Долниот дом на британскиот парламент гласаше за одлагање на Брегзит | Свет | DW | 04.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Долниот дом на британскиот парламент гласаше за одлагање на Брегзит

Експресно гласање во британскиот парламент: во само еден ден беа завршени сите три читања на предлогот за одлагање на Брегзит. Сега треба да се гласа и во Горниот дом на парламентот.

На крајот едни наспроти други стоеја 313 „да“ и 312 „не“, односно предлог законот за одлагање на Брегзит помина со само еден глас мнозинство.

Владата реагираше налутено на гласањето. „Разочарани сме што пратениците го поддржаа овој закон“, изјави портпарол на владата во Лондон. Премиерката Тереза Меј во вторникот веќе најави дека има намера да поднесе барање за продолжување на рокот за излегување на Велика Британија од Европската унија. Според досега планираното, Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 12 април. Меј сака да добие одложување до 22 мај. Со тоа би се спречило учество на Велика Британија на европските избори, кои се одржуваат од 23 до 26 мај.

Сѐ уште е неизвесно дали останатите шефови на држави или влади на ЕУ ќе ѝ излезат пресрет на Меј. Тие наредната среда на вонреден самит треба да разговараат за Брегзитот и натамошните чекори кои треба да се преземат. За продолжување на рокот за Брегзит би требало да се донесе едногласна одлука од страна на останатите 27 земји членки на ЕУ.

London: Die Abgeordneten geben das Abstimmungsergebnis an den Parlamentssekretär (Reuters TV)

Само еден глас мнозинство во Долниот дом на парламентот во Лондон

Пратениците во Лондон сега сакаат да постигнат - должината на одлагањето на рокот за излез од ЕУ да мора да биде определена од страна на парламентот. На тој начин тие против волјата на премиерката Меј би можеле да постигнат одлагање на Брегзитот и по 22 мај, што би значело и учество на земјата на европските избори.

Повеќе:

Брегзит: Трпението на Брисел е сѐ помало

Брегзит: Лондончани со страв гледаат кон иднината

Инаку, Меј вчера имаше средба со лидерот на опозицијата Џереми Корбин на која се бараше излез од ќорсокакот околу Брегзит. Двете страни ја оценија средбата како „конструктивна“. Разговорите би требало да продолжат денеска. Лабуристите бараат царинска унија со ЕУ, шта наидува на стриктно отфрлање од страна на многумина конзервативци.

DW.COM

Реклама