1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Дојдено е време за забрана на пластични кеси“

Тим Шауенберг
10 септември 2019

Германија сака од 2020 да забрани употреба на пластични кеси - со исклучоци. Трговците на мало и активистите за заштита на околината не се убедени од мерката. Други земји се многу понапред.

https://p.dw.com/p/3PK2G
Düsseldorf | Karstadt Kaufhof verabschiedet sich von Plastiktüten
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Германската министерка за екологија Свенја Шулце бара од следната година веќе да нема пластични кеси во продавниците. „Дојдено е времето за забрана на пластични кеси“, изјави Шулце во Берлин. „Може да се пазари и без кесите. Сѐ повеќе луѓе се навикнуваат да користат торби за повеќекратна употреба.“

Министерството за екологија има предложено предлог закон со кој треба да се забранат одредени пластични кеси. „Моментално по глава на жител се трошат по околу 20 кеси годишно. Со забрана ќе дојдеме на нула.“

Тоа било првиот чекор, вели министерката. За прекршок против забраната трговците може да сметаат со казна од 100 илјади евра.

Во изминатите години се намали бројот на продадени пластични кеси, откако за нив се наплаќа: Во 2018 беа потрошени 2 милијарди кеси, додека во 2000. беа 7 милијарди кеси.

Deutschland | Bundesumweltministerin Svenja Schulze
Германската министерка за екологија Свенја Шулце смета дека е „дојдено времето за забрана“ на пластичните кесиФотографија: Imago Images/photothek/J. Schmitz

Сега им дојде крајот на кесите, или барем на некои од нив. Подебелите пластични кеси за повеќекратна употреба, како и потенките за овошје и зеленчук се изземени од забраната. Министерството стравува дека со забрана на тенките кесички индустријата ќе почне да го продава овошјето и зеленчукот однапред пакувано со што би настанувал уште повеќе пластичен отпад. Затоа тие кеси се и натаму дозволени. „

Законот не опфаќа доволно забрани", критикува Ролф Бушман, експерт за отпад и ресурси при Сојузот за заштита на околината и природата (БУНД). „Забраната ја поттикнува употребата на заменски производи. Треба да се воведе такса за кеси за еднократна употреба, инаку законот е во рамки на акциски мерки и не помага многу", вели за ДВ.

Повеќе:

 Забрана за пластиката за еднократна употреба

Првпат докажана микропластика во човечкото тело

Крај и за „биоразградливи“ кеси

Шулц, пак, уверува дека за неа е сериозна цел да се сменат навиките на фрлање. Затоа во продавниците треа да престанат да се продават и биоразградливи кеси. Тие, според зборовите на министерката, се „големо пакување измама„ и „повеќе пластика од био“.

Претставениот предлог закон е „во прва линија добар сигнал за намалување на отпадот", вели Холгер Берг од Институтот за клима, екологија и енергија од Вупертал.

Според податоците на фондацијата Хајнрих Бел, во 2016. секој Германец продуцирал околу 38 килограми пластичен отпад. Земјата зазема врвно место во ЕУ. Само Луксембург со 50,5, Ирска со 46,2 и Естонија со 42,2 потрошиле повеќе пластични кеси. Само 13 проценти од целокупниот германски пластичен отпад се рециклира.

„Кесите кои во Африка и Азија завршуваат во животната средина не се проблемот кај нас, зашто ние сме подобри во собирањето и сортирањето на отпадот“, нагласува Берг. „Проблемот е што се продуцира премногу отпад, а премалку од него се рециклира“

Infografik Pastiktütenverbrauch in Deutschland EN
Користење пластични кеси во Германија (во милијарди)

„Да се забранат одредени видови не е севкупен концепт“, критикува Ролф Бушман од БУНД. „Луѓето сега ги користат кесите за овошје и зеленчук кои се бесплатни. Има пораст на 37 по глава на жител во 2018., што е за една повеќе од минатата година.“

Од Министерството за екологија велат дека потрошувачката на тенките кеси, според нивните податоци, „во принцип била стабилна".

Сојузот на трговците на Германија нема разирање за предлог законот на министерката. Во 2016-та министерката со трговците постигнала договор за принцип на доброволност, односно трговците на мало да можат комплетно да ги повлечат кесите, или пак да наплаќаат за нив. Денес во Сојузот сметаат дека има кршење на довербата.

„Трговците го одржаа зборот и исполнија повеќе отколку што ѝ ветија на министерката за намалување на бројот на кеси за еднократна употреба", вели претседателот на Сојузот, Штефан Гент. Трговската гранка со 3 милиони вработени се прашува дали може да се потпре на зборот владата.

Пластичен отпад- проблем за животната средина и за луѓето

Глобална борба против кесите

Се проценува дека на светско ниво се користат од една до пет милијарди пластични кеси годишно. Ако се врзат, може да покријат површина двојно поголема од Франција. Германија не е единствената земја која сака да го забрани или намали користењето на пластични кеси. Индиската сојузна држава Сиким во 1998 година беше пионер во забраната на пластични кеси и покрај нив забрани и продажба и испорачување на производи во пластична амбалажа. Кина, Кенија, Руанда и Јужна Африка веќе забранија пластични кеси. Во САД има правила на локално ниво, како во градовите Сан Франциско, Вашингтон и Лос Анџелес, каде на пример има давачки за употреба на пластични кеси. Во Африка има најмногу забрани за производство и употреба на пластични кеси. Од 26 африкански земји во кои денеска има забрана за кеси на национално ниво, повеќе од половината забраната ја вовеле меѓу 2014 и 2017 година. Во Азија и Латинска Америка 14 земји имаат воведено рестрикции. По забраната на пластични кеси во Уганда, Јужен Судан и Тунис, Танзанија е најновата земја која воведе забрана за кеси за еднократна употреба. Новиот закон им се заканува на оние кои ги произведуваат или продаваат со две години затворска казна, или парична казна од 357 илајди евра. Оние што употребуваат пластични кеси мора да сметаат со помали парични казни. Забраната во Танзанија не е ограничена на увоз и продажба на кесите, туку и на внесување од надвор. Туристите мора да ги фрлат кесите при влегувањето во земјата.

Infografik Umgang mit Plastiktüten weltweit EN
Однос кон пластични кеси и стиропор за еднократна употреба во светот (црвено - забрана, зелено - такси, даноци, сино - комбинација, жолто - договори на доброволна основа)

На крајот на минатата година и 28-те земји од ЕУ се договорија од 2021 година да забранат пластика за еднократна употреба. Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека се инспирирал директно од ЕУ кога во јуни годинава најави слична забрана на пластика за еднократна употреба која дури е поширока од насоките на ЕУ. Од 2021 ќе има и забрана за пластични шишиња за вода.Канада проценува дека Канаѓаните годишно трошат околу 15 милијарди пластични кеси. Покрај тоа, дневно се користат околу 57 милиони пластични цевки, од кои помалку од 10 проценти се рециклираат.

Германската влада мора да даде согласност за предлог законот пред да се најде во Бундестагот. Забраната би можела да стапи на сила на почетокот на 2020 година.