Долгата трага на тероризмот на Синај | Свет | DW | 27.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Долгата трага на тероризмот на Синај

Нападот врз учесниците на богослужба е досега најбрутална ескалација на насилството на Синај. Тоа има долга предисторија и не само религиозна туку и социјална димензија.

Во моментот кога верниците ја напуштаа џамијата терористите активираа бомба и убија преку 300, а ранија повеќе од 200 луѓе. Врз оние кои се обидоа да побегнат отворија оган. Одговорност за нападот во Бир ал-Абед, 40 километри јужно од главниот град на провинцијата Ал-Ариш сѐ уште не презема никој. Претставвник на државното обвинителство, кое ја води истрагата за нападот, соопштил дека напаѓачите носеле знамиња на џихадистичката организација Исламска држава (ИД). Египетските безбедносни сили веднаш започнаа офанзива против како што истакнаа терористите осомничени за нападот.

Бедуините-граѓани од втор ред

Синај долги години е место на кое џихадистите извршуваат напади. Во 2014 година во самоубиствен напад беа убиени 33 војници. Претседателот Абдел Фатах ал-Сиси прогласи вонредна состојба во регионот. Во наредните години судирите меѓу војската и  терористите се заострија и на дветестрани загинаа голем број луѓе.

Политикологот и новинар Асием ал- Дифрауи вели дека главна причина за насилството во северниот дел на Синај е пред сѐ тешката економска и културна ситуација. Тоа е погодно тло за ширење на идеологијата на ИД. „ На Бедуините сѐ повеќе се гледа како на граѓани од втор ред. Тие живеат во тешки економски услови и често им се префрла дека се криминалци и криумчари“, изјави Дифрауи за ДВ. Тој вели дека Бедуините не профитираат од богатствата на Синај, како што се изворите на нафта или туризмот.

Потсетување на израелската окупација

Гинтер Мајер, раководител на Центарот за истражување на арапскиот свет на универзитетот во Мајнци се занимава со социјална географија и уште од 70-те години на минатиот век во фокусот на неговата работа е ситуацијата во која се наоѓаат Бедуините на северот на Синај. Таа, имено, драматично се влоши, од почетокот на арапската пролет во 2011 година. Но, таквата ситуација влече корени од минатото.

Мајер за ДВ вели дека постарите Бедуини се сеќаваат на „златните времиња“ на израелската окупација, посебно по Шестдневната војна во 1967 година. Бедуините тогаш не профитираа само од израелските туристи туку и од инфраструктурните подобрувања, посебно во областа на медицинската нега и можностите за вработување, кои ги пружала воената управа. „Бедуините исто така заработуваа и од бизниси кои не се официјално одобрени, а тоа е одгледувањето на дроги, кои подоцна ги криумчареа ширум Египет.

Пораз на политиката

Асием ал-Дифрауи вели дека причините за тоа што нападите се извршуваат под знакот на милитантниот ислам треба да се бараат во ширењето на салафистичката идеја, која на тоа подрачје фати корени пред неколку децении и која се радикализира во насока на милитантен џихадизам.

Причините за таквата радикализација Гинтер Мајер пред сѐ ги гледа во пропаднатите обиди на Бедуините да ги артикулираат своите барања по политички пат. Нивните барања во Каиро не сака да ги слушне никој. Покрај тоа, ситуацијата за Бедуините по 1982 година, кога Израел се повлече од Синај, континуирано се влошува. 

До посебно влошување дојде по почетокот на изградбата на каналот за наводнување Ас-Салам во 1997 година поради што Бедуините загубија плодни ораници. „Со проектот на доселенички семејства им припаднаа подрачјата долж делтата на Нил, а на мештаните песочните области на периферијата“, вели Мајер и додава: „Кога отпорот се радикализираше, египетската полиција уапси голем број жени, со цел на властите да им се предадат нивните мажи“.

Корените на една болест

Во 2014 година, речиси една година по соборувањето од власт на Мохамед Мурси, еден дел од Бедуините одлучи да ѝ се приклучи на ИД и притоа добија оружје од Либија. Оттогаш, вели Мајер, насилството постојано ескалира. За време на судирите егитепските сили бомбардираа и населби. „ Врв беше уривањето на стотина куќи, со цел, поради безбедносни причини, да се направи тампон зона долж Појасот Газа“, вели Мајер.

Како против терористичкото насилство на Синај? Ал-Дифрауи вели дека воен одговор би бил контрапродуктивен. Египќаните повторно мора да воспостават дијалог. „Владата на Ал-Сиси истотака мора да се врати на помирливиот курс. Се грижиме само за симптомите, но не и за коренот на оваа болест“, вели Дифрауи.

Коалицијата, која Бедуините на направија со ИД, води до тоа насилството досега главно да биде извршувано пред сѐ против Коптите- египетските христијани. На нишанот на терористите сега, меѓутоа, се најдоа и суфистите. Исламистите и нив ги сметаат за отпадници од радикалното толкување на сунитскиот ислам. Гинтер Мајер смета дека џихадистите нема на нишан да ги земат работниците, кои не се Бедуини и кои се наоѓаат во Салине, недалеку од местото на последниот крвав напад. Тоа укажува дека џихадизмот не е само идеолошки туку и социјален судир, кој се води со најбрутални средства.

 

DW.COM

Реклама