Долго патување на Полска во ноќта | Свет | DW | 29.07.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Долго патување на Полска во ноќта

Дали ветото на претседателот Дуда го спречи подјармувањето на судството или тоа беше само тактички маневар по големите протести дома и огромниот притисок од ЕУ и САД.

Некои ќе речат дека ситуацијата со ударот врз судството во Полска во многу нешта наликува на македонското искуство. Други, пак, со повеќе право ќе образложат дека настаните на Полска се речиси идентични со она што се случуваше во Унгарија по второто доаѓање на Виктор Орбан на власт. Во основа, тоа e истата матрица за изградба на нелиберални општества во поширокиот регион – во Унгарија тоа трае седум години, во Турција е во тек 15-тата година, а во Русија овој авторитарен проект се спроведува од 2000. година. Владејачката партија Право и правда (ПиС) во Полска тоа го спроведува за помалку од две години.

Полскиот претседател Анджеј Дуда во понеделникот реши да направи коперникарски пресврт кога објави дека ќе стави вето на два од трите контроверзни закони за реформи на судството (претходно усвоени и од Сејмот и од Сенатот) и да ги врати во парламентот на повторно усвојување, за што ќе биде потребно трипетинско мнозинство, кое владејачката партија има сериозен проблем да го обезбеди, иако тоа не е невозможно. Дуда во телевизиско обраќање објави дека ги вратил законите за Врховниот суд и за Националниот судски совет затоа што „тие не го зајакнуваат чувството за правда во општество“ и затоа треба да биде поправени. Третиот закон – оној кој му овозможува на министерот за правда да ги разреши шефовите на пониските судови – го доби потписот на претседателот за да стапи во сила.

Што го натера Анджеј Дуда за прв пат јавно да има поинаков став од неприкосновениот лидер на земјата, претседателот на ПиС, Јарослав Качињски, иако пред да стане шеф на државата тој беше пратеник на партијата и досега двајцата имаа унисони ставови за сите случувања во земјата и за политичката платформа на владата. Во овие две години откако е претседател, Дуда се сметаше како кукла на Качињски. Дали тоа беа масовните протести во земјата против усвојувањето на законот; дали тоа беа анкетите кои покажуваа дека 55 отсто од граѓаните сметаат дека Дуда треба да стави вето врз судските закони, иако ПиС и натаму има голема поддршка во јавноста (од 35 до 40 отсто)? Дали тоа беше острата реакција од Брисел, соопштена од првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс, дека „законите се сериозен напад врз владеењето на правото“ и доколку стапат во сила ЕУ ќе биде принудена да ја активира најсилната политичка санкција – членот 7 (кој постои од 1997, но никогаш не е употребен) со кој на Полска ќе и бидат оздемени гласачките права во Унијата, а потоа можеби и финансиската помош. Дали тоа беше и изјавата од Стејт департментот (и тоа само две недели по посетата на Доналд Трамп на Варшава, кога кажа еден куп пофалби за владата) во која се велеше дека „полската влада продолжува да турка закони кои ја поткопуваат судската независност и го ослабуваат владеењето на правото... и мора да се почитуваат принципите на судската независност и поделбата на властите“. Стејт департментот минатата недела соопшти дека имале разговори „со највисокото ниво на владата во Варшава“.

Предалеку и пребрзо

Или, едноставно, Качињски и владата на премиерката Беата Шидло сфатија дека отишле предалеку и пребрзо и се соочија со реалноста дека во овој поврзан свет една таква авторитарна и националистичка агенда не може лесно да помине. Иако премирката Шидло минатата недела самоуверено тврдеше дека „ние нема да попуштиме под притисокот. Ние нема да бидеме заплашени од полските и странските бранители на интересите на елитите“.

Партијата на Качињски ужива широка популарност кај електоратот и покрај протестите за подјармувањето на судството поради неколку основни причини – добро осмислените социјални програми, силниот економски раст, рекордно ниската невработеност и патриотската и националистичката реторика која добива инфузија од Католичката црква и нагласената побожност меѓу полските конзервативни гласачи. Опозицијата е слаба и поделена, па дури и дезориентирана, па Качињски одлучи на бранот на популарноста на владата и мнозинството на партијата во парламентот да спроведе реформи со кои на долго време ќе биде цементирана неговата власт (иако формално е само пратеник и претседател на партијата) по трауматичното искуство со неговата влада во 2006 и 2007 година кога понижувачи ја загуби власта по само 16 месеци.

