив, нема да му честита на оној што ќе ги добие“. Но, можеби ќе треба да помисли на таа варијанта ако од утре (недела) почнат изборните дејствија откако ќе заврши вонредната состојба. И тој не треба да чувствува никаква вина доколку опозицијата се реши да ја бојкотира кампањата за изборите. Едноставно, тоа ќе биде нејзиниот избор. Можеби тоа ќе биде добар гамбит за неа за некоја идна победа, затоа што реално е во таква ситуација по шест месеци или една година, повторно да се оди на избори. Но можеби да биде и провалија од која тешко ќе може да се извлече. Пендаровски веќе може да се повлече од неговата улога на македонски посредник, што сакаше да биде успешна, но веројатно сфати дека неговите канцеларии беа искористени само како мизансцен за партиски спектакл.

Замаецот за изборите е свртен и тој сосем веројатно не може да биде запрен. Сега само изгледа како главните политички ривали да се позиционираат за почетокот на кампањата од понеделник. На прв поглед изгледа нелогично што во деновите на драматичното зголемување на инфицираните главна тема станаа изборите, но работата е токму во тоа. Драматичното зголемување на инфекциите од Ковид-19 бара ефикасни институции за да може државата да се справи подобро со кризата во месеците што доаѓаат.

Кој прв ќе трепне

Христијан Мицкоски и Зоран Заев како да играат во драмата кој прв ќе трепне и, барем сношти, изгледаше дека двајцата уште имаат кондиција да ги држат очите отворени. И да ја држат отворена агонијата во која се наоѓа општеството. Приказната, всушност, е многу едноставна и може да се каже во една реченица – ВМРО-ДПМНЕ не сака избори сега и нема прецизен став кога би биле тие, а СДСМ сака избори на почетокот на јули. И прашање е на партиската умешност како тие ставови да се претстават и да добијат наклоност во јавноста.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

Неколку работи изгледаат јасни. Ако ја исклучиме првата лидерска средба во октомври, кога по студениот туш од Франција да стави вето на почетокот на преговорите со Македонија, на ниедна од подоцнежните средби кај претседателот на државата немаше договор. На таа прва средба Заев предложи да се одржат брзи избори во декември, што Мицкоски го одби и потоа беше прифатен неговиот предлог на 12 април. Сите понатамошни средби доживеаја фијаско, затоа што Мицкоски не прифаќаше ништо и како можност за компромис го нудеше нивниот предлог за избори на крајот на август или почетокот на септември. Во некоја рака тоа изгледаше како галење на егото на Мицкоски, бидејќи без него не може да се реши еден од главните проблеми во државата. Од друга страна, тоа е продолжено тенчење на трпението на Заев, кој смета дека веќе предолго време се одолговлекува, а тој е надвор од ситуацијата кога повторно може да биде премиер. Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека „одржувањето на изборите е завршена тема за Владата“ и тоа би требало да значи дека Заев на средбата кај Пендаровски му дал последна шанса на Мицкоски за договор пред да продолжат изборните активности, која тој не сакал да ја искористи.

Други колумни од авторот: 

Кога вирусот ќе го врати ударот

„Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!“

Во психоделичниот вител

Втората е дека преку министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, опозицијата сака што подолго време да раководи со клучниот ресор на полицијата за да може да прави структурни промени таму и да ја подјадува владата одвнатре. Експресната реакција на Чулев по одлуката на Пендаровски да не прогласува нова вонредна состојба на некој начин ги потврдува тие намери, затоа што тој како министер имал сомнеж оти одлуката била донесена под политичко влијание (речиси исто објаснување како она на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кога тој на прес-конференција грмеше против Пендаровски половина час претходно). Но она што е најчудно во неговата изјава е сублимирано во последната реченица: „Прво да го заштитиме здравјето на граѓаните, а потоа да размислуваме и за враќање во нормала на функционирањето на демократскиот систем на државата“. Ако навистина се изразил онака како што мисли, тогаш на Наќе Чулев не му е проблем да не функционира демократскиот систем во државата и наредните три, пет, осум месеци – во тоа време тој да си остане министер за внатрешни работи и да работи без никаква демократска контрола.

