До кога ќе има евтини авионски летови? | Економија | DW | 02.09.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

До кога ќе има евтини авионски летови?

Се дискутира за „казнен данок" за авионски летови под 50 евра. Но, колку е всушност евтино летањето? Цената на авионските билети де факто е повисока отколку што сугерираат понудите на авиокомпаниите.

Листата на 10-те најголеми емитувачи на јаглероден диоксид во Европа на првите места нема големи изненадувања: електрани на јаглен се редат една по друга, од кои 7 најштетни се во Германија. На десеттото место не е производител на струја, туку втората најголема авиокомпанија во Европа, „Рајанер“. Со само две патувања на европски дестинации во годината, веќе се добива половината од 2,7 тони јаглероден диоксид кои според Научниот совет на сојузната германска влада се максимално дозволивиот годишен буџет по глава на жител. Токму „Рајанер“ со смешните цени за авиобилети придонесува во огромна мера за тоа луѓето во Европа и на други места во светот да се одлучат да патуваат со авион. Пратениците на ЦСУ во германскиот Бундестаг сега очигледно сакаат да се спротистават на „дампинг цените" на авиокомпаниите кои нудат евтини летови: „Девет евра билет за лет во Европа ниту има врска со пазарна логика, ниту со заштита на климата", вели  Александар Добринт за весникот „Билд”. Затоа предлага на авиобилети под 50 евра да се воведе „казнен данок". Речиси и да е исклучена можноста дека навистина ќе се воведе таков данок, но сепак се поставува прашањето: дали е поминато времето на евтините летови?

Билетите веќе се поскапени

Историски погледнато, авиокомпаниите кои нудат евтини летови се производ на ЕУ, која од 1987 година европскиот авиосообраќај во повеќе фази го либерализираше и на приватните понудувачи им овозможи да се вклучат на пазарот. Со годините, корисниците се навикнаа на ниски цени кои можеа да се најдат доколку човек се организира на време и е доволно флексибилен. Веќе неколку години пазарот за евтини летови е сѐ потесен. Авиокомпании како „Ер Берлин“, „Германиа“ или неодамна и „ВОВ Ер“ веќе не можеа да држат чекор. Билетите веќе поскапуваат, потврдува професорот за туризам и сообраќај на вишата школа Вормс, Франк Фихерт. „Претставата дека секој може да лета за 9,99 евра е погрешна", вели тој во разговор за ДВ. „Таа цена ја плаќаат само неколкумина, а и тие за повратниот лет веројатно мораат да платат повисока цена." Има само мал контингент билети со такви цени, кои пак се финансираат преку значително поскапите останати билети. Просечната цена за билет кај „Рајанер“ е околу 40 евра од лет, а дополнително се наплатуваат и услуги за багаж или резервација на места од околу 15 евра. „Ако 'Рајанер' го користите за повратен лет, ќе ве чини во просек околу 110 евра", калкулира Фихерт. „Не треба да заборавиме дека тие 9,99 евра билети се само мамец кој има силен рекламен ефект", вели експертот. „Човек знае дека 'Рајанер' само повремено има понуди за 9,99 евра, ќе најде за 29,99 и пак ги букира." Колку поблиску е терминот за летот, толку поскапи се билетите.

Да се оданочат летовите, но на кој начин?

Во авиобизнисот има високи трошоци, како на пример за самите авиони, за персоналот и за керозинот. Затоа авиокомпании може да работат со профит само ако авионите се во одредена мера искористени. Трошоците по глава на патник се помал дел од вкупните трошоци. Германија наплатува и давачка за авиосообраќајот од 7,38 евра до 41,49 евра за подолги дестинации. За летови во Германија се наплатуваат 19 проценти данок на додадена вредност. Летови во странство се ослободени од таа давачка. Летовите се главно меѓународен бизнис, па даночните власти имаат проблем да наплатуваат даноци во соодветна висина за да се спречи неповолен третман во зависност од локацијата. Ако само Германија воведе ДДВ на меѓународни летови, германските аеродроми за прелети ќе бидат во понеповолна позиција отколку на пример Амстердам, Лондон или Брисел. „Тоа ќе има ефект на избегнување на германските аеродроми", вели Фихерт.

Ryanairs neue Handgepäck-Regeln (picture-alliance/dpa/C. Margais)

Многу авиобилети се само навидум евтини


Дури и воведувањето ДДВ на ниво на Европа би било поврзано со негативни ефекти за одредени земји, бидејќи ставките на другите давачки се разликуваат од земја до земја. Наместо тоа подолго време се бара во Европа да се воведе ДДВ на керозин и предлогот е веќе на разгледување во ЕК. Но, за даночни прашања важи принципот на едногласност во Советот на ЕУ, а туристичките земји од Средоземјето би имале доволно причини да ја спречат. „Грција е во конкуренција со Турција за туристи", вели експертот за авиосообраќај Фихерт. „Тие би имале даночни приходи, но и поместување на напливот на туристи."
Затоа професорот по туризам смета дека „Коалицијата на волните" е поверојатна. „Во моментов неколку европски земји имаат иницијативи, особено Холандија, Франција, но и Шведска." Преку билатералните договори заеднички може да се воведат даноци на керозинот, но тоа би имало некаков ефект само ако земјите со најгуст авиосообраќај, како Германија, учествуваат во иницијативата.

Летовите и климата

Данок, а со тоа и повисоки цени е инструмент за да се запре понатамошно зголемување на негативниот ефект од воздушниот сообраќај врз климата. Авиоиндустријата забрзано расте на глобално ниво, а по 2020. година целта е натамошниот раст да биде неутрален во однос на климата. Електрични авиони, обновливи горива или процеси "power to liquid" што произведуваат синтетичко гориво преку електрична енергија, се сѐ уште во рана развојна фаза. Сепак во недостаток на алтернативи на пазарот за фосилните горива, ова главно се прави пред се преку компензација за ЦО2, вели Фихерт. Тоа значи дека авиокомпаниите плаќаат во фонд за пошумување на шумите, за проширување на обновливите извори на енергија или за спроведување на други еколошки мерки. Многу време поминува додека да се почувствуваат ефектите од ваквите проекти за заштита на животната средина – а концентрацијата на ЦО2 во атмосферата расте со секој лет. И предлогот на Добринт за казнен данок за нискобуџетни летови веројатно малку ќе промени. За Франк Фихерт тоа не е изводливо поради технички причини и „не се вклопува во пазарната економија на компаниите да им се наметнуваат одредени цени."

Во принцип, под знак прашалник е дали некогаш се дебатира искрено на темава: за СПД ова е „чекор во вистинска насока". Инаку, предлогот на Добринт наиде и на критики и тоа од редовите на неговата партија. Од Министерството за транспорт кое е предводено од ЦСУ, се вели дека е потребна сеопфатна дебата пред да се креира некаков инструмент. Во секој случај: „Министерството за транспорт нема намера евтините летови да победат", изјави портпарол на министерот Андреас Шојер.

 

DW.COM

Реклама