Дојчландтренд: Над 70 проценти од Германците бараат задолжително вакцинирање | Информации и анализи за Германија | DW | 03.12.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Дојчландтренд: Над 70 проценти од Германците бараат задолжително вакцинирање

Што мислат германските граѓани за корона-бројките и заострувањето на ситуацијата со пандемијата? Дали политиката ја има состојбата под контрола? Еве што покажува последното истражување АРД-Дојчландтренд.

Германија е среде четврти бран на пандемијата на коронавирус и се бори со рекордни бројки на инфицирани. Болниците го вклучија алармот, лекарите и негувателите се преоптоварени. Заострената состојба со пандемијата ги загрижува граѓаните. Секој трет во моментов се плаши од зараза со коронавирус. Но, уште повеќе од евентуално лично инфицирање со вирусот граѓаните ги плаши можното инфицирање на децата кои не се вакцинирани или евентуалниот тежок тек на болеста кај постарите лица.

Најновото репрезентативно истражување АРД-Дојчландтренд, спроведено од институтот Инфратест Димап, покажува дека шестмина од десет испитаници се загрижени поради новиот корона-сој, Омикрон. Исто толку стравуваат од тесни грла во медицнското згрижување на болните. Секој втор стравува од осаменост и го мачат размислувања дека во наредните недели можеби повторно ќе мора да се откаже од средби со роднини, пријатели и познаници. Значително поголема отколку пред една година во истиот период е и загриженоста од економските последици на пандемијата.

Deutschland Corona-Patienten auf Intensivstation in der Universitätsmedizin Rostock

Германија се бори со рекордни бројки на инфицирани, болниците се преоптоварени

Кој треба да одговара за пропустите?

Германците не се убедени во досегашната реакција на политиката на четвртиот корона-бран. Осуммина од десет испитаници го критикуваат кризниот менаџмент на сојузот и покраините. Особено се лоши оценките за владата која сѐ уште ја врши должноста. Секој втор смета дека таа е одговорна што не се презеле мерки порано и што Германија сега е толку длабоко во криза.

Од новата коалиција на СПД, Зелените и ФДП, која треба да ја преземе работата наредната недела, граѓаните очекуваат поостар курс во корона-политиката.

Повеќе: Строги ограничувања за невакцинираните во Германија, се размислува и за задолжително вакцинирање

Тројца од четворица испитаници се за задолжително вакцинирање

71% од Германците се за воведување општа обврска за вакцинирање против корона. Тоа е за 14% повеќе во споредба со претходниот месец. Освен тоа, 81% од испитаниците се залагаат фудбалските натпревари повторно да се играат без публика, а 67% се за ограничување на контактите. Што се однесува до гастрономијата, 64% од испитаниците се на мислење дека баровите и кафулињата треба да се затворат, но тоа не важи за рестораните, против чие затворање се 65% од испитаниците. За затворање на божиќните панаѓури се изјасниле 57% од испитаниците.

Повеќе: Германија: Мерките против Ковид во согласност со Уставот

Што се однесува до културните институции, Германците се поделени - 50% се за затворање, 45% се против. Во однос на трговијата на мало, 69% сметаат дека продавниците не треба да се затвораат, а најголем отпор има против затворање на училиштата - дури 73% од испитаниците се на мислење дека училиштата треба да продолжат со настава со физички присуство. Во тој дел ставот на Германците е променет во споредба со минатата година во истиот период. Во декември 2020 година мнозинството испитаници беа за затворање на продавниците, на училиштата и за големо редуцирање на работата на градинките.