Што предлагаше владата (а тоа го усвои парламентот) во овие контроверзни закони со кои требаше да го подјарми судството, кои наидоа на осуда и од Венецијанската комисија и од другите европски институции? Со овие закони владата за само неколку недели ќе го преземеше под свое управување целиот судски апарат. Врховниот суд остана единствен недопрен од власта по преземањето на Уставниот суд, јавното обвинителство и јавните медиуми (државната телевизија ТВП протестите на граѓаните ги нарече „обид да се организира пуч против демократски избраните власти“). Со законот на кој претседателот Дуда стави вето требаше веднаш да се отпуштат сите 83 членови на Врховниот суд со задолжително „пензионирање“, без оглед на нивната возраст. Министерот за правда ќе има право да одлучи некои од тие судии да останат во Врховниот суд (секако, тоа би биле оние што се политички подобни), а другите ќе ги избира новоформираниот Национален судски совет (и за него Дуда стави вето), во кој претставниците поставени од владата ќе имаат права блиску до вето за секој кандидат за судија. Новиот Врховен суд треба да биде не само крајна инстанца за сите судски процеси, туку неговата автономна Дисциплинска комора ќе може да поведува постапки спрема сите судии во земјата и тоа секогаш кога ќе побара министерот за правда. Со тоа треба да се воведе своевидна судиска послушност. Новиот Врховен суд би имал право да ја оценува и валидноста изборите и референдумите, па дури и валидноста на законите. Една од предложените промени е  министерот за правда да биде и јавен обвинител, со што директно би влијаел врз одлуките на Врховниот суд.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)

Љупчо Поповски

Качињски со децении има комплицирани односи со судовите (уште од времето на дисидентските денови и членството во „Солидарност“). Тој постојано зборува дека во судовите се уште има луѓе од комунистичките денови, а во последно време неговата реторика се префрли на оценките дека судиите се дел од недопирливата елита која ги фаворизира либералните и глобалните интереси, наспроти потребите на нацијата. Па новите закони ќе осигураат „правдата да не биде форма на привилегија“ и дека „никој не може да биде над законот“, без оглед дали е богат или има политички врски.

Факт е дека Полјаците со години го поддржуваат ремонтот на судството поради неговото бавното системско темпо и понекогаш контроверзните одлуки. Со сегашната поставеност Врховниот суд именува други судии, тоа се случува многу бавно, а некогаш има и конфликт на интереси. Тврдењата на ПиС дека судството е претворено во групација на елити и дека е потребна негова поголема отчетност ги поддржуваат значаен дел од граѓаните. Но и оние што се поддржувачи на ПиС сега велат дека со реформите, кои всушност му даваат огромна моќ на министерот за правда, се отишло навистина предалеку и дека тој лост на власта е најкусиот пат до авторитарност.

Претседателот на Европскиот совет, Полјакот Доналд Туск (некогашен премиер) минатата недела побара итна средба со Дуда и ги нарече законите „негација на европските вредности и стандарди... кои... го ставаат под ризик нашиот углед. Политички, овој чекор не води назад во времето и просторот – назад кон Истокот“, му напиша Туск на полскиот претседател.

Malta Donald Tusk zum Brexit

Доналд Туск

Улогата за Зофија Ромашевска

Анджеј Дуда на својата прес-конференција не спомена дали писмото на Доналд Туск одиграло некаква улога во неговата одлука да стави вето на законите, но соопшти дека се консултирал со многу експерти – вклучувајќи адвокати, социолози, политичари и филозофи. Тој рече дека најголемо влијание врз него извршила Зофија Ромашевска, една од легендите на дисидентското движење во 1970-тите и 1980-тите година. Дуда објави што му рекла Ромашевска: „Господине претседател, јас живеев во држава каде што јавниот обвинител имаше неверојатно моќна позиција и практично можеше да прави се што ќе посака. Јас сега не сакам да се вратам во таква држава“. Најпосле претседателот Дуда ја послуша живата полска легенда Зофија Ромашевска, а не неговиот партиски шеф Јарослав Качињски и соопшти дека „не е во нашата традиција јавниот обвинител да може да се меша во работата на Врховниот суд“.

