Долгорочни последици од Ковид-19: „Не можев да ја кренам главата“ | Свет | DW | 26.10.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Долгорочни последици од Ковид-19: „Не можев да ја кренам главата“

Главоболки, тешко дишење и исцрпеност - дел од пациентите страдаат од последици од коронавирусот со месеци по инфекцијата. И Валери Гизен сѐ уште се бори со големи здравствени проблеми.

Валери Гизен одвај зема воздух и буквално паѓа на клупата. Оваа 29-годишна девојка само прошета по улицата. Одеше, не трчаше. „Ова е веројатно најголемиот напор за денеска“, вел таа. Срцето ѝ чука забрзано, одеднаш ѝ се слуша дишењето.

Пред осум месеци овие неколку стотини метри ги минувала како од шега. Два до три пати месечно одела на танцување, понекогаш се качувала на планина, а одела и на базен. Валери Гизен сега е пример за она што многу лекари во меѓувреме го нарекуваат „официјално заздравен, но не и здрав“. Пред повеќе од половина година таа се излечи од коронавирусот, но е далеку од фит.

Никогаш не се чувствувала така болна

Гизен се разболела кон крајот на март: „Срцето ми чукаше екстремно брзо и имав голем притисок во градите. Никогаш не сум се чувствувала така болна.“ 

Две недели не станала од кревет, била целосно исцрпена, со болки во градите. Дури и одењето во тоалет било вистински напор: „По секое одење морав долго да одмарам.“

Не се тестирала бидејќи во тоа време немало доволно тест центри. „Тоа беше во првиот бран во Данска, а и се плашев да одам во болница.“ Но тестот во јуни потврди: Гизен има антитела против Сарс-КоВ-2.

Valerie Giesen COVID-19-Langzeitfolgen

Валери Гизен летоска имала дури и велосипедска тура

Оваа Германка, која по занимање е антрополог, живее во Копенхаген, Данска. По корона-инфекцијата повторно ѝ било добро. „Ова е мојот одмор од годинава“, раскажува Гизен и на лаптопот ни ги покажува фотографиите од тура со велосипеди: повеќе од 400 километри со велосипед од Копенхаген до стариот дом во Берлин. Сѐ е повторно добро, си мислела тогаш Валери Гизен.

„Сѐ почна кон крајот на август“, раскажува оваа 29-годишна девојка. Всушност требало да се оди на теренско истражување кога се појавил рецидив од болеста: долгорочна исцрпеност, притисок во градите, потешкотии со дишењето. „Едвај можев да ја кренам главата. Не можам да ви опишам како ми тежеше цело време.“

Ѝ помагале нејзините цимерки - ѝ купувале сѐ што треба и ѝ готвеле. Но, ѝ паѓало тешко цело време да зависи од некого.

Веќе осум недели се бори со овие симптоми. Во меѓувреме се врати привремено во Берлин, кај родителите. „Во Данска бев очајна“, вели Гизен. Матичната лекарка во Копенхаген не можела да ѝ помогне. Во меѓувреме се чуствува малку подобро, вели таа оптимистички. „Можам да седам исправено и да зборувам – дури и подолго од две, три реченици."

Прелиминарна дијагноза: „Пост-Ковид исцрпеност“

Во Берлин ѝ направиле неколку различни тестови. Прегледите на срцето и белите дробови не покажале аномалии. Досегашната дијагноза гласи: „синдром на пост-Ковид исцрпеност“. Според првичните медицински сознанија ова вклучува и состојба на долгорочна исцрпеност, и постојано чувство на инфекција и нарушена концентрација.

Првичните мали студии, направена врз примери од Италија и Ирска, покажаа дека голем дел од Ковид-пациентите повеќе недели по нивното официјално оздравување се борат со исцрпеност и имаат потешкотии со дишењето. Сепак, научнците сѐ уште немаат потврдени сознанија за долгорочните последици од инфекцијата од корона-вирусот. Сѐ уште е рано за тоа.

Valerie Giesen COVID-19-Langzeitfolgen

29-годишната Валери Гизен мора да се одмара повеќепати на ден

И Светската здравствена организација (СЗО) известува дека симптомите може да се задржат и со месеци, па дури и да се вратат повторно – дури и ако заболениот имал полесна клиничка слика. Тоа важи и за млади луѓе како што е Валери Гизен, која не припаѓа на ниту една ризична група. Сега таа носи специјални чорапи против тромбоза и дремнува неколкупати на ден поради замор. Вели, замислете си ја нејзината енергија за еден ден како када полна со вода – со секоја мала активност водата се испушта. Одморот и дремката се чеп со кој се штеди водата. Но, во еден момент водата е целосно потрошена и нејзината енергија исцрпена.

Повеќе:

Дали загатката на коронавирусот е во крвните групи?

Тешки мозочни оштетувања се можни дури и при лесни корона-симптоми

Листата на симптоми на коронавирусот непрекинато се шири

Совети од онлајн групи за самопомош

Во една корпа во кујната Гизен има различни витамини и чај од куркума. Покрај нив има многу свежо овошје и зеленчук. Таа сега особено внимава на исхраната – сѐ што внесува треба да е антиинфламаторно. Обид да ја преземе ситуацијата во свои раце, оти медицината сѐ уште малку знае за оваа состојба. Советите ги слуша од една онлајн група за самопомош основана од активисти на „Боди политик“ во САД. Повеќе илјади членови разменуваат искуства за нивните долгорочни последици од Ковид-19. Групата спроведе дури и анкета меѓу своите членови во мај.

За Гизен читањето на пораките во групата е „секојдневен утешен вечерен ритуал. Така се чувствувам помалку осамено." И самата е активна во групата, па успеа да развесели и други луѓе. Бидејќи, покрај сѐ што ѝ се случува, Валери Гизен е оптимист: секој ден има помало подобрување. Таа се надева дека со нејзината приказна ќе допре до повеќе луѓе да сфатат што може да им направи коронавирусот.

Гледај видео 01:41

Ковид-19 и (не)фер распределбата на вакцината ширум светот

Реклама