Долги затворски казни за новинари на Џумхуриет | Свет | DW | 26.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Долги затворски казни за новинари на Џумхуриет

15 новинари и уредници на турскиот весник се осудени на затворски казни, поради наводна терористичка пропаганда. Главниот уредник Мурат Сабунчу за ДВ вели дека првостепената пресуда нема да ги заплаши.

Судот во Силиври кај Истанбул ги осуди на повеќе од седумгодишна затворска казна издавачот на весникот „Џумхуриет“ Акин Аталај,  главниот уредник Мурат Сабунчу и познатиот истражувачки новинар Ахмед Шик поради „поддршка на терористички организации“. Пресудата која е изречена под деветмесечниот судски процес уште не е правосилна. За време на жалбената постапка осудените можат да останат на слобода - Аталај досега цело време беше во притвор.

Обвинети беа вкупно 18 сегашни и поранешни новинари на Џумхуриет. Освен споменатите тројца, против останатите се изречени затворски казни, додека пак тројца беа ослобедени од обвинението. Некои се осудени поради „поддршка на терористички групи, без членување во нив“ а книговодителот на весникот Емре Ипер поради „терористичка пропаганда“.

Повеќе:

-Небулозни обвиненија против вработените во „Џумхуриет“

-Во Турција уапсен и издавачот на „Џумхуриет“

-Турската власт го гаѓа „Џумхуриет“

Главниот уредник на „Џумхуриет“, Сабунчу, за ДВ истакна дека казните нема да ги спречат него и колегите да продолжат храбро да се занимаваат со својата работа. „Ајде и натаму да се занимаваме со слободно и единствено новинарство. Оваа одлука нема да нѐ спречи да продолжиме со новинарството, ова е срам за турското правосудство“.

Притисок врз медиумите

Сабунчу и Шик неодамна беа ослободени од притвор по 16 односно 14 месеци. Аталај мина цели 18 месеци во притвор. Процесите против двајца соработници на „Џумхуриет“ се водат во отсуство, одвоено од останатите. Еден од нив е против Џан Дундар, поранешниот главен уредник, кој живее во егзил во Германија.

Новинарите на „Џумхуриет“ се обвинети за наводна поддршка на забранетата Работничка партија на Курдистан (ПКК), екстремната левичарска мрежа ДХКП-Ц и движењето Ѓулен. Ахмет Осмен, претседател на адвокатската комора во Дијарбакир за ДВ истакна дека пресудата претставува еден вид притисок врз политиката на медиумите и се надева дека таа ќе биде изменета на повисока инстанца.

По неуспешниот пуч во 2016 година во Турција во сила е вонредна состојба за време на која режимот на претседателот Ердоган затвори бројни медиуми. Според наводите на невладините организации, преку 150 новинари се наоѓаат во затвор.

DW.COM

Реклама