До илјада... и понатаму | Северна Македонија | DW | 17.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

До илјада... и понатаму

Короната нема да чека. Таа е побрза од премислувањата на политичарите од власта и од критичарите од опозицијата. Пишува Љупчо Поповски

Ова нема да биде текст во класична смисла, онака како што би требало да изгледа една колумна. Ова ќе биде текст полн со податоци, дури и може да изгледа како здодевна статистика. Но бидејќи бројките од Европа и светот за експлозијата на новите инфекции со Ковид-19 доаѓаат во бранови (како да се теписите од бомби на американските „летечки тврдини“) еве една синтетизирана верзија за настаните од петокот (16 октомври) до 22 часот навечер, преку која ќе ви стане брутално јасно со каква опасност се соочува човештвото и секоја земја поединечно. Всушност, луѓето преку здравјето, економијата, невработеноста и сиромаштијата се соочуваат со нивниот најголем страв за опстанокот.

·      Бројот на случаи од корона вирус во САД премина 8 милиони. Според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“ тој изнесува точно 8.008.402. Бројката на новопотврдени дневни случаи е 63.610. Бројката на починати е 218.266.

·      Швајцарија го забележа најлошиот ден од епидемијата во петокот сo 3.105 случаи, надминувајќи ги рекордните бројки од претходниот ден. Сега има 74.422 потврдени случаи

·      Белгија ќе ги затвори сите барови, кафеа и ресторани од понеделник во наредните четири недели. Претходно тоа беше воведено во регионот на главниот град Брисел, а со новата одлука се проширува за целата земја.

·      Италија регистрира 10.010 инфекции во последните 24 часа. Тоа е највисока бројка од почетокот на епидемија во земјата, 13 проценти повеќе од врвот што беше достигнат претходниот ден – 8.804. Сепак, утехата е што имаше само 55 починати, што е екстремно помалку од врвот на епидемијата во март и април, кога имаше дури и по 900 мртви на ден.

·      Италија има само две недели да ја запре растечката стапка на трнасмисија, изјави еден од најпознатите виролози во земјата. Ако не успее да го направи тоа последиците ќе бидат несогледиви.

·      Во Чешката Република втор ден последователно има ужасно лоши бројки – 9.721. Земјата која има 10,7 милиони жители има најголема стапка на пораст на нови случаи во цела Европа. А летоска на Карловиот мост во Прага со пиво го славеа искоренувањето на епидемијата.

·      Судот го суспендираше полицискиот час во баровите и рестораните во Берлин, придружувајќи им се на другите во Германија во поништување на мерките наметнати од владата за да се спречи понатамошното ширење на вирусот. Локалната власт на Берлин воведе ноќен полициски час од 23 часот до 6 часот наутро за да се справи со зголемениот број нови инфекции пред една недела. Во петокот портпарол на управниот суд во Берлин рече: „Полицискиот час засега е суспендиран бидејќи судот смета дека е непропорционален во поглед на другите мерки преземени за борба против пандемијата“.

·      Во Полска, пратеникот на владејачката партија Право и правда, Станислав Карчевски (самиот лекар) рече: „Освен што треба да бидеме дисциплинирани, да носиме маски, да се држиме на дистанца, ги охрабрувам луѓето да работат на нивниот имунитет. На пример, јаболкото е исклучително здраво. Едно јаболко на ден го држи докторот далеку“.

·      Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека прочитал оти „85 проценти од луѓето што се заразиле со Ковид-19“ носеле маски, сакајќи посредно да тврди дека носењето маски, всушност, е причина за ширењето на инфекцијата.

·      Холандија забележа 7.984 нови инфекции за 24 часа. Тоа е најлошиот ден во земјата од почетокот на епидемијата

·      Бројот на случаи во Јужна Африка надмина 700.000 во петокот.

·      Во изминатите 24 часа во Франција се регистрирани нови 25.086 случаи со Ковид-19 и 122 починати лица. Во изминатите седум дена хоспитализирани се 6.906 лица, од кои 1.204 се наоѓаат на интензивна нега.

·      Бројот на заразени лица во Словенија сè уште расте. Вчера, со извршени 5.126 тестови беа забележани 834 заразени лица. Четири лица ја загубија борбата против болеста, а досега има 180 смртни случаи. Во Словенија во моментов има 5.413 потврдени активни случаи.

·      Статистика од петокот е драматична во Хрватска - 1.131 нов случај на зараза, а бројот на активни се искачи на 4.233. Почина едно лице.

·      Бројот на лица заразени со коронавирус постави нов рекорд во Бугарија. Со извршени 6.324 тестови во последните 24 часа, пријавени се 914 нови случаи. Во изминатите 24 часа починаа 15 лица.

·      Што е со вакцината: Американскиот производител на лекови Pfizer со германскиот партнер BioNTech, американската Moderna и британската AstraZeneca во соработка со истражувачите на Универзитетот во Оксфорд би можеле да обезбедат рани анализи на податоци од нивните различни големи испитувања веќе во октомври или ноември.

·      Компаниите ги тестираат своите вакцини против плацебо - типично солен раствор - кај здрави доброволци за да видат дали стапката на инфекција со Ковид-19 кај оние што ја примиле вакцината е значително помала отколку кај оние кои добиле лажна вакцина. Ниту учесниците во испитувањето, ниту истражувачите не знаат кој примил вакцина или плацебо сѐ додека податоците не се подготвени за преглед. Студиите се потпираат на субјекти кои стануваат природно заразени со Ковид-19, така што колку време ќе биде потребно за да се продуцираат резултати во голема мера зависи од тоа колку е раширен вирусот каде се спроведуваат испитувањата.

