До заедничка Европа преку факултетската аула | Свет | DW | 27.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

До заедничка Европа преку факултетската аула

Кристина од Бремен студирала во Загреб, Лиза од Берлин во Малага. Ова се дел од учесниците во Еразмус-програмата која ја слави својата 30-годишнина и која успеа да ја обедини Европа повеќе од кој било друг проект.

Кристина доаѓа од Бремен, северна Германија и благодарение на Еразмус програмата го помина летниот семестар во 2015 година во Загреб. Таа вели дека студиите во главниот град на Хрватска ја направиле потолерантна, поотворена и подготвена да им помогне на другите. „Вака знаете како е кога ќе се обидете да купите автобуски билет, а не го знаете јазикот. Затоа сте подготвени да им помогне на другите луѓе со проблемите од секојдневниот живот“, вели Кристина.

Во Бремен, Кристина студира туристички науки и поради тоа ја одбрала Хрватска како нејзина дестинација. Дополнителна причина било тоа што приватниот универзитет ВЕРН, каде што го поминала семестарот, нуди настава на англиски јазик. И затоа што Загреб, како што вели таа, „е топол и сончев, за разлика од северниот дел на Германија“. Очигледно, таа не знае дека Загреб знае да изгледа сосема поинаку во јануари.

Сепак, Загреб се покажал како добар избор. Кристина е воодушевена од креативниот начин на студирање на универзитетот, а среќна е што запознала и нови колеги од Хрватска. За време на студирањето таа ја забележала разликата помеѓу студентите кои биле на друго место во Европа и оние кои цело време биле дома. „Еразмус навистина прави разлика. Оние кои никогаш не биле некаде надвор не се толку толерантни и љубопитни. Навистина, тие дури и не сакаат да разговараат со нас на англиски јазик".

И покрај тоа, Кристина во Загреб го пронашла своето друштво, а последните пречки исчезнале за време на заедничката посета на еден од хрватските острови. Со помош на хрватското вино сите се разбираат подобро: „Сфатија дека и ние сме исти како нив", вели Кристина.

Kroatien Studentin Christina während ihres Erasmus-Semesters (privat)

Кристина (прва од лево) вели дека по неколку чаши вино сите станале добри пријатели

Импресивен ефект врз младите луѓе

Токму тоа е идејата на Еразмус: оваа европска програма за размена на студенти всушност не е именувана по Еразмус од Ротердам, иако името добро би ѝ прилегало имајќи ја предвид кариерата на холандскиот хуманист и книжевник. Името Еразмус е всушност кратенка за „European Region Action Scheme for Mobility of University Students" која сега постои точно 30 години и која се покажа како еден од големите успеси во процесот на обединување на Европа.

Во тој период преку оваа програма околу три милиони студенти посетувале настава на некој универзитет надвор од својата матична земја. И германската министерка за образование Јохана Ванка вели дека оваа програма е една од оние работи кои „навистина профункционирале во Европа“. „Всушност, импресивно е да се види бројот на тие студенти и да се види каков ефект има краток или подолг престој во странство врз нашите млади луѓе“, беа зборовите на германската министерка.

Концептот на оваа програма е студентите да можат некое време да студираат на некој од другите европски универзитети, без додатни трошоци и без „да губат време“ на сопствениот факултет во административни процедури бидејќи им се признава сѐ што таму ќе научат и положат. Студентите од универзитетот добиваат и мал износ на парични средства кој зависи од земјата во која заминуваат и секако - од благајната на факултетот. Освен сите членови на ЕУ, во оваа програма учествуваат и Македонија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Турција. Партнерски земји има низ целиот свет - од Канада до Јапонија и Јужноафриканската Република.

Symbolbild ERASMUS Studium Auslandssemester (picture alliance/ZB)

Германските студенти со задоволство ја користат програмата Еразмус, а и странските студенти често ја одбираат Германија како академска дестинација

Академското знаење не е сѐ

Најголемиот број на студенти кои ја користат програмата Еразмус доаѓаат од Шпанија, а следуваат Франција, Германија и Италија. На листата на најпопуларите дестинации повторно води Шпанија, а по неа се Германија, Франција и Велика Британија.

Така и Лиза, иако е од Берлин, станала вистинска Европејка: зимскиот семестар во 2009 година го поминала во Малага во Шпанија, како дел од додипломските студии по европски студии на универзитетот во Мастрихт, Холандија. Таа ни објасни дека сите кои се доволно решителни и љубопитни да поминат дел од студиите во странство по правило се враќаат дома побогати за едно драгоцено искуство: „Навистина запознав луѓе околу мене во Европа. Во основа тоа е запознавање на културата и јазикот додека сте заедно со другите студенти од програмата Еразмус“.

Лиза признава дека квалитетот на студирање во Малага не бил на истото ниво како на нејзиниот матичен универзитет во Германија, меѓутоа академското знаење не е сѐ: „На овој начин учите работи кои не би можеле да ги научите дома. Запознав студенти од Грција токму кога во нивната земја почна финансиската криза. Кога ги видов нивните проблеми и маки и кога ги познавате лично, тогаш имате целосно поинаква перспектива“, ни вели Лиза.

 

DW.COM

Реклама