До идилата и по неа | Северна Македонија | DW | 15.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

До идилата и по неа

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ избраа старо-нов и ново-нов лидер. Основното прашање кое се поставува пред јавноста во моментов, е што да очекуваме потоа? Пишува Петар Арсовски.

Петар Арсовски, автор на колумната

Петар Арсовски, автор на колумната

Претходниов викенд гледавме доста идилични слики од двете најголеми партии, за време и после нивните внатрешни изборни процеси. Бидејќи кај нас најчесто важи правилото дека политичарите, токму кога најмногу изгледаат скарани во јавноста и во сопствените партии, всушност настапуваат најкоординирано, сега се прашувам дали важи и обратното?  Дали оваа идила која ја гледаме на малите екрани, можеби значи дека внатре не сакаат очи да си видат еден со друг?

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ избраа старо-нов и ново-нов лидер.  Претпоставувам дека основното прашање кое се поставува пред јавноста во моментов, е што да очекуваме потоа?  Што значи изборот за нивните партии, за интерната динамика, за предизвиците, па на крајот, и за клучните одредници на развојот на државата и општеството.  Како ќе се постават лидерите, кон сопствениот капацитет, кон граѓаните, кон стратешките цели на државата?

Кај ВМРО-ДПМНЕ таа приказна е полесна и поизвесна.  После добриот резултат на локалните избори, Христијан Мицковски сега настапува од позиција на успех, па неговиот авторитет во партијата само ќе се засилува.  Можеби и поради самиот изборен систем, но и поради фактот што тој во последните неколку години континуирано ја консолидира својата позиција, таму немаше ни контра-кандидат.  Сега, потврдата на неговиот партиски легитимитет, ќе му овозможи почисто поле за делување во некои партиски аспекти, иако основните предизвици ќе останат.  Така, со реафирмацијата која Мицковски ја доживеа на конгресот, тој ќе може да ги дозаврши кадровските промени кои досега можеби не бил во состојба да ги направи, бидејќи веќе не треба да биде загрижен дали нечива смена и него самиот ќе го загрози.  Понатаму, може релативно комотно, без да бива предизвикуван од никого, да ја построи партијата зад сопствената визија, правец, идеологија.  Трето, добриот резултат на локалните избори за него е потврда на правецот, и сега е добра позиција да се подготвува за наредните парламентарни избори, кога и да бидат тие. 

Старо-новиот лидер на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски

Старо-новиот лидер на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски

Повеќе од авторот: Кога се тркаат змијата и магарето

Но, за ВМРО-ДПМНЕ и за Мицковски, периодот кој следи, е истовремено полн и со предизвици. Најнапред, неговата партија сега има повеќе градоначалнички места, па јавноста ќе ја мери не само по теоретските опозициски изјави за тоа како треба, туку и по реалните резултати во општините каде градоначалниците се од таа партија.  Тоа значи дека, неизбежната дискрепанца помеѓу очекувањата и реалноста, па со тоа и акумулацијата на незадоволство—она кое во политиката го нарекуваме цена на владеење—сега, барем во општините со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ, ќе оди на конто на таа партија.  Затоа, првиот предизвик е дали градоначалниците ќе успеат да направат позитивна или негативна клима за партијата во овој период.  Вториот главен предизвик за ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски, ќе биде чистењето на идеолошката платформа и нивниот европски наратив. Тука проблематичен е нивниот однос кон Преспанската спогодба, кон договорот за добрососедство со Бугарија, но и најавите дека евентуално решение со Бугарија нема ан-блок да има нивна поддршка.  Ваквите нејасни, но очигледно пасивно-агресивни позиции кон овие клучни оски кои се исклучително важни за меѓународната заедница, но и за идните можни албански партнери на партијата, можат да се покажат како сериозна пречка за целосно легитимирање на ВМРО-ДПМНЕ како сериозен претендент за столчето на Илинденска.

Повеќе од авторот:Прогноза или дијагноза

Кај СДСМ пак, ситуацијата е уште покомплицирана и потешка.  Ковачевски ја наследува партијата после лоши изборни резултати, со сериозни предизвици во самата партија, во владеачката коалиција, но и во нивниот вкупен наратив во остатокот на мандатот, колку и да трае тој.  Најнапред за партиското единство – во СДСМ тоа ќе оди потешко одошто кај опозицијата.  Прво, заради самиот изборен модел, новиот претседател веќе на почетокот ќе мора да прави политички компромиси со „старите ајкули“.  Второ, ќе треба да се дистанцира од „сенката на Заев“, без притоа да смее да си дозволи антагонизација со членството и со структурите кои ги наследува.  Трето, ќе треба да ги усогласува своите стратешки визии со останатата партиска елита, значи нема да може да спроведе баш се што ќе сака.  Тоа ќе ја направи внатрешната ситуација за него потешка.  Понатаму, наследува една нова владеачка коалиција, составена во крајна нужност, во која допрва ќе треба да се „пеглаат“ интерните динамики.  Дотолку повеќе што стабилноста на новото мнозинство во моментот е условена, провизорна.  Дали таа коалиција ќе остане стабилна зависи од политичката проценка на новите (но и старите) партнери за тоа колку на новиот лидер „ќе му тргне“.  Доколку вкупниот наратив на старо-новата влада оди во позитивен правец, кохезијата ќе се зголемува.  Но, доколку партиите во владината коалиција почувствуваат дека бродот на власта тоне, ќе почнат да скокаат од него.  Овој неопходен успех за задржување на стабилноста, зависи најмногу од два фактора: (1) пробив кон европската интеграција, и (2) покажување позитивна разлика во начинот на испорака на владините сервиси и политики, а рокот за двете варијабли, притоа, не е поголем од шест месеци. 

Новиот лидер на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски

Новиот лидер на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски

Повеќе: Што после Заев?

Ова особено што СДСМ инве дел од својот политички капитал во европската приказна, па со тоа и во решение со Бугарија, на сметка на инаетот од граѓаните по таа тема.  Затоа, доколку набрзо (шест месеци или побрзо), не се смени динамиката на односите по тоа прашање, и наместо да се одделечуваме или да стоиме во место, не почнеме да се приближуваме кон решение и почеток на преговорите со ЕУ, со некаков конкретен пробив најдоцна до летото, коалицијата ќе стане нестабилна, а мнозинството неизвесно.  Значи пробив кон ЕУ е неопходен услов за опстанок на СДСМ на власт.  Но, ситуацијата да биде уште покомплицирана, тоа не е и доволен услов.  Во суштина, надворешната политика е само валидизација на правецот во кој се движи државата, но внатрешните перформанси се вистинскиот параметар за успех.  Тоа најнапред значи добар и ефикасен кабинет, но уште повеќе, трансформација на начинот на менаџмент и владеење, од премногу ветувања и премалку испораки, кон суштинска испорака, по двете основи: испорака на ветеното, но истовремено, и поважно, ефикасна испорака на владините услуги кон граѓаните, борба против корупција, доследност, односно промена на сите оние параметри кои досега му беа на товар на СДСМ.

Значи позади фасадата на идилични партиски избори, зад двата новоизбрани лидери на партиите на власт и во опозиција, стојат сериозни предизвици.  Видовме дека двајцата добро говорат пред камера.  Сега да видиме кој од нив подобро ги засукува ракавите зад сцената