·      Она што најмногу се гледа во моментов е трендот дека вирусот сега циркулира главно меѓу поздравите млади луѓе, што значи вкупно помали стапки на хоспитализација и жртви. Покрај тоа, лекарите знаат многу повеќе за тоа како да се третираат Ковид-19 со лекови како што се „ремдесивир“ и „дексаметазон“. Но веќе има предупредување дека зголемувањето на смртните случаи ќе биде неминовно, тоа е едноставно прашање на – математиката. „Стапката на смртност - со оглед на распределбата на возраста и со оглед на стапката на инциденца - ќе биде токму онаа што беше во пролетта“, вели Карл Лаутербах, германски научник и парламентарец од редовите на социјалдемократите. И ситуацијата ќе биде полоша, рече тој, во земјите кои „најдолго ги одложуваат важните, неопходни мерки“.

·      Македонскиот премиер Зоран Заев изјави во петокот: „Мене лично ме застрашуваат бројките, верувам и дека секој е уплашен од овие бројки. Сите нови сугестии кои ќе дојдат од Комисијата ќе ги почитуваме. Владата има алатки и механизми и не е само вонредната состојба, имаме можност да прогласиме кризни состојби согласно законот. Нема да дозволиме ние како политички субјекти да носиме одлуки кои ќе прават штета на економијата и нема да имаа ефект на намалување на бројките“.

·      Некое време пред него, претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџоски, ги молеше граѓаните за поголема свесност: „Анализата на епидемиолошките податоци во последните три дена укажува дека одредени настани се главниот промотор на поголем број случаи. Концерти, журки и сѐ она што го гледаме во јавноста. Групирањата и непочитување на мерките се причина за растот на заболени. Ако не си помогнеме самите, не можат да ни помогнат уште 20 болници, сето тоа брзо ќе се исполни. Непочитување на мерките ќе нѐ одведе до преполнување на болниците. Бројот на луѓето е ограничен, не можеме да измислиме нови епидемиолози, нови доктори. Бараме помош од сите“.

Други колумни од авторот:

Како Нерон или како Ленин – што да се прави со спомениците?

Каде владее правото? Сите се грешници

Ковачев и другите синови на немото доба

Ударот на чеканот (судскиот)

Како што рече германскиот научник Лаутербах ситуацијата ќе биде полоша во земјите кои „најдолго ги одложуваат важните, неопходни мерки“. Може ли Македонија да си го дозволи тој луксуз и потоа да воведува мерки кои ќе бидат и премалку и предоцна. А есента штотуку почна. Работите се менуваат со страотна брзина. Пред десетина дена пејачи и сопственици на ресторани и барови излегоа пред владата на протест затоа што ќе се забранеле свирки во внатрешноста на објектите. Доколку сега се појават на истото место постои опасност да бидат избркани од други лути граѓани кои се исплашени од драматичниот пораст на инфекциите, за кои д-р Караџоски вели дека многу брзо може да стигнат до илјада и да заминат и понатаму.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Авторот на текстот, Љупчо Поповски

Во Собранието се надмудруваат дали Деловникот дозволувал да се работи онлајн или не. Ужасно промашена расправа. Што треба да се случи – половина од пратениците да завршат во болница и оттаму уште да ги читаат членовите на Деловникот? Погледнете ги сликите од британскиот парламент: премиерот Борис Џонсон одговара секоја среда на прашањата на лидерот на лабуристичката опозиција Кир Стармер во салата во која има едвај триесетина пратеници од 650. Се гласа за закони од далечина без никаков проблем. Онаа резолуција на Европскиот парламент за владеењето на правото во Бугарија и за правата на македонското малцинство, беше донесена во речиси празна сала, а сепак за неа гласаа 700 и кусур европратеници. На сослушувањето на Ејми Кони Барет во американскиот Сенат за нејзиниот избор во Врховниот суд, сенатори ѝ поставуваат прашања и преку видео врска. Овде и понатаму се мавта со Деловникот. Многу веројатно е дека седницата наредната недела кога треба да се носат законските измени и за задолжително носење маски на отворено, меѓу другото, ќе се претвори во битка во која опозицијата ќе ја докажува некадарноста на властите во борбата со Ковид-19. Тоа е легитимно. Но дали ќе си дозволиме да изгубиме уште драгоцени денови пред да се воведат мерките за запирање на бранот.

Студените месеци уште не почнале. Лекарите беа совршено во право кога на почетокот на летото предупредуваа на оваа страшна инциденца на нови инфекции. Тогаш опозицијата убедуваше дека е ужасна грешка да се оди на избори во јули, затоа што имало по стотина заболени и дека треба да се причека септември или октомври. Еве го октовмри – можеме да замислиме каква би била дебатата сега ако требаше овие денови да одиме на избори. Во Америка оваа недела предвреме гласаа веќе 25 милиони Американци пред денот на гласање 3 ноември. Во 2016 година на изборите излегоа 130 милиони Американци и можете да замислите колкава е оваа бројка од само четири дена предвремено гласање. Според предвидувањата, се очекува дури половина од гласачите да излезат на избирачките места пред официјалниот ден на гласањето.

Во Словенија седум региони кои се во црвената зона ќе одат во карантин. Во Македонија уште не се размислува на такви регионални мерки. А време е. Короната нема да чека. Таа е побрза од премислувањата на политичарите од власта и од критичарите од опозицијата.

 

Реклама