Донирање органи: Моето срце ми припаѓа мене | Панорама | DW | 16.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Донирање органи: Моето срце ми припаѓа мене

До крупна реформа нема да дојде - германскиот Бундестаг го одби законскиот предлог кој требаше да го зголеми бројот на донатори на органи. И во иднина ќе биде потребна изрична согласност на потенцијалните донатори.

Операцијата траела осум часа. Кога Оливер Вебер по еден ипол ден во вештачка кома конечно се разбудил, чувствувал нескротлива енергија. „Беше сосем лудо чувство, бев среќен и полн со енергија", се потсетува тој.

Само кратко пред тоа сѐ било различно. Тогаш 47-годишниот се борел за живот. Поради ретка автоимуна болест на црниот дроб, неговото тело почнало да акумулира отрови. Тој пожолтел и го совладала екстремна слабост.

Втор роденден

На 22 март 2012 Вебер се разбудил во Универзитетската клиника во Есен со нов црн дроб. „Датумот навистина си го сметам за мој втор роденден", вели тој. „Многу е блиску до денот кога сум роден, па двата ги славам заедно. 22 март за мене секогаш е ден за присебност и свесност."

Transplantation | Organspende | Oliver Weber (Privat)

Оливер Вебер имал среќа да добие дониран орган

Свесни беа и пратениците на германскиот Бундестаг. Денеска мнозинството ја изгласа реформата предложена од претседателката на Зелените, Аналена Баербок, која се залага за поголема информираност за да се зголеми подготвеноста за донирање. Покрај внесувањето на донаторот во Централен онлајн регистар во иднина треба да се овозможи граѓаните при поднесување на барања за лични исправи да може да дадат и соодветна изјава за донаторство.

Страв од изјава за донаторство

Постои огромна потреба да се делува. Бројот на донатори ни приближно не е доволен за да ја покрие побарувачката, особено на пациенти со бубрежни или заболувања на црниот дроб во многу случаи им нема помош. Според податоците на меѓународната Фондација Еуротрансплант во Германија актуелно чекаат 9004 пациенти за трансплантација.

Во споредба со европските соседи недостигот на органи во Германија е особено изразен. Во Шпанија на еден милион жители во просек има по 48 донатори на органи, додека во Германија се едвај 11,5. Според Светската здравствена организација, бројот на донатори се намалил од 1220 во 2005 на 769 во 2017 година. Во 2018 повторно има мал пораст на вкупно 955 лица.

Притоа Германците всушност имаат позитивен став кон темата донирање органи. Според анкета на Сојузната централа за здравствена едукација спроведена во 2018 година, 84 проценти од населението се за донации на органи и ткива. Сепак, само 36 проценти поседуваат исправа за донатор. За Ојген Бриш, кој е претседател на Германската фондација за заштита на пациентите, е јасно зошто е тоа така. „Во анкета може лесно да се каже да или не", вели Бриш. „Но, кога сериозно ќе се занимавате со темата мира да признаете свои стравови. Тука интензивно е под прашање сопственото јас, а тоа ја прави големата разлика."

Примерот на Шпанија

Поборниците за заштита на пациентите се против т.н. Решение со приговор, кое се применува во повеќе европски земји. За нив Шпанија е вистинскиот пример и тоа од сосем друга причина. „Во Шпанија се случи позитивен пресврт кога државата ја презеде одговорноста. Луѓето велат, овде контролата е максимална и со висока транспарентност и ние веруваме во тоа дека системот е фер." Бриш смета дека во Германија речиси половина од населението би имало сомнеж.

Германија и` припаѓа на група земји во кои се применува Решението со лична одлука, кое исто така се вика и решение за согласност. Потоа донација на орган е можно само кога починатиот експлицитно се изјаснил за тоа додека бил жив, или доколку тоа не е случај, неговите роднини дадат согласност за донирање органи.

Infografik Karte Organspende Europa EN

Инфографика за донирањето органи во Европа

Во Хрватска, Белгија, Исланд, Финска, Летонија и Норвешка по смртта на некој кој се одлучил да донира органи, повторно се препрашува семејството за согласност. За разлика од Шпанија, во Германија кооодинацијата на трансплантациите не е под Министерството за здравство, туку ја прави непрофитна невладина организација – Германска фондација за трансплантација на органи (ДСО). Германија заедно со Белгија, Хрватска, Луксембург, Холандија, Австрија, Унгарија и Словенија се дел од мрежата Еуротрансплант, со која се разменуваат органи меѓу осумтте земји. На овој начин Германија профитира од подготвеноста за донација на органи на своите соседи. Германскиот закон за трансплантација повеќе пати беше реформиран по примерот на Шпанија. Така во меѓувреме сите болници кои отстрануваат органи и вршат трансплантација мора да имаат специјален службеник за трансплантација кој мора да ги внесе сите потребни податоци во еден сојузен регистар.

Одлука наместо притисок

Оливер Вебер се надева дека реформата на регулативата за донирање на органи ја зголемува подготвеноста за донација на органи во Германија. „Кога некој ќе рече, поради етички или религиозни причини не сакам да донирам органи, тогаш тоа треба да се почитува," вели Вебер. „Но, мислам дека повеќето не размислуваат за ова однапред."

Оливер Вебер имаше среќа. Само една година мораше да чека за нов орган. На 21 март 2012 во 23.00 часот дојде спасувачкиот повик од Универзитетската клиника во Есен. „Само што закрепнав од грип кога заѕвони телефонот и ми јавија: ‘имаме орган за тебе’," се сеќава Оливер.

И покрај тоа што тој со години веќе си ја носи со себе исправата за донирање органи, во меѓувреме се залага за Решение со приговор. „Тоа не им го одзема правото на носење одлука на граѓаните. Само ги приморува да направат избор и да донесат одлука. Ако не го сторат тоа, тогаш државата ќе го стори тоа во нивно име. Има повеќе земји во Европа кои немаат проблем со тоа," вели Оливер.

 

Реклама