Доналд Трамп- човекот кој понекогаш пука од колкот | Свет | DW | 29.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Доналд Трамп- човекот кој понекогаш пука од колкот

И по 100 дена на должноста американскиот претседател Доналд Трамп останува загатка. Дали неговите постапки во надворешната политика се стратегија или спонтани идеи? И натаму мора да бидеме подготвени на изненадувања.

Судејќи според стравовите кои беа забележливи на почетокот и не излезе сѐ така лошо. Претседателот Трамп сѐ уште не започна ниту една војна. Човекот со нервозни раце на својот профил на Твитер веќе не критикува, туку напротив го фали НАТО. Значи, супата не се јаде толку  врела колку што се готви. Барем не кога станува збор за надворешната политика.

Досега не можеше да исполни ниту едно свое предизборно ветување: не ги подобри односите со Русија, нема „казнување“ на Кина поради нејзините наводни монетарни манипулации, ниту запирање на атомскиот договор со Иран. Бомбардирањето на аеродромот во Сирија беше еден вид казна за Асадовиот режим бидејќи употреби боен отров. Слично важи и за бомбашкиот напад врз скривалиштето на борците на т.н. „Исламска држава“ во Авганистан.

Без концепт за надворешната политика

Меѓутоа, зад таквите одлуки не се крие стратегијата за тоа како може да се смири ситуацијата во тие региони. Изгледа дека новата администрација воопшто нема надворешнополитичка стратегија. Трамп ја водеше предизборната кампања под слоганот „Прво Америка“. Тоа не значи ништо друго освен помалку пари за остатокот од светот. Во согласнот со тоа го намали буџетот за меѓународните организации како што се ОН или Светска банка. Тоа може да има драматични последици во превенцијата на кризи, борбата против сиромаштијата или пандемиите.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Миодраг Шориќ

Трамп повеќе пари сака да вложи само во одбрана. Лобито на индустриите за оружје ќе се радува исто како и интервенционистите во Конгресот. Меѓутоа, исламистите не можат да се запрат само со оружје. Борбените авиони и тенкови на северот на Африка и на Средниот Исток малку помагаат во борбата против сиромаштија. САД се далеку најмоќна воена сила на светот. Никој не им претставува сериозна закана. Би било подобро парите да се инвестираат во образование или во заштита на климата. За жал, Трамп за тоа не сака ни да слушне.

Непредвидливоста не е политички квалитет

Дали постои константа во надворешната политика на Трамп? Дали е тоа „флексибилност“ на која е толку горд. Тоа им дава полет на сомнежите дека Трамп по своја желба одлуките ги носи спонтано и неплански. Да се биде непредвидлив е можеби преговарачки трик на градежен претприемач кој сака евтино да купи бетон. Во надворешната политика предвидливоста се смета за вештина.

Оптимистите во Вашингтон се надеваат оти Трамп во иднина повеќе ќе ги слуша советниците, кои ја следат традиционалната американска надворешна политика. Трамп, кој пред да стапи на претседателска должност во надворешната политика сакаше сѐ да прави сосема поинаку останува на својот курс, но  предвид сепак треба да се земат неколку исклучоци. Но со нив светот ќе мора да живее.

 

Реклама