И ако навистина е така - тоа значи дека изборите мора што побрзо да се одржат, затоа што вакво семе што треба да се засее за да не функцинира демократијата треба да се елиминира пред да изрти. Па после, доколку партијата што го предложи за сегашнава функција победи на изборите, може да го остави на истото место и тој да продолжи да работи во демократски систем. Ова може да изгледа и како претерана загриженост, но не е, затоа што кога еден разузнавач, кој сега е на функцијата министер за внатрешни работи, зборува за замрзнување на демократскиот систем, тоа е знак за тревога. И ако во партијата што го предложи се на сличните нивоа на размислување, тоа ќе биде уште поголем знак за тревога.

Дисфункционална влада

Третата работа е дека и на двете најголеми партии би требало да им е совршено јасно дека галопирачката бројка на новите инфекции со Ковид-19 ја поткопува самата држава и дека мора да се преземат некои чекори. И дека системот на техничката влада, кој како-така функционираше на почетокот од кризата, почна да се крши. Техничката влада, создадена за една намена, стана дисфункционална за другата, кризна задача. Гледате што се случува – масовно се кршат здравствените протоколи од пациентите инфицирани од корона вирусот: родилки одат од болница до болница заразувајќи медицински персонал, без да ги кажат податоците дека биле во контакт со заразен; во Охрид некој прави мекици за новороденче, каде присуствуваат двесте души и потоа се заразени неколку десетици луѓе; во Скопје се прави затворена свадба за стотина души и оттаму излегуваат повеќе заразени.

Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie (DW/Petr Stojanovski )

Галопирачката бројка на новите инфекции со коронавирусот ја поткопува државата

Лекарите се очајни, полицијата се колеба дали да преземе мерки против оние што загрозуваат нечиј живот во време на зараза, во болниците во Скопје гневни роднини на починати од Ковид-19 прават инциденти обидувајќи се да ги фотографираат лекарите, кои се веќе изнемоштени од секојдневната борба со вирусот – и агонијата се тркала како снежна топка по падина. Не би било чудно тоа некој ден да експлодира во ситуација по која сите ќе бидеме вџашени. И после... после политичките мршојадци ќе сакаат да ја искористат ситуацијата да исколваат нешто вредно затоа што многу запци на системот веќе се поткршени. 

Амбасадорката на САД, Кејт Брнс, еден час пред почетокот на средбата на Заев и Мицкоски кај Пендаровски ја испрати најјасната можна порака дека „важно е за земјата да се одржат избори" и дека на државата ѝ се „потребни избрани и потполно функционални инсититуции – влада и Собрание – за да се справуваат со многуте итни предизвици кои ќе имаат долгорочен ефект врз иднината на земјата, вклучувајќи го одговорот на кризата со Ковид-19, како и подготовките за пристапните преговори со ЕУ. Што се однесува до датумот за овие избори, тој треба да се утврди во согласност со законите и Уставот на земјата“. Тоа беше јасно наменето за двајцата мускетари кои отидоа на уште една сеанса. Кој од нив двајца не ја разбрал оваа порака, треба да се замисли.

Вонредната состојба престанува да важи од сабота на полноќ и тогаш ќе почнат да важат роковите за изборите. Државната изборна комисија по неколкунеделното држ-недај толкување на нејзиниот претседател дека тешко ќе можат да ги организираат изборите во кусо време (на пример, 5 или 8 јули) вчера ја смени плочата по дополнетата Уредба на Владата.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, сега вели дека Комисијата е подготвена за организација на изборите во законските рокови; дека ќе направат сѐ да обезбедат максимална заштита на сите што учествуваат во изборниот процес (од гласачите до членовите на избирачките комисии) и дека веќе се работи на дислоцирање на некои од избирачките места според препораките на здравствените власти. Деркоски кажуваше дека ќе бидат направени и други работи за кои до пред само неколку дена велеше дека ќе бидат тешко да се остварат. Добро е да се слушнат, макар и подоцна, изјави дека многу работи може да се направат, а не постојано да се наоѓаат оправдувања дека де ова не може, де она не може.

Што ќе донесе оваа сабота – веројатно треба да се чекаат последните повици за разум. Дали тие ќе дојдат во „каналот на комуникација“ меѓу „Бихаќска“ и белата палата, дали тие ќе дојдат од амбасадата на Кале или од седиштето на мисијата на ЕУ, не знаеме. Или, пак, последната консултација треба да се направи со еден човек во Будимпешта.

Реклама