Оваа одлука на претседателот  Анджеј Дуда на прв поглед изгледа како удар за Јарослав Качињски, но повеќе е внимателен потег како да се смират протестите (опозицијата и поранешниот претседател и демократски борец Лех Валенса повикаа да не се запира со нив). Дуда побара од владата промени во законот и тие можат да бидат повеќе козметички а не суштински, знаејќи како владее Качињски. Тоа предизвика гнев во владата. Министерот за надворешни работи, Витолд Вашчиковски, вака ја објасни одлуката на Дуда: „Некои европски сили не сакаат да го прифатат исходот од изборите, тие не ја прифаќаат оваа влада и нејзиниот правец за промени. Можеби тоа ќе заврши со терористички акции против полската држава“.

 „Заробениот ум“ важи и денес

	Polen Protest gegen Justizreform in Danzig - Lech Walesa (picture alliance/NurPhoto/M. Fludra)

Лех Валенса им се обраќа на демонстрантите против реформата на судството

Но овие закони и пресврти во Полска кристализираа една нова ситуација во Европа. Авторитарните влади во Европската Унија (и не само во неа) стануваат се поизолирани од политичарите на континентот. И тоа е добра вест. Полската влада во овој случај доби само една поддршка – од националистичкиот популист Виктор Орбан. Зборувајќи од местото од каде што ги испраќа „најпатриотските“ пораки – Баиле Тушнад во Трансилванија, Романија (на годишниот собир на унгарското малцинство), унгарскиот премиер и понуди целосна поддршка на Полска во спорот со ЕУ. „Инквизиторската офанзива против Полска нема никогаш да успее бидејќи Унгарија ќе ги искористи сите легални опции во Европската унија да ја покаже солидарноста со Полјаците“. Тој повика на „патриотско владеење“ против ЕУ. „Кога политичките елити ќе се свртат против својот народ ним секогаш им треба инквизитор, кој треба да зборува во нивно име. Потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс е тој инквизитор. Тој е вклучен во напорите да ги ослаби патриотските влади“. Тимерманс, според Орбан, и се нафрлил лани на Унгарија со квотите за бегалците, а сега на ред дошла Полска. „Сојуз против народот е формиран во Брисел. Овој сојуз ги вклучува бирократите и ние можеме да го наречеме империјата на Сорос“.

Одбраната на Орбан на полската влада, всушност, е насочена кон одбрана на сопствената власт пред изборите идната година. Будимпешта и Варшава чекор по чекор се најдоа изолирани не само во Европа, туку и во Вишеградската група, затоа што тргнаа по погрешен пат. И тоа токму по оној пат поради кој илјадници луѓе ги загубија животите за време на комунизмот и илјадници други скапуваа по затворите. Во Полска сега се потсетува дека книгата „Заробениот ум“ на нобеловецот Чеслав Милош, всушност, не била завршена приказна, како што се мислеше пред десетина години. Дека јазикот на политичарите станува се понационалистички, дека луѓето не можат да толерираат отворена дебата, дека се вгнездува стравот и омразата. Чеслав Милош во книгата од 1953 година објаснуваше зошто толку многу интелектуалци и уметници подлегнуваа на идеологијата или претендираа да веруваат во комунизмот.

Сега, како и тогаш, идеологијата беше само механизам за контрола на умот, и сега како и тогаш, таа е само алатка за спас од најдлабоките стравови кои потоа ги насочуваат нашите животи. Најлесно е да потклекнеш пред примитивниот патриотизам во националистичка обланда, не само во Гдањск или Краков, туку и во Дебрецин, во Нови Сад, во Скопје или Битола. Многу е тешко да се обидеш да го препознаеш.

 

